Спомени - Георги Поп Христов

V.

Борби и турски ужаси во текот на востанието. Тепаните во село Арменско. Запирање на востаничките дејствија. Г. П. Христов низ Грција доаѓа во Варна

Според планот, во секое село востанатите селани направија по нешто: ги истепаа Турците, ги урнаа водениците, ги запалија кулите. Јас со 200 души од селото Екшису ја нападнав станицата - магазите ги разурнавме. Пред тоа паднаа тројца аскери, ги извадивме шините од железничката линија, ги искинавме телеграфските жици и отидовме во планината. Уште утрото на 20 јули сите кои беа слабо вооружени, ги вратив назад, во иивните села. Останавме околу 80 души од Екшису. Се поделивме на 4 чети со по 20 души, со посебни војводи. На секој војвода му определив место - каде да се движи и работи, речиси за секоја вечер - да ги напаѓа мостовите, телеграфските жици. да ги уништуваат Турците по патот, да ги напаѓаат турските логори и во текот на ноќта да бегаат в планина. Истиот распоред го давав и на други места. Другиот ден отидов во друг центар.

На 22, во месноста Плоча, блиску до селото Трсје се судривме со аскерот од Нерет, Псодери и од Лерин. Имаше околу 400 души пешадија, а освен тоа и кавалерија. Востаниците - околу 200 души - бевме добро утврдени на позицијата. Командуваше главниот војвода, а Турците по осум-часовна битка отстапија.

На 1 август имавме битка до селото Битоша, во шумата. Аскерот ја нападна селската чета (околу 15 души). Ние со 30 души отидовме на помош и почна битката уште од зората. Четата успеа да се извлече. Дојде поголема сила - околу 3000 души и иие моравме да отстапиме во планината. Тогаш војската го ограби селото Битоша и целото го изгоре; останаа само 8 куќи, а беа отепани 25 невини жени и деца. По ова војската се упати кон селото Раково. Можевме да ја задржиме околу 3 часа, додека селаните успеат да избегаат. Потоа Турците влегоа во селото и целото го изгореа. Веднаш по ова разбравме дека дека друго одделение на војската го напаѓа селото Був. Веднаш се упативме за помош, се отвори оган и заедно со Бувската чета, која броеше околу 50 души, ја задржавме војската од пладне до вечерта. Селаните успеаја да избегаат. Само 10-тина жени, старци и деца беа отепани, селото беше запалено, а црквата ограбена. На 4 август, заедно со костурските чети се токмевме да ја нападнеме писодерската кула, која на Турците им служеше како пункт. Планот беше пренесен и уште утринта бевме предадени. Се отвори оган кој траеше сe до вечерта. Бевме околу 400 востаници, наспроти 4000 души аскер и башибозук. Турците се биеја со планински топови, паѓаа гранати и меѓу нас, но никој не загина од граната. Во битката загубивме 5 момчиња од Костурската чета. Од Турците многу паднаа - до 200 души, зашто нашата позиција беше мошне поволна. Се повлекоа Турците зашто не можеа да не избркаат од позициите. Ние ја опколивме кулата, мислевме дека е празна, но тие се криеле внатре. Штом ја опколивме, тие почнаа да пукаат, ние почнавме со нападот. Се стемни и ние се повлековме, а тие цела ноќ пукаа. Аскерот, штом заврши пукањето, отиде во селото Арменско, кое се наоѓа блиску до патот Лерин-Костур, го нападна, ги потепа жителите кои не можеа да избегаат. Таму имаше на место изгорени и отепани жени, деца и старци, околу 120 и 33 ранети (точно изброени), 15 жени обесчестени, а потоа убиени, една мома - Таса Стојчева, најубавата во селото намерно ранета и обесчестена. Таа ноќ ја оставаат ранета, а другиот ден повторно минува аскерот, пак ја обесчестуваат и таа умира.

Јас со четата во селото влегов другиот ден. Ги собравме труповите. Беше страшно. Половина село е гркоманско, половината егзархиско. Грчкиот владика од Лерин му кажал на гркоманскиот поп Лазар, да не се поведуваат по комитите, туку да си седат мадро и кога ќе дојде аскерот да не бегаат, туку напротив, да излезат со жените и децата и да го пречекаат, за да го умилостиват. Така и направиле. Поп Лазар на чело со селаните, со жени и невести излегол да го пречека разлутениот аскер кога слегувал од Бигла. Прво нему му ја пресекле главата само отворил уста и почнале по ред да колат, да палат. Селаните се разбегале, се затвориле. Турците го изгнасиле и го запалиле селото. Кој ќе излезел го убивале уште на прагот, кој ќе останел внатре, од страв или се скрил, жив изгорувал. Имаше трупови половина изгорени, а други сосема поцрнети. Многу жени се спасиле со пари, бегајќи. Имаше и деца отепани. Тоа го направија башибозукот и аскерот.

Во битката фрлавме бомби. Имавме 20-тина манлихерки. Бевме наредени во круг. Не биеја со артилерија, па директно, па пак со артилерија.

Ги собравме сите жртви по доловите и ги погребавме. Ранетите ги собравме во манастирот, кој остана цел зашто е надвор од селото. Остана и училиштето, а куќи здрави има само две. По 2-3 недели селаните направија колиби, а некои се преселија во Лерин.

Потоа ги собравме селаните од Був, Раково, Арменско и ги испративме во Битола да се жалат кај конзулите. Раковчани и Бувчани успеаја да се пожалат, но дрменчани не ги пуштија. Дојдоа комисии и милосрдни сестри. Настапи затишје кое траеше до 13 август. Тој ден заедно со костурските чети го нападнавме влашкото село Невеска. Нашите чети се биеја 2 часа. Внатре имаше 50 души аскер. Мудурот избега на време, а потоа избега и аскерот. Имаше 7 отепани Турци, а живи беа фатени шестмина. Внатре беше запалена касарната, а телеграфската линија се испокина. Најдовме многу портрети од наши раководители, ја уништивме архивата. Еден ден го држевме Невеска во наши раце. На 14 август, од двете страни дојде голема сила - околу 15000 души војска - 5000 од Лерин и 10000 од Костурско.

Отстапивме во Врбица. Началници на костурските чети беа Чакаларов, Попов, Лазар Поп Трајков. Со нив бевме и на Бигла, од кај што не избрка аскерот, па пак отстапивме и се разделивме - едни отидоа кон Емборска планина, а други кон Корешта (во околината на Костур). Ние низ Клисура отидовме во Емборската планина. Оттогаш почна силна потера. Ги зафатија сите височинки, почнаа да претресуваат по планините, некаде и да ги палат. Ние постојано се селевме од едно на друго место.

Во целиот лерински реон вкупно имаше околу 460 востаници. Во исто време кога ние се биевме во горниот дел од реонот, имаше битки и во источниот дел, во Горничевско и Попадија. Таму имаше 260 души, поделени на мали чети. Прогонот - најкритичниот период - траеше до почетокот на септември. Поради Одринското востание[1] војската почна да слегува од височините и планините и да се групира во градовите, а оттаму ги препраќаа по железницата накај Солун. Почнавме пак послободно да се движиме по планините, но не преземавме ништо посериозно.

Околу половината на септември, откако малку се созедовме, се подготвувавме да ги обновиме дејствијата. Штотуку почнавме со дрварите да ги уништуваме Турците, дојде известувањето од Штабот за прекинување на дејствијата и за распуштање на востаниците.

Во текот на прогоните, извесен број востаници се поколебаа и овде-онде почнаа да очајуваат и да го предаваат оружјето. Не беа мали прогоните - ги мачеа селаните, почнаа да ги палат селата. Сите села ги ограбија, многу невини работници беа убиени додека си ја работеле работата. Од мојот реон паднаа 50 востаници, а ранети кои заздравуваа имаше многу.

Дојде Сарафов и тој го донесе известувањето за прекинување на дејствата на 27 септември. Се сретнавме во Був на планината. Таму бевме предадени од еден Влав, бивш анџија во Був, и нападнати од аскерот. Не опколија ноќе. На разденување видовме дека сме опколени. Ние бевме 50, а Сарафов имаше 13 души. Уште од мугрите почнавме да се повлекуваме по еден ендек, но не забележаа и отворија оган, та почна битка во која дадовме 3 жртви, а имавме и 5-6 ранети. Тоа беше на 28 септември. Турците имаа 15-16 мртви. Турската војска броеше околу 1000 души, кавалерија и башибозук. Се спушти магла, почна и да врне. Сите бевме опколени. Овде загина еден ученик од гимназијата - Костадин Георгиев, родум од Зарово, По ова го собравме оружјето и ги распуштивме четниците, освен старите четници, „фирари", кои ќе немаа дерман од Турците, па ги испративме во Бугарија. Пушките ги скривме. На крајот ги обиколив со четниците селата, ги средивме сметките со „комисиите" (пред Востанието тне се нарекуваа „раководни тела") и ги оставивме горе-долу задоволни откако им кажавме дека привремено ги прекинуваме дејствата и дека ќе чекаме Европејците да издејствуваат реформи. Ако не дадат автономија, може пак да се дигнеме.

Се вративме преку Грција. Јас тргнав на 18 октомври со 9 души. Со мене дојде и Христо Настев. Во Грција не затворија во Волос. Успеав да избегам од участокот и да дојдам во Атина. Не испрашуваа кои сме и што сме. Не прашуваа зошто сме ги убивале Грците. - Убивавме шпиони, одговорив. Од Атина со параход стигнавме во Варна.


1. Се однесува на востанието дигнато по прогласувањето на Илинденското востание. Познато е како Преображенско, бидејќи е подигнато на православниот празник „Преображение“. (Б. На р.)

Почеток | <<Назад | Содржина