Спомени - Михаил Герџиков

II

Г. се зафаќа со агитациона работа. - Борба со Турците кај с. Сборско. - Среќавање со врховистичка чета. - Делчев се оплакува од врховистите. - Г. ја протерува нивната чета, предводувана од Хаљо. - Г. со своите ранети другари пристигнува во Ќустендил. – Разидувања меѓу претставниците на Организацијата. – Парите од аферата мис Стон. -Г. во Виена.

Почнав да се уверувам дека оваа наша работа, - да одиме да најдеме пари, е само губење време и сили, и дека ако имаме добра организација, парите ќе дојдат и сами од себеси, а без организација и со пари, пак не може да се оправи ништо. Затоа им предложив на другарите - на Попето, Б'лгаријата и на Манасија, што беше избегал од Гевгелија, поради аферата, да си ја поделиме работата за организирање на реоните и да го витосаме барањето пари. Решивме тиквешкиот реон да го земе Б'лгаријата, кој го познаваше и беше дејствувал во него. За разидувањата не беше виновен тој, туку неговите другари. Населението имаше доверба во него, па мислевме дека Б'лгаријата најдобро ќе успее во тој реон. Решивме воденскиот реон да му се довери на Мих. Попето, што меѓу нас беше сметан за најтактичен организатор. А дотогаш преку Воден не беше поминала чета, Гевгелискиот реон остана на Аргир Манасиев, што таму беше познат како бивш раководител, и уште повеќе како учител, а тогаш во четите учители имаше малцина, па имаше и авторитет. Јас намерував да заминам за Прилепско, и оттаму за Битолско. Уште додека бев во Софија, другари ми пишуваа да дојдам во Битолско, каде кај другарите имав оставено убави спомени. Овие советувања се направија во Сборско., на јужните падини од планината Кожув, без да го прашуваме ЦК.

Прв замина Б'лгаријата, потем и Аргир, а јас со Попето останав во Сборско. Попето ме замоли да му покажам неколку уроци за обид за агитација пред селаните. Тој се чувствуваше слаб од таа страна, не беше интелигентен.

Еднаш во Тиквешко се случи така што цели три дена да не каснеме ништо, и бевме многу преслабнати. Го фативме еден овчар и го испративме по леб; сите бевме излегле. Едни спиеја, а Попето се крпеше. Седнав до него, и имав земено донекаде очајна поза. Тој не оставаше никого да се очајува, пееше песни, се пентареше по дрвјата, правеше шеги, не насмејуваше, воопшто не нe оставаше да очајуваме. Јас бев мошне задуман. Тој ме погледна, и ме запраша: „Абе, имењак, што си се замислил толку?" Јас му се оплакав дека сред овој народ, за кој сме решени да си го дадеме и својот живот, има и такви луѓе, што се готовни да не предадат и сл. Попето ми одговори: „Знаеш, јас не тргнав заради тие луѓе, што не предаваат, туку за онне луѓе во народот, што чувствуваат и мислат како нас. И ако имавме сретнато од тие луѓе, бездруго ќе ни дадеа леб. „Овој одговор ми остави силен впечаток, и јас се уверив дека Попето свесно се оддал на револуционерна дејност, а не како некои други војводи, кои, така да се каже, по инерција беа тргнале по општиот тек.

Попето бил во коњицата, знаеше да пука со левата рака, потем бил стражар во Софија, во времето на Стамболов, го испраќале да слуша во клубот на социјалистите, и тој таму дошол до заклучок дека тие луѓе не зборуваат глупости.

Во тоа време, додека ние сме се собирале во Сборско, некои од гркоманите во селото нe надушкале и нe предале. Една изутрина, штотуку разбудени, веднаш се крена тревога, селаните се растрчале, - селото опколисано од војска и прават претреси. Јас бее со Јуруков, Попето и Тодор Тетовчето. Штом разбравме, излеговме надвор од селото, и фативме накај планината. Турците пукаа, но не нe погодија. Зазедовме позиција, и до вечерта се биевме. Падна убиен Тодор Тетовчето, обичен комита, со трикласно образование; Јурукова го ранија во рамото, Попето трошка го ранија во вратот. Имаше убиено и од Турците, што се нафрлуваа од близина; тие дадоа повеќе жртви. Ние бевме само десетина мина.

Вечерта се повлековме и отидовме во селото Тушино (меѓу Конско и Сборско), ја сменивме маршрутата. Мртвиот го оставивме, откако му ги зедовме пушката и часовникот, а револверот го заборавивме. По малу слушнавме шест истрели, - очевидно со неговиот револвер пукале во неговиот труп. Јуруков беше ранет во раката, па можеше да оди.

Имаше и уште едно друго момче, рането во раката, но не се сеќавам за неговото име. Кога стасавме во Тушино, ни јавија дека доаѓа турска војска, та требаше да се искачиме погоре во планината, и да се најдеме над с. Сермелин во Гевгелиско. - едвај утредента. Ни соопштија дека доаѓаат „преноски" (оружје) за реонот, и дека треба да одиме накај Вардар, за да го преземеме оружјето за реонот. Истиот курир ни јави дека Делчев оди во Турција со насока кон Битолско. Ние тогаш решивме со Аргира Манасиев - пак се собравме тројцата - секој да си отиде во својот реон, а јас да заминам во Струмичко, па да го пречекам Делчев, и оттаму, заедно со него, да отидам во Битолско. Ранетите требаше да ги префлам по канал за Бугарија. Стасав во с. Василево (еден час од Струмица). Бев испратил курир во Струмица, да се распрашам каде токму е Делчев. Тоа беше во септември 1901 г. Во тоа време добив од Атанас Нивичански едно писменце, што тој го имал испратено по двајца селани, со порака да и го предадат на првата чета што ќе ја сретнат. Во писмото пишуваше дека една чета од 30 мина, многу добро облечени, вооружени со манлихерки, дошла во неговата околност, и побарала да ја пропушти по каналот и да ја снабди со леб. Атанас прашал дали таа чета е на Организацијата. Тогаш се одржа конгресог во Софија, што го беше избрал Стојан Михајловски за претседател. Ние уште си немавме ни поим за „врховизмот". Ги распрашав селаните, што ја беа виделе таа чета. Ми одговорија дека луѓето се непознати, убаво облечени, со медали на градите, некои со шубари и сл.. Војводата им се викал Хаљу. Јас имав слушнато за Хаљу, но не верував дека тој ќе стане војвода. Атанас пишуваше дека ја запрел четата со изговор дека куририте се далеку и сл., па да зачекаат и велеше тој може таа чета да ја задржи уште четири дена, а ако не, треба да биде пропуштена, има можност да ја одбие, а јас да му дадам поддршка. Според богатото вооружување „сe мзнлихерки" и сл. јас проценив дека тоа не се наши луѓе. Заклучив дека е поумесно да му напишам за ова на Делчев, за кој бев узнал дека е во близина, во Радовишко, да ми го каже своето мислење, па и да се најдеме. Писмото го пратив преку раководното тело во Струмица. Во тоа време Делчев ги испратил своите другари во Градско крај Вардар пред себе, а тој самиот останал за два дена да спроведува агитација. Тој ден, кога јас му напишав на Делчев, неговите другари биле откриени во Градско, и повеќето од нив биле убиени (20-30 мина) - сал малцина се спасиле. Кога Делчев го добил моето писмо, истовремено ја добил и веста за катастрофата што се случила со неговите другари. Под впечатокот од тоа Делчев ми напиша едно многу нервозно писмо, во кое ме упати во страшните работи во Бугарија. Се оплакува од Сарафов, Цончев и др., и изнесува заклучок дека треба да се надеваме само на своите сили, и да му се спротивставиме на секое надворешно влијание и сл.. Изразува жалење што не може да се сретне со мене, бидејќи бездруго треба да оди да се најде со остатокот од неговите другари, што ги разбиле. На мој предлог да отидам со него ми одговори дека бидејќи таа чета што дошла кај Нивичани, е цончевистичка, јас не треба да се откажам од патувањето во Прилепско и Битолско, туку да ги употребам сите сили да ја истерам таа чета од територијата на Организацијата. Истовремено Делчев ми јави оти слушнал дека некоја жена во Серско била грабната од нашите, па Делчев препорачуваше да гледаме да земеме повеќе пари, затоа што имаме голема потреба и сл., но да се вардиме и сл.. Откако го добив ова писмо, јас се откажав од желба да се сретнам со него, и да отидам во Битолско, туку решив да тргнам за Нивичани, за да ја гонам четата на Хаљу. Пред да тргнам му напишав писмо на бате Атанас, да ја собере таму милицијата и да гледа да ја задржи четата на Хаљу, додека стасам јас, туку на никој начин да не им дозволи пат за надолу. Ако бараат леб, нека ги залаже со леб. Во четата на Хаљу бил и Ив. Карисулијата, селаните го познале. Од сите тие подготвувања што ги направил Атанас Нивичански - собирањето милиција, Хаљу насетил дека тука се случува нешто, воопшто разбрал дека се подготвува некаква стапица. Затоа следната вечер се вратил назад накај Малешевско, каде кон мив им се приклучил и Петре Уже. Најпосле разбрав дека Петре Уже, 40-45 годишен арамија, тогаш избегал од мене, затоа што Делчев не му ја доверил четата нему, туку на мене, младо даскалче (учителите и пописмените тогаш со презир ги викаа „гонгули").

Решив да ја прогонам врховистичката чета, откако го земав само Бај Атанаса со 6-7 мина, со своите 10-тина мина и двајца ранети. За да можеме да ги натераме врховистите да избегаат, се послужив со една итрина, - пратив селани да прошират глас дека се составила една голема чета од мене и Делчева, потем и со чета од Бај Атанаса со милиција, па сме тргнале по нивните траги. Тоа помогна. Тие толку многу се исплашиле, што кога ја поминувале планината Голак, си помислиле дека сме им поставиле пусии, и почнале да пукаат. Турската војска, кога ги слушнала пукотниците, се покренува, а тие кога ја виделе, уште повеќе се исплашуваат, и уште истата вечер преминале во Бугарија, а ние утредента вечерта со Бај Атанаса стасавме до границата. Бај Атанас се врати назад. Тој не сакаше да влегува во Бугарија, за да не му се расипат момчињата.

Јас со Ив. Варналиев и со ранетите другари дојдов во Ќустендил. Тука на улиците се среќавав со луѓе од чегата на Хаљу. Тогаш Кепов издаваше весник во Ќустендил, па ми раскажа некои работи, а и јас во Софија напишав нешто во неговиот весник (статијата имаше наслов „Fiat lux") тогаш цончевистите уште одрекуваа дека испраќаат чети. Ги сместив ранетите во болницата во Ќустендил, а јас се вратив во Софија. Беше веќе месец октомври.

Во тоа време тука во Софија и ние си имавме свои несреќи. Претставници на Организацијата беа Ѓорче, Д. Стефанов и Туше Делииванов. Ѓорчета го обвинуваа за шмеќарство, Стефанова - за слабаштво и непознавање на работата. Ѓорче се беше скарал со Стефанов и Делииванов. Нашите момчиња немаа пари за јадење, а Сарафов им даваше кредити на оние што му се приклучуваа; тие поминуваа богато, пируваа, и тоа ширеше голема деморализација. Тогаш убаво го разбрав она за што ми расправаше во своето писмо Делчев.

31 март

Поради разидувањата меѓу претставниците на Организацијата останав тука да се позанимавав со нив. Па така остана да се занимавам и со работата со мис Стон, онака како што ми беше нарачал Делчев, па немаше и кој да ги води преговорите за откуп. Ѓорче беше во Трново, а Стефанов изјави дека не сака да се мавта со таа „валкана" работа. Отидов нарочно во Трно-во, за да ги кандисам, туку попусто. Ѓорче ја одобруваше акцијата со мис Стон, само препорачуваше претпазливост, и сакаше таа работа да му се остави тој да ја води, но другарите, Сандански и др., се чини дека тогаш имаа повеќе доверба во Стефанов, одошто во Ѓорче. Стефанов се плашеше да земе одговорност со таа работа. Со таа работа ми помина зимата. Одев во Ќустендил да ги нагледам складовите со оружје на границата, затоа што имаше опасност од врховистите, кон кои се беа приклучиле и иекои наши луѓе, што знаеја каде се складовите.

Во меѓувреме парите од мис Стон беа земени, но додека не дојде Делчев, не и` се предадоа на Организацијата да располага со нив. Делчев дојде во почетокот на пролетта, и тогаш на низа собири на поглавните дејци и претставниците, се изврши распределба на парите. Откако Делчев даде одобрување на сe што се направи, Стефанов се солидаризира и почна да троши од тие пари. Истата таа пролет пред Велигден заминав за Виена. Делчев го испратил Љапов да купи кошулки за патрони и олово. Но Љапов наместо да врши работа, безделничел и јас требаше да отидам да видам што прави тој таму. Го најдов таму. Тој како и обично ми се извинуваше, дека секакви шпиони, српски и руски и др., го следеле и му пречеле во работата. Јас ги донесов чаурите во Софија – и тогаш испративме некои чети за Македонија. Дојде Велигден.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина