Спомени - Михаил Герџиков

VI

Марш кон Василико. Герџиков со чега од 80 мина ги напаѓа касарните во Василико. Турските војници бегаат. Однесувањето на селаните востаници. - Храбриот комита, Русинот Николај. - Турските војници бегаат. - Акцијата во Инијада успешна. Заробени турски заробеници. Грчка делегација од Василико кај Герџиков. - Г. испраќа свој заменик, свечено пречекан во Василико. Силјанов фаќа тројца турски функционери. - Ранетите и заробениците се испраќаат во Бугарија.

Од Инијада тогаш осветлуваа со толку силни рефлектори, што не осветлуваа во шумата, каде бевме, така што се гледавме низ шумата, иако до Инијада имаше 50-60 км. Ние не можевме да ја видиме Инијада, и претпоставувавме дека оваа светлина е од електрични рефлектори од турски воени бродови. Не знаевме дека таму дошле руски воени бродови. Дури руски офицери, слезени за да одат на лов на сушата, сретнале едно одделение труски војници, што овие ги помислиле дека се наши комити. Во таа престрелка паднале неколку турски војници, а нивниот офицер, бегајќи се наврел на наши луѓе, што го убиваат, и му ја донесоа облеката и дури една карта, што ја нашле кај него. Зедов дел од момчињата на П. Ангелов, зедов и од секцијата на Шиваров, пак неколку момчиња селани, исто и од цихнихорскиот реон, и на таков начин се формира една чета од 80 мина. Со сите нив на З-ти август изутрината на разденување се најдовме на „Китката", врв над Василико. Ниеден од нас немаше одено во Василико; знаевме дека има две маала, турско и грчко, а не знаевме колку војска има таму. Меѓутоа, на врвот на Китката, (на еден час пат до градот) наидовме на ќумурџии Македонци, што секој ден одеа во градот да носат ќумур, од каде со чунови се препраќа во Цариград. Веднаш ги уапсивме сите, но се покажа дека сите тие се членови на Организацијата во Битола, кои уплатувале и членски влогови во битолската организација. Старите сосе коњите ги испративме во Бугарија а младите ги задржавме. Оние што не можевме да ги снабдиме со пушки, останаа да дејствуваат со секири, да ги пресечат телеграфските жици, бандерите и сл.. На еден од нив, што се чинеше најпредан и најразбран, можевме да му се довериме да отиде во Василико, да ги прегледа касарните и одделните установи и со тоа ни даде ориентација. И ние со бинокол можевме да ги распознаеме улиците, па самиот јас направив една скица на улиците. Се снабдивме со неколку тенеќии газија, пак од градот, - со помош на истиот Македонец, да ни послужи за запалување на турското маало. Малу северозападно од Василико се наоѓа турско село Потурнаково. Бидејќи овие Турци порано вршеле ѕверства, требаше да се стори нешто за да ги подисплашиме, за да не ни се спротивставуваат. За ова го одредив Георги Костандиев и му дадов бомби и неколку момчиња. Бидејќи истата ноќ требаше на неколку места во околноста истовремено да се извршат акции, бидејќи се наоѓаат во близина, па можат да се слушнат пукотниците, и бидејќи во Василико имаше доста војска, испратив курири во околните места, со порака додека не ги слушнат бомбите од градот и експлозијата во Инијада, ништо да не преземаат.

На 5. спроти 6. во еден и половина часот тргнавме од врвот кон Василико. Уште пред тоа момчињата ги распоредив во градот да дејствуваат вака: Силјанов со 20 мина требаше да го нападне домот на управата, каде имаше едно одделение вооружени стражари.Друго слично одделение требаше да го опколиса турското маало, а трето одделение со 5-6 мина требаше да го заземе патот меѓу Старо и Ново Василико (Старо Василико е турско маало, а Ново Василико - грчко). Тие се оддалечени едно од друго 3-4 минути пат. Сите други, што беа без оружје, ги испратив, веднаш штом ќе ги слушнат првите пукотници, да ги уништат телеграфските врски. Јас со околу 40 мина - со мене беа Иван Варналиев, и Карчо - требаше да ја опколисаме касарната и да ја нападнеме. Претпоставувавме дека во тоа време сите ќе спијат. Меѓу овие четириесет мина имаше само 15 комити, а другите беа селани од околноста. Во последен момент случајно узнавме дека во градот имало не една, туку две касарни, и дека во едната имало околу 500 мина, а во другата до 300 мина. Туку враќање немаше: ова ни го кажа еден овчар што не виде: тој беше Бугарин, член на Организацијата. Зедов да го распрашам настрана, му реков да не кажува ништо, а ништо не им реков ни на момчињата, туку одделив околу 25 мина и ги испратив за другата касарна.

Сите сосем лесно без да не сетат се доближивме до целта. Јас им кажав за времето на нападот на сите - по 10 минути, откако ќе влеземе во градот, секој да се најде на своето место, и да го исчекува сигналот, првата бомба. Секој од нас имаше по 2-3 бомби, тркалезни, со фитил. Уште пред да тргнеме, меѓу момчињата имало препирање кој да ја фрли првата бомба. За да не се скараат, решивме да ја фрли еден Русин, Николај, што беше попаднал во нашата чета. Јас го бев нашол во Бургас, еден талкач, дојден од Русија со брод. Тој се покажа како прекрасен човек. Се доближивме на 10 чекори до големата касарна, и сите се наредивме зад еден ѕид. Беше договорено најпрвин да се фрли бомбата, и сите да се втурнеме со бајонети внатре во касарната и да ги убиваме, за да не им допуштиме време да се доберат до оружјето. Крај вратата од касарната забележав еден стражар, што се рашетуваше пред вратата, и уште двајца на ширинката пред касарната, а на десетина чекори други двајца што си прикажуваа. Му бев рекол на трубачот (порано бил штапски трубач во Бургас), штом избувне бомбата, да засвири за напад. Николај ја фрли бомбата со запален фитил. Уште пред да влезе во градот тој запали еден долг фитил, што го криеше запален во ракавот, за да биде сигурен, и да не се искажеме и откриеме со светлината. Откако направи неколку чекори напред, и окара на руски, ја фрли бомбата. Кога експлодира бомбата, еден од оние двајца стражари свика: басталар бизe (се предаваме), а војникот близу до кој падна бомбата, истенка - беше убиен. Трубачот засвире напад, ние сите свикавме ура, и се втурнавме во касарната. Селаните ги бев поделил на два дела, - едниот да биде во резерва и да залегне, а другите со нас со бајонети да се втурнат во касарната. Туку во решавачкиот миг меѓу селаните дојде до толкава бркотница, што се испобркаа. Ние се втурнаеме кон касарната, а селаните, што требаше да трчаат со нас, залегнати заедно со резервата и од уплав, или господ знае од што, почнале да пукаат накај касарната. Јас, Варналиев, Карчо, козакот Николај и уште само двајца-тројца се втурнавме накај касарната, а сите други залегнаа и пукаат, и нас ќе не испотепаат. Николај истенка - го беа раниле во раката нашите селани. Кога го видов ова, се вратив назад заедно со другарите и им заповедав да одат по нас, а не туку така да пукаат. Пак тргнавме напред, и тие пак залегнаа и пак пукаат, па го ранија Варналиев во петици. Пак се вратив, го извадив револверот, и им реков дека ќе го убијам оној од нив што ќе пука. Им реков, ако не сакаат да одат во напад, барем да си ги подготват бомбите, и така ние пак тргнавме напред, а еден селанец си помислил, очевидно, дека сум им рекол да фрлаат бомби. Осетив дека нешто силно ме тресна во ногата, тоа беше бомба, што за среќа не експлодира, затоа што во својот уплав неговата милост или заборавил да го запали фитилот, или мошне лошо го запалил. Кога се свртев, видов дека нашите селани се повлекле назад. Зад нас беше морето, а пред нас касарната, и благодарејќи на морето, тие не нe оставија сосем, туку се повлекле до брегот за да се прикриваат таму, очевидно. Тогаш Варналиев рече да ги витосаме селаните, и да се обидеме низ прозорците сами да се втурнеме и да фрлиме бомби. Но во тоа време козакот, иако ранет, викаше „напред, напред, ќе се втурнеме", и беше почнал да ги крши вратите од касарната. Се вративме пак кај влезот во касарната. Во тоа време откај морето слушнавме пукотници накај нас: турските војници успеале да побегнат низ некои други врати на касарната накај морето, таму навлегнале во чунови. и оттаму почнале да пукаат врз нас. Тогаш јас им реков на селаните да пукаат барем накај чуновите, и тие почнаа да пукаат, накај морето. После видовме дека касарната е празна, дека турските војници побегнале, очевидно по куќите. Другото одделение кај втората касарна нашле само 5-6 мина, што ги потепале, а другите војници биле отидени за вооружена придружба на поштата и сл.. Нашите дојдоа кај мене. Тогаш пламна турскиот дел на градот. Само одделението на Силјанов имало да се бори со неколцина стражари и двајца офицери. Во тој миг слушнавме експлозија во Инијада, што е на 2-3 часа оддалеченост јужно од Василико, точно во 3 часот. И во Потурнаково во 3 часот избувнаа неколку бомби и пламна селото. Руските бродови беа таму, кај Инијада. П. Ангелов ја беше урнал кулата светилка во Инијада. Тогаш почнале да светкаат рефлекторите. П. Ангелов запалил еден дел од с. Инијада, што е чисто турско село. Во Василико во акција бевме не повеќе од 1 час, и веќе беше почнало да се зазорува, кога решивме да се повлечеме на зборното место, што си го бевме одредиле од порано. Трубачот засвире повлекување. Се вративме пак во истата планина, но на еден друг рид. Кога излегувавме од градот, не го забележав Силјанова и неговото одделение, слушав пукотници па го испратив Варналиев со неколку комити да му пријде на помош, да види што се случува и да се повлече, ако завршил со акцијата. Овој го пресретнал кога веќе овој бил на пат накај нас, откако ја извршил својата задача.

Кога горе се собравме сите, видовме дека нема двајца - тројца од нашите селани, за еден од нив знаевме дека е убиен. Имаше и 3-4 мина ранети. Ги преврзавме ранетите, и тројца од нив, што беа потешко ранети, ги испративме во Бугарија. Меѓу нив, што беа потешко ранети, ги испративме во Бугарија. Меѓу нив беше и Николај, кој беше тешко погоден во десната рака, па потем во Бургас му ја пресекоа. И наспроти тоа што беше толку тешко ранет, тој се бореше со револвер во левата рака. Силјанов беше довел тројца заробеници кои долго време се спротивставувале, не сакале да се предадат. Едниот беше началникот на пристаништето, воено лице, вториот беше началникот на царинарницата, а третиот началникот на поштата. Тројцата веднаш ни се оплакаа дека по пат биле претресени од комитите, и дека им ги зеле парите и часовниците. Тие одамна немале добиено пари, и штотуку недамна им биле исплатени платите и сл.. Јас ги пронајдов парите и часовниците, и им ги вратив. Началникот на пристаништето зборуваше француски, беше интелигентен. Ги распрашав што повеќе би сакале: да ги пуштиме, или да ги испратиме во Бугарија. Тие сфатиле дека востанието е општо бидејќи видоа дека помеѓу нашите има и селани што ги гледале во Василеко. Тие се плашеа дека ако ги пуштиме може да ги сретнат други ида ги потепаат. Затоа изјавија дека претпочитаат да ги испратиме во Бугарија. Така и сторивме - заедно со ранетите, разоружени ги испративме во Бугарија. Само на офицерот му ја зедовме сабјата. Ги испративме во Бургас.

Веднаш испратив курири по другите места, за да ме известат што направиле во тој реон, а ние си отпочинувавме. Икономов ја беше извршил својата акција не во Урумбегли, туку во Инџеќој. Утредента испратив едно мало одделение во Василико да видат дали има таму војска, да не доаѓа некакво засилување. По некое време тие се вратија со тројца граѓани Грци, како делегати од името на целиот град, Тие посакале да се сретнат со началникот на одредот, со мене. Ги рзспрашав и тие ми соопштија дека еден дел од турската војска избегал уште во текот на ноќта, а другиот дел од војската збришале од градот изутрината, а заедно со нив избегало и турското население, како и турското население од Потурнаково. Градот бил исчистен од Турците, па не канеа да влеземе во градот, каде ќе не пречекале со радост, за да им поставиме нивна управа, бидејќи останале без никаква власт. Им реков дека ќе биде испратено во градот едно одделение, а пак што се однесува за власта, нека си средат самите каква што си сакаат управа. Не прашаа какво знаме да издигнат („каква бандера да вдигним?"), а јас им одговорив дека нам ни е сосем сеедно - нека си креваат знаме какво си сакаат. Им реков дека нема да им наложиме реквизиција, но ќе бараме да ни даваат храна (брашно, сирење, кошови грозје и сл.). Тие изнесоа доста работи. Едно одделение замина кај нив со заповед да не останува таму на ноќевање. Веднаш дојдоа да ни се оплачат дека се појавиле пирати. Шиваров беше заминал таму. Тие го пречекале со биење камбани, со литании, со попови, дотерале и млади девојчиња. Ги поканиле на ручек, - одделно Шиваров, но тој не сакал да се дели од момчињата. Ги служеле убави жени и сл. Ги поканиле да останат на ноќевање, но јас строго им го бев забранил тоа. Им подготвиле различни подароци, часовници и одлично, но нашите одбиле да ги примат. Граѓаните си избрале една градска комисија. Шиваров им рекол дека ја смета таа комисија за одговорна за секое и најмало самоволие, што би го направила. Заповедал да ги изгорат сите даночни книги, сите официјални копии, да ги ослободат уапсените. Тоа беше извршено.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина