Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Јане Сандански

IV

По востанието Сaндaнски продолжува со агитацијa меѓу населението. – Се разгледуваат и судски дела. - Сандански, кој е против идејага за востание, останува здробен од веста дека во Солун се зело рeшение зa востание. - Сандански се објаснува со Делчев по тоа прашање.

Потоа стивна борбата и јас тргнав низ демирхисарскиот реон, да агитирам низ селата Голешево, Лехово, Крушово и Крчево. Во Крушово повикав и десетинамина гркомани, ги убедував. гн вклучив во делото. Вклучувањето во делото насекаде се вршеше со давање заклетва. Потем отидов во Серско, с. Броди - големо село со 1.100 куќи; тука се задржав 26 дена. Тоа беше сето разнебитено, имаше разврат, пијаници, комарџии, чорбаџии. Ги прегледав и сметките на општината, бидејќи имаше караници. Поставивме раководни тела, им дадовме упаства и сл.. Потоа заминав во с. Баница, од каде, преоблечен во свештеничка облека отидов во Серез и таму се задржав четири дена. Се сретнав со раководителите, зборувавме за дисциплината на комитите, и за други организациони работи. Четата насекаде убаво ја пречекуваа. Потем во с. Дутлија, како што беше вообичаено, ги собрав селаните во црквата, им говорев и др.. и пак преку Баница и Броди заминав во с. Караќој (Неврокопско). Таму по ред разгледавме голем број дела - за земање - давање. На пример, се суделе за некоја нива за 4 лири и за судења едниот потрошил 26 лири, а другиот 22 лири. Ние ги повикавме, донесовме пресуда, тие си простија и се помирија, заврши делото и др.. Оттука отидов во с. Тарлис (турско-бугарско село). Тука чета не доаѓала. Им донесовме пресуда по едно дело меѓу општината и еден чорбаџија, за вода за воденица и за коријата. Назначивме една комисија од друго село - од с. Караќој, направија план за водата и сл., делото се реши со добро.

Потоа отидовме во с. Ловча. Двајца другари од Ловча – Хр. Бадински и Крсто Савов се вратија во Бугарија, а Стојо Хаџиев (од Голешево) си отиде во Голешево легално и стана учител во Д.Сушица (Малешевско). Останав само со четиримина. Разгледувавме дела, сметки на општината; со коџобашиите и др., заседававме 6-7 дена Тоа беше во декември, до околу 11. истиот месец. Оттука - во Гајтаниново. И тука многу сметки и судски дела. Не правевме воени вежби. Во Неврокопско имавме 200-300 пушки. Во Демирхисар 150, во Серско 150, во Драмско 100 пушки. Вечерно време сн правевме вечеринки, игри со момчињата, на пр.: „во нашата градина се родиле толку тикви - не се 21, а 1, - не е една, туку 5" и др.. Друга игра се викаше „пошта", една друга:„на ти едно печено јајце" и сл.., и којшто ќе се збрка, за казна има да рецитира, да испее нешто. Со такви игри си ги поминувавме вечерите. Во нив земаа учество не само момчињата од четата, туку и селаните, па кога ќе се собереа по 20-30 мина, многу убаво си поминувавме. Туку последен ден Божиќ во Гајтаниново гледаме кај трчаат стуштени жените, си ги соблекуваа новите и облекуваат ветви облеки. Доаѓаше аскер од 50 мина, што остана таму во селото. Отидовме за с. Тешево. Таму имаше еден Турчин од Разлог, многу лош, па беше дојдено заповед од Неврокоп четата да го начека, кога ќе се враќа од Серез, но овој не се врати и поради таа работа се откривме. Аскерот го опколиса селото, а пак се случи така, што јас се најдов внатре. Еден Циган беше забележал дека од куќата, во која бев, постојано влегуваат и излегуваат луѓе и Циганот си се запрашал зошто влегуваат толку многу луѓе. Му одговориле дека невестата се мачи да се породи. И кога се разбра за ова, домаќинот порача невестата да легне, дека божем е во породилни маки, а ние да се скриеме, па ако дојде аскерот, и земе да се распрашува, да се покаже невестата. Па и навистина оваа - за чудо - по малу ја фатија породилни маки и роди девојче. Таа му беше жена на Андон Јанев, терзија, и јас требаше да го крстам детето. Му дадовме име „Автономија" - на 27 декември 1902 година. Ова дете е уште живо.

Излеговме оттаму, се провревме низ аскерот (нн го фатија курирот) и дојдовме во с. Јучдјурук (Неврокопско), и таму пак вршевме општа агитација меѓу сите, во црквата, потоа разгледувавме судски спорови и таму не затече Нова година. Дојдоа учители и учителки од Неврокоп, да се видиме, ни донесоа една баннца со паричка за касмет.

Уште кога бев во Ловча, добив писмо од Серез, во кое ме прашуваа за мислење дали треба да има востание, затоа што од Солун барале мислење дали да се преземаат само терористички акции, или пак да се крева востание. Одговорив дека не разбирам поради какви мотиви Централниот комитет дошол до становиште да прашува за востание. Побарав да ми се образложат мотивите за тоа. Ми се образложи дека мигот бил погоден, дипломатијата била наклонета, а па најпосле и врховистите инаку пак ќе создавале главоболки. Тогаш по тој повод ги собрав раководителите на мелничкиот реон: Даскалов Илија, род. од с. Калиманци, бил учител во Мелник 11 години, и од џумајскиот - Васил Хаџи Петров, од с. Гајтаниново, и од Неврокоп - учителот Балтов. И со нив (тоа стана во с. Тешево) го разгледавме прашањето за востанието. И се искажавме против неговото кревање, и јас во Јучдјурук испратив писмо во одговор. Им пишував и во Разлог, и тие да се изјаснат; и тие се нзјасниле против и единствениот делегат од Серез во Солун бил против кревањето востание. Споменатата вест морално не утепа; сосем друго мислевме за Организацијата, друго агитиравме, а сосем поинаку излегуваше. Веќе немав ни лице, ни срце да агитирам како порано. Ги оставив момчињата да агитираат. Просто плачевме. Од Јучдјурук поминавме во Буржози - Давчифлик, Баничан - Скребатно. Тука се задржавме 5-6 дена, во вршење агитација и претресување судски спорови. Има и 50 турски куќи, па таму кога не испраќаа, луѓето плачеа. Ни дадоа вечера. Еден го подготвува јадењето, а кој како доаѓа си носи лажица, леб и вино. Дојдоа околу 30 мина. Не испратија нас 5-мината, опкружени со нив, со гајда, поминавме крај турската стража во селото (деврието) и така се збогувавме. Тоа беше на 8 јануари 1903 година. Бев повикан во Серез за една многу важна работа. Поминавме преку Сингартиите, Либјахово, Ловча, Броди, Дутлиј. Тука дојдоа учителите Лазар Димитров, Ангел и Ѓорги Динев, и ни јавија дека во Солун се решило да се крене востание. Тоа беше како вистински гром да ме погодил. Паднав сосема сломен, не можев да одам. Пред да дојде она првото писмо, во кое ме прашуваа за мислење за востанието, бев сосема инаков, не усеќав ннту измореност, ништо...

Од Дутли отидов пак за Броди - потем за Калапот, а по три дена отидов во Горенци. Преку Неврокопско се вратив пак во Команич, и оттаму во Караќој, каде се сретнав со Делчева. Позборував со Делчева за востанието. Му реков: „Многу сте подраниле да кревате востание!" Му го реков тоа со иронија. Делчев одговори: „Што да се прави, излегоа многу бегалци од Петричко и др., и врховистите ќе ги употребат пак да се води борба со нив, а од друга страна и другарите сакале да се крене востание, на пр. Стефан Димитров, бившиот делегат, се откажал да се занимава со македонското прашање, штом не се решава за кревање востание. Затоа требало да се преземе барем терористичка акција". Јас му приговорив дека терористичка акција ќе повлече одмазди од страна на Турците и ете ти пак востание. „Ами ние зошто агитиравме против врховистите и зошто пред народот зборувавме поинаку?!" Освен тоа силно го прекорив Делчева што го прибрале и Сарафов, толку компромитиран и сл. Јас се согласував на терористички акции во смисла да се преземаат само од четите, и тоа на пруги и мостови, далеку од селата. Најпосле со Делчев постигнавме согласност против секакво кревање востание и тој и Кошанов останаа да напишат во таа смисла.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина