Спомени - Лазар Димитров

2. Напад на селото Издеѓлавје

Кога се дозна за општиот напад на Издеглавје, на 21 јули 1903 година, со своите чети заеднички дејствуваа: Коста Иванов, подвојвода, со турјанската, сливовската и арбинската чета; Смиле со реовската, лактинската. врбјанската и годивјанската чета; Поп Георги со слатинската и мраморенската. Смиле се движеше откај Песочен, Коста откај Ново Село, Поп Герги околу Оздоленско, по реката. Утрото, во 7 часот на 21, сите чети отворија оган против аскерот, кој беше во шаторите, како и против мудурницата. Штом се раздени, аскерот од шаторите се префрли во мудурницата, од каде што отвори оган. Аскерот броеше 88 души и 13 души башибозук, а четите броеја 280 души. Битката траеше два дена и една ноќ (на 21 и 22 јули). Првиот ден седумина од аскерот успеале да излезат од кулата, отишле во Песочен, го дигнале башибозукот и удрија на четите од Смиле. На 22 на аскерот му дојде втора помош - околу 800 души, аскер и башибозук. Аскерот удри од двете страни, а битката продолжи до вечерта. Нашите чети мораа да отстапат. Еден дел од четата влезе во кулите во Оздолјани и отепа двајца Турци-сејмени. Кај четата имаше еден мртов и еден ранет. Бројот на отепаните Турци не е познат. На 22 даночникот е ранет, потоа еден заптија и еден од башибозукот. И четата имаше мртви. Сите чети по битката се повлекоа на своите места. Вториот ден (на 22-ри) четите, ги фатија селски Цигани и ги пратија со писмо до јузбашијата и мудуринот да се предадат. Истото му го предложија и на аскерот, но тој одби да се предаде.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина