Спомени - Георги Поп Христов

III.

Гоце Делчев во Битолско. Голема предавничка афера. Масовни апсења. Г.П. Христов в затвор. Битки во Крушевско и Леринско

Борбата меѓу врховистите и централистите се следеше само од раководителите, таа воопшто не се одрази во организацијата во Битолско; населението не знаеше за неа. Делчев долго и широко ни го осветли судирот. Тогаш од Делчев разбравме дека врховистите сакаат да навлезат во внатрешноста, да ја изнасилат работата за да го забрзаат востанието. Делчев кажуваше: „Тие сакаат да ја земат Организацијата во свои раце и да го дигнат востанието кога тие ќе решат дека е моментот погоден, бидејќи тие, како поблиски до раководните кругови во Бугарија, подобро го знаеле тоа". Делчев беше на мислење да им се дозволи да влезат, но само при прифатливи услови за Организацијата, а не како што предлагале тие. Тие сакале да влезат со свои чети и четници, со своја придружба, со материјали и сл. додека Делчев се согласуваше да дојдат само некои од нив, но посебно, било тајно или со пасоши и да работат како учители, или како војводи или инструктори во организациските чети. Сите ние го одобрувавме мислењето на Делчев. Ние ја чувствувавме потребата од воени лица, способни да ги обучуваат четниците. Тоа му го кажавме на Делчев, а имавме доставено и писмено барање до ЦК да ни испратат такви лица за војводи. Ние, откако слушнавме за борбата меѓу врховистите и внатрешните, не се вовлекувавме во неа и не ги прекинавме подготовките.

Делчев, околу 20 јануари, замина од Битолскиот округ во Воденско. Есента и во Битолско се организира чета, на чело со војводата Стојан, од Битуша (Битолско). Прекарот му беше „Донски" (псевдоним).

Во зимата имавме афера поради предавство. Случајно се запали слама во селото Егри (Битолско). Сламата што се запали беше на еден кој не беше вклучен во делото, а кој имаше брат кој беше вклучен. Тие се карале меѓу себе. Првиот, Петре, го обвинува брата си, па дури и го предава на ќајата; случајно бил таму и чаушот со 13-14 аскери. Петре го наклеветил брата си како лош човек кој имал работа со комитите. Иако тепан, брат му ништо не признал, а чаушот и ќајата го обвиниле Петрета дека го наклеветил брата си. Тој тогаш рекол да го фатат селанецот Насте, да му удрат ќотек и тој сe ќе кажел. Така и се случило. Насте го предал Јосиф Петков (од с. Жабени, преселен во Битола, курир на четата). Го фаќаат и го мачат - и тој по ред ги кажал имињата на работниците од Битола и од селата Егри, Жабени, Барешани. Уследија апсења. Ги предале пушките. Во Битола предадените беа поапсени. Тогаш и мене ме уапсија. Некои избегаа во четите. Тоа се случи на 19 февруари 1902 година.

В затвор останав 8 месеци заедно со 35 души, граѓани и селани, сето време во Битола. Потоа јас и уште четворица бевме осудени на смрт. Другите беа осудени од 101 до 3 години. Јосиф ги предаде и леринскиот курир, Ќосе Золе, и крушевскиот курир и пренесувач на оружје. Леринскиот пак, од своја сграна, ги предаде леринските градски и селски работници. Крушевскиот, Коле Влаше (од Крушево) исто така ги предаде крушевските работници. И таму уследија апсења и пресуди. Аферите се намножија, а од тоа во пролетта Организацијата се засили зашто многумина се префрлија во илегала и отидоа во четите. Тогаш, на 25 март, првпат, се биеше и се распадна чета во село Кадино (Прилепско), под раководство на војводата Методија Патчев (охриѓанец). Неговата чета, составена од 7 души беше предадена, опколена во една куќа, та сите се самоубија. Архивата беше заробена, па се направи голема афера - 100 души, прилепчани лежеа в затвор, и граѓани и селанн. Оттогаш зачестија средбите на четите со потерите, како и аферите и апсењата. Судир имаше во селото Ракитница: крушевската чета на Велко војвода беше опколена, Велко и неколкумина негови другари беа убиени, другите избегаа, а четворица живи фатени и однесени в затвор. Тогаш и четата на Марко случајно се бие со Турците во селото Трсје (Леринско). Во битката паднале неколку Турци, а четата без жртви се спаси. Во селото Пателе, пред да влезе Марко во него, гркоманите од ова и од селото Горничево се договориле да го предадат Марко и неговата чета на мудуринот во Сурвичево. Разбрал за тоа Марко и отишол да ги казни гркоманите и бугарските чорбаџии во Пателе. Со 50 души влегол во селото. Власта била известена за тоа (на 6 јули 1902). Го опколуваат Марко и неговата чета, почнува битка, а Марко по првите пукотници, се обидува да излезе на чело на четата и паѓа. Тогаш четата се враќа во селото, кај што се бијат цела ноќ. Во текот на ноќта поголем дел од четата успева да пробие пат. Абдураман (Дине), Марков четник од село Пателе, четири дена се бие заедно со своите другари и најпосле се самоубива, а неговите другари се предаваат живи. Тие беа селани - Марко беше ја дигнал „милицијата" од селата. Турците со артилерија запалија неколку куќи во селото и отепаа неколку жени и деца.

Остатоците од четата на Марко повторно се опколени во селото Крушоради. Беа отепани началникот и повеќето од другарите, а целото село (малото Јуруко) беше изгорено (15 куќи). Имаше и други слични случки. Во селото Чорлија, близу Битола, беше опколена битолската чета и целосно уништена, се спаси само еден. Во Избишта (Ресенско) исто така беше опколена чета; тука беше дошле и други чети да се сретнат со Давидов кој дошол исто со чета („ревизорска чета"). Турците намирисале и ги опколиле ресенската и охридската чета. Давидов дошол на помош. Почнала голема битка во која зеле учество и селаните од околните села - прв случај кога селаните со оружје пристапиле на помош на четите. Тоа било на 18 јануари 1903 година. Турците отстапиле. Паднале 15-16 души, селани, а Турци многу повеќе. Давидов заминал во Охридско.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина