Спомени - Михаил Герџиков

I

Биографски податоци. - Герџиков станува учител во Македонија: принуден да го напушти учителствувањето стапува во четата на Чернопеев. - Герџиков станува комитски војвода. - Неслоги меѓу четите. – Г. во Бугарија. - Вратен во Македонија Г. попусто бара да се добере до парични средства за В. О. - Борба со турска потера.

30 март 1910 год.

Роден сум на 26 јануари 1877 год. во Пловдив. Татко ми, Иван Павел Герџиков, е од Коприштица, а мајка ми, Магдалена Илич, од Батак. По ослободувањето на Бугарија, татко ми беше претседател на Врховниот суд во Пловдив, а по обединувањето беше директор на банка. Тој има завршено болградска гимназија. Јас своето основно образование го добив во Пловдив. Уште од трето одделение поминав во францускиот пансион во Пловдив, и таму учев до IV клас, а потем - во бугарската гимназија во Пловдив и Сливен. Во 1897 год. учев VII клас во пловдивската гимназија, но не го довршив. Есента истата година заминав за Швајцарија, и се запишав да студирам право на Лозанскиот универзитет, само првото полугодие, а потем уште три полугодија во Женева. Во Софија во 1899 год. се вратив од Швајцарија, и таму бев два месеца. Оттука есента заминав во Македонија, за учител во битолската гимназија. Таму беа наставници Дамјан Груев, Васил Пасков, Петар Мартулов. До крајот на учебната година останав во Битола. Во време на распустот дојдов во Софија. Во тоа време се случи аферата со поп Ставрета, кој рекол дека моралните убијци сме Груев и јас. Дамета го уапсија, а јас бев тука.

Во септември 1900 год. бев назначен за учител во Струмица, но владиката Гервасиј не сакаше да ме прими, затоа што на крајот од учебна година од Егзархијата бев исклучен како учител. Организацијата ме предлагаше за учител, Егзархијата му достави список на владиката, за да се откачи од мене, а Гервасиј не се согласи, очевидно затоа што узнал оти сум член на Организацијата. Заминав во Солун, и го заменив како секретар на Централниот комитет еден член, не се сеќавам кој. Во Ц.К. беа д-р Хр. Татарчев, Хр. Матов и Пере П.Тошев.

Во Солун не се задржав многу, едвај едно месец дена, затоа што се досетија дека сум Герџиков, а уште во Битола се наречував Луканов. Избегав. Во крајот на октомври 1900 г. отидов во кукушката чета. Војводата на четата Чернопеев беше дојден во Солун, кај што се криев јас, да се лекува од раната. Го лекуваше д-р Татарчев, па заедно со Чернопеев заминавме во неговата чета. Во с. Грамадна (еден час до Кукуш) се ставивме со четата, беа 7-9 мина. Со четата одев до месец март 1901 год.. Чернопеев ја водеше организационата дејност, а мене ми ја оставија агитационата. Вториот месец се разделивме со Чернопеев, ја разделивме четата на две - по четири мина. Јас ја зедов полската чета, а тој горската. Троа се бев подизвежбал и за организационата работа. Петар Јуруков, род. од Карлово, со петокласно образование, беше со мене; вториот комита беше Гоце Китин од Кукуш, - тој беше нашиот чичероне, а третиот се викаше Тодор Сермелинчето - од с. Сермелин, гевгелиска кааза. Тој беше завршил пети или шести клас во солунската гимназија. После стана реонски началник во Гевгелиско.

Кон март 1901 г. добив писмо од Ц.К. да земам еден другар од четата, и да заминам за Прилепско, како реонски началник. Писмото ми го донесе Туше Делииванов: тој беше околиски инспектор. Со себеси го зедов Јурукова. Пред тоа се сретнав со Чернопеев, за да му ги предадам работите. Тој ме допрати до с. Бојалци. Тука добив второ известување од ЦК, дека во гевгелиската чета дошло до неслога, дека Иванчо Карасулијата разбојникувал, та требало да се одбијам од патот накај селата Конско и Сермелин (во гевгелиската кааза, во падините на планината Кожув). Таму, во Конско, беа двете чети - на Карасулијата и реонската чета, што беше под водство на Антон Ќосето. Во неговата чета имаше писмени момчиња, како Никола Дечев, другар на Јуруков, и други од металското училиште, што беа организирани од Гоце Делчев. Задача ми беше да ги помирам. Антон Ќосето имаше ајдучки застранувања, па пописмените момчиња, како Никола Дечев, не можеа да го поднесуваат. Од Гевгелиско преку Тиквешко и Мариовско требаше да заминам за Прилепско. Одејќи за Конско, го преминавме Вардар и стасавме во Гевгелиското село Муин, што беше гркоманско. Аргир Манасиев, гевгелиски околиски раководител и учител во Гевгелија, нe беше упатил во тоа село, да се обидеме да го организираме, во што и успеавме. Четата влезе внатре и не прифатија. Се задржавме два дена. Учителот беше Грк, попот - исто така Грк. Тие присуствуваа на собирите, и тие се согласија така што во Организацијата влезе и учителот Манасиев. Тука имаше само две доверливи лица.

Во тоа време Чернопеев имаше борба, - првата борба кај с. Бојалци, што ги штрекна Турците, и тие испратија потери. Поради тоа патот ни беше препречен од турски потери. Туку сепак стасавме во Конско. Тука се сретнав со двете чети, првин со едната, а потем и со другата. Отпрвнн чинев дека ќе се постигне спогодба меѓу другарите од гевгелиската чета, откако ги зедов со себеси некои од побујните. Исто така си мислев дека и Карасулијата ќе се заполти, ќе се согласи да работи. Пред да пристигнам јас, имало селани, дошле кај Карасулијата што ги убедувал дека со Турците треба да се расправаме како можеме, да ги убиваме кај можеме. Еден алваџија, Арнаутин, стасал во селото, и селаните според поуката од Карасулијата, го убиваат, го отепуваат и магарето, ги затрупуваат труповите, ја земаат алвата и така. Брат му на алваџијата доаѓа во Конско, да го бара брата си, и тука се открива убиството, ги наоѓаат труповите. Уапсија некои од убијците селани и се крева цела афера. Јас пристигнав, а по три дни почнуваат претреси во врска со таа афера, што се проширува од Конско во Сермелин и сл. Иванчо Карасулијата се најде на тесно, бидејќи населението го обвинуваше него, а и околиската чета го обвинуваше, дека тој проповеда така - да се постапува на разбојнички начин, а пак тој ги обвннуваше нив, оти тие не знаеле како се работи, дека тој 15 години дејствувал така, и ништо не му станало. Се уверив дека не може да се стори ништо за помирување, па решив да ги кандардисам и Ќосето и Карасулијата да отидат во Бугарија. Се криевме околу еден месец - повеќе на Кожув Планина, каде по врвовите имаше пештери, снегот не беше уште кренат - (во месец март.). Тие се согласија заедно со своите комити да дојдат во Софија (дотогаш не доаѓале во Бугарија) - Карасулијата со десетина мина, Ќосето со 12 мина, и така под мое раководство бевме околу 25-26 мина. По пат, кај с. Родна (Тиквешко) се сретнавме со Крсто Б'лгаријата, што се беше скарал со својата чета, па и него го прибравме. Јас им влевав надеж дека во Софија Организацијата ќе им даде добро оружје (само еден имаше пушка манлихерка), добри облеки и др., и дека потем ќе се вратиме да дејствуваме. Употребив итрина, за да ја ослободам околијата од овој човек, Карасулијата, кој имаше разбојнички инстинкти, а со сила со него ништо не можеше да се стори.

Кога поминавме преку Струмичко, каде аферата беше засегнала некои учители, што биле од Гевгелиско, нам ни се приклучија двајца учители (Бардаров и уште еден). И тие заедно со нас тргнаа за Бугарија. Јас му јавив на ЦК за причините поради кои сум постапил така, и зошто одам во Бугарија, а не во Прилепско.

Во почетоког на април 1901 год. стасавме во Бугарија, откако поминавме преку Петричко слеговме во Ќустендил. Веднаш му испратив телеграма на Делчев во Софија, да дојде. То јдојде и ми одобри како сум постапил, бидејќи сум успеал да го доведам Карасулијата. Му дадов податоци за гевгелиската афера. Му го предадов и Карасулијата, кој со своите другари дојде во Софија. Кај него имаше пари од различни ограбувања. Штотуку во Гевгелиско ограбил од еден Турчин 100 лири, па тој и неговите другари во Софија му удрија на пиење и веселби. Тој разбра, откако падна под влијание на нашите непријатели, дека сме го изиграле, и му стана орудие на генерал Цончев.

Во Бугарија јас останав до крајот на мај истата година (1901 г.). Во тоа време ние се бевме скарале со сарафовците. За Цончев уште немаше ни збор. Усеќавме голем недостиг од пари. Внатре во Македонија исто така немаше средства. Јас и Делчев, па донекаде и Ѓорче Петров (тој барем знаеше што кроиме), решивме, за да ја закрепнеме Организацијата, да прибегнеме до некакво ограбување.

Штом слеговме во Ќустендил Крсто Б'лгаријата, по настојување на Делчев, се врати назад со задача да помине заедно со Попето во Гевгелиско, за да ја задушат аферата. А тогаш Попето токму се готвеше да замине внатре, и оттаму Крсто да отиде за реонски војвода во Тиквешко, а Попето да слезе долу низ Кукушко. Јас отидов во Пловдив кај своите, и се вратив пак во Софија, и тогаш тука фативме да се предумуваме за пари. Делчев ми даде бланко дозвола, каде и да ми се укаже по патот можност, без да ја подложувам на опасност Организацијата, на секој начин да се доберам до пари. Ми ги даде најдобрите момчиња, меѓу кои беше Иван Варналијата, од Велес, мој најдобар тогашен другар (сега е жив во Велес, фурнаџија. Тој има три класа образование). И Петар Јуруков, посака да дојде со мене. Имаше уште два - три мина месни луѓе од Малешевско и Радовишко, каде мислев да сториме нешто. Од Малешевците беше такавиканиот Петар Уже, прилично возрасен, 50-годишен, итер Малешевец, бивш арамија, му услужувал на Делчева и порано, кога Делчев го имал фатено бекчето. Делчев имаше голема доверба во него. На 3 јуни 1901 г. тргнав преку Ќустендил, бевме 7-8 мина. Заминавме за Малешевско, за да подготвиме некаков терен за прикривање, но не останавме во Малешевско, туку продолживме кон Струмичко, стасавме до селото Нивичани, што претставуваше клуч на каналот на Организацијата за надолу; оттука натаму врховистите не можеа да напредуваат. Еден многу добар селанец, бај Атанас Нивичански ја има заслугата што не пропушти преку својот пункт ниеден врховист. Тој имаше големо влијание меѓу селаните; одеше самиот, беше човек умен, смасен, итер, но благороден, чесен. Бездруго уште е жив.

Го распрашав за мислење бај Атанаса, дали може да се стори нешто. Тој ме посоветува да го повториме обидот да грабнеме некој од струмичките бегови. Јас се согласив, бидејќи тој ни вети да ми обезбеди храна и да ме крие во околноста. Ја оставив четата во планината. Имавме бомби и други работи. Јас, Иван Варналиев и бај Атанас Нивичански слеговме во полето да избереме место каде, како и кого ќе фатиме. Слеговме во село Дабиле, на два часа од Струмица. Таму се сретнавме со Атанас Караман, обичен селанец, што минуваше за добар работник, појуначен, донекаде со ајдучки навики. Му се искажавме за планот. Се најдовме и со уште еден од реонските раководители, од градот, од кои еден беше кондураџија, ако не се лажам. Решивме да фатиме некој од турските бегови од градот, кога ќе одат за своите чифлици. Излеговме, преобдечени во селски облеки, за да го разгледаме местото. Уточнивме за сe, и јас се вратив во планина да подготвам сe, да ги земам другарите, и да се зафатиме со работа. Меѓутоа, ним им се сторило добро да се растурат, да отидат да се видат со своите блиски во околноста, без да може да ги задржи Јуруков, кого го бев оставил за свој заменик. А Петар Уже заедно со нив потем ги зел и сите конзерви и бомбите и сe што му било под рака и побегнал во Малешевско. Го затеков таму само Јурукова, и уште еден другар. Варналиев беше со мене. Само Малешевците со Уже беа избегале. Тогаш по ова предавство од другарите, не можев веќе да оперирам во оваа месност, и го витосав тој план. Бидејќи Делчев ми беше дал најпотполно полномошно, си помнслив дека во Гевгелиско ќе може да се стори нешто. Знаев дека таму ќе ги најдам Крсто Б'лгаријата и Попето. Им кажав за писмата од Делчев, и заедно размислувавме, - трите чети заедно да извршиме некаква акција од тој вид, па потем една од четите да ги води преговорите за откуп и сл., а другите две да си ја тераат својата работа. Се согласивме и тргнавме за Тиквешко, да фатиме некој бег. Тргнавме за натаму, но во тоа време во Тиквешката кааза поради старите разидувања меѓу Б'лгаријата и неговите комити, и поради не така долговремената дејност на Организацијата во тој крај, за Организацијата не знаеја сите луѓе, и не сите и` симпатнзираа, бидејќи дотогаш комитите не обрнувале главно внимание за моралната страна на своите постапки. Затоа селаните, што во Тиквешко се сиромашни и се ранат со бакрданик, не прифаќаа честопати без многу волја. Тоа потраја околу еден месец. Најпосле нe открија кај селото Праведник. Дојде една потера, водена од Селим Чауш. Тој што ја водеше потерата, еден тамошен Турчин, дејствуваше со башибозук. Нe открија кај реката Црна кај с. Праведник, дење, додека бевме легнати на отпочимок, и не нападнаа. По мала престрелка Турците се повлекоа, иако беа околу 200 мина, затоа што меѓу нив имаше мошне малу аскер. Нашите позиции беа многу добри, и затоа Турците накај 5-6 часот попладне се повлекоа. Штом се стемни, ние се извлековме. По неколку вакви мали среќавања со Турците, увидовме дека не ќе можеме да дејствуваме во овој крај. Во тоа време Кирил Прличев, раководител на реонот во Воден, ми испрати писмо откако узнал дека сум со четата, да дојдам таму самиот јас или да испратам некој од другарите, што заедно со уште еден-двајца да го организираат реонот.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина