Спомени - Михаил Герџиков

VII

Преземените востанички акции успешно извршени во целата област. - Смртта на војводата Кондолов. - Привремено затишје. - Проглас до грчкото население во Одринско. - Нерешителност за акција од другарите од главното борбено тело. - Герџиков принуден за сe да решава и да распоредува самиот. - Турската војска почнува да дејствува офанзивно. - Паника меѓу бугарското население, масовно бегство кон бугарската граница. - Герџиков се труди да ги задржи Турците, додека се повлечат бегалците. - Логор на бегалци кај с. Аланкајрјак. – Шангов пристигнува со чета доброволци. - Жилен крај на востанието.

Добив известување дека преземените акции насекаде во таа област дале одличен резултат. Затоа решив да заминам накај Малко Трново. Тоа ме окуражи, па сакав да ги повикам другарите да се собереме и да го нападнеме градот Малко Трново. Три-четири ноќи едноподруго слушавме пукотници по границата, - значи нашите ги извршуваа своите задачи. Беа изгорени околу 16 турски караули. Турски војници талкаа по еден-двајца низ шумите, избегани од караулите, и тие или беа дотепувани, или заробувани, ние ги испративме едни во Малко Трново, а други во Бугарија. Некои турски војници што беа ранети ги испративме во Малко Трново.

Кога тргнав накај М. Трново испратив курири до Маџаров и Икономов. Тие ми одговорија дека се зафатени со месните работи, и неможат да дојдат да се сретнеме. Пред првиот ден на акциите, оној што требаше да раководи со движењето во реонот на С. Велика, Кондолов, беше убиен од Турците. Бил тешко ранет во стомакот. Се мачел неколку часа, ги молел другарите да го докрајчат, и тие фрлале ждрепка кој да го стори тоа, и така еден од нив му пукал во главата. Оваа загуба мошне силно ја почувствувавме. Војската во Урумќој, каде дејствуваше Икономов, не избегала; селаните сe онака исто лошо се покажале и Маџаров исто така не сторил ништо особено. Веднаш му напишав на Икономов самиот тој да отиде во с. Велика, да назначи заменик на Кондолов. Од Василико заминав на 7-ми август вечерта.

Во текот на сето време на востанието моите другари Маџаров и Икономов избегнувале да земат врз себеси каква и да е непосредна одговорност. Не сакале да издаваат никакви непосредни заповеди и сите ги препраќале кај мене за упатства. Кога ја видов таа нерешителност (Маџаров си беше таков по темперамент, не милуваше да се расправа со множество луѓе, да даде решително мислење), ги презедов врз себеси сите одговорности, па давав совети и распоредувања, дури и на другари што беа далеку од мене и по два дена пат. Тоа многу пречеше на акцијата, и ми поставуваше сопки. Икономов постојано се извинуваше дека е нов во дејноста, и дека би било поинаку, кога би биле заедно. Тие беа претерано скромни, а јас не сакав да бидам во ролја на главен командант, но потем увидов дека не можам да не ја преземам врз себеси одговорноста, и така и несакајќи се наложував на сите. Поради тоа го витосав својот план за М. Трново и решив да појдам во обиколка по другите реони, за да видиме што се случува. Со мене беа неколцина другари - Силјанов и др., Карчо се разболе од пнеумонија, та го испратив во Бугарија. Податоците, што ги собирав отсекаде, лично или преку курири, покажуваа дека турските војски насекаде, од границата до подножјето на Странџа до пред Лозенград - ја напуштиле револуционерната територија, со исклучок на градот М. Трново.

Како му така почнавме и внатрешно да се средуваме. Туку јас многу добро предвидував, каков ќе биде крајот. Населението беше весело, по селата играа ора, приставуваа гозби. Немаше мое-твое: во шумите, пред и после конгресот имавме подготвени складови; сиот род беше сместен, во брашно и жита, во заеднички амбари, во заеднички складови. И добитокот беше станал заеднички имот. Бидејќи зедовме многу пушки од турски војници, а бевме внеле и уште кримки од Бугарија, ги раздадовме на населението, и почнавме да ги обучуваме оние што знаеја да ракуваат со оружје. Според мое мислење ние си го изгубивме времето со тие помалку значајни работи. По десетина дена по востанието издадовме проглас до Грците на грчки, во кој ние велевме дека не се бориме за обновување на бугарското царство, не се бориме да преземеме територија, туку само за човечки права, дека и тие и Турците имаат потреба од тоа, па затоа нека ни дадат поддршка во морален и материјален однос. Силјанов го напиша на грчки. Овој проглас го растуривме по грчките села. Само еден Грк дојде во четата, еден 45- годишен човек. Ни едно од момчињата Грци не се одѕва на апелот. Затоа Петар Ангелов, јадосан, на своја иницијатива беше наложил парична контрибуција на некои грчки села - на Ахтопол, Василико и др.. Во Ахтопол има државна соларница, тогаш таму имало до 200.000 кгр. сол. Нам ни требаше сол за селата. Затоа му јавив на Ангелов да ја урне државната соларница, да ја извадат солта и да ги пуштаат селаните што ќе доаѓаат со коли да ја разнесуваат солта по селата. Грците не сакаа да го направат тоа, но Ангелов го изврши тоа.

Во тоа време ние очекувавме да ни дојде помош од Бугарија. Даев ми беше напишал дека Ерменците не го одржале своето ветување за Одринското прашање, па не можел ништо да направи. Во меѓувреме во Варна се формирала една комисија од одринци, за да собира помош во луѓе и пари. Оваа комисија вооружила четириесетмина комити, повеќето одринчани, емигранти и неколцина Ерменци, на чело со Даев, ги праќа кај нас. Знаев дека ќе дојдат и ги исчекував нестрпливо, бидејќи сметав дека Турците ќе почнат да дејствуваат офанзивно.

По 15-20 дена од востанието, по ваквото затишје од турска страна, почаа до нас да доаѓаат соопштенија од крајните точки на револуционерната област,дека се извршила концентрација на турската војска. Не помина многу време, и јас истовремено од три различни места добив известувања дека турската војска настапува од Дереќој по лозенградскиот пат, каде дејствуваше Маџаров, и од Одрин, по линијата на границата, за да удрат врз нас и од крилата, а истовремено во Инијада дошло до турски десант.

Отсекаде ме прашуваа што да се прави. Одговарав да се укажува сопротива, колку што се може, но кога силата е преголема, да се пази населението од колеж. Штотуку ја добиле мојата заповед, тие не можеле да ја извршат заповедта, бидејќи населението, кога насетило дека доаѓаат Турците, во крајните области на револуционерната територија веднаш избегало во шумата. Паниката се пренесе врз сето население, и сите се втурнаа накај границата. Во тоа време пристигнува Даев со својата чета. Јас го повикав кај мене, и го испратив да отиде во првите редици, за да се испречи против турската војска, од западна страна. Месноста во сета малкотрновска околија, каде дејствувавме ние, е обрасната густо со шуми. Не можевме да се запреме на ниедно место за некое посериозно судрување; па исто така и за Турците не беше погодно местото. Беше погодно само за пусии. Не можевме да се гониме еден со друг низ шумата. Турците што настапуваа, првин од далеку ги бомбардираа со артилерија шумата и селото, а потем влегуваа. Кога настапи оваа бркотница, јас, Маџаров и Икономов бевме разделени, и не можевме веќе да бидеме во врска, бидејќи војската навлезе меѓу нас. Тоа се случуваше околу 25-26 август.

Таму кај што бев јас, едвај најдов една месност со два голи рида, и таму се окопавме, решени да поведеме борба. Бевме само 60-70 мина, сe само селани, а само 15-20 мина комити. А населението беше избегано по шумите. Бидејќи имаше некои излезени пред нас, се потрудив да отидат зад нас, па така полесно да побегнат по нашиот пораз. Таму три дена се држевме на позициите, туку Турците избегнуваа да стапаг во борба, не поминуваа со заобиколување. Најпосле решив некако да ги предизвикам. Испратив едно мало одделение на една не мошне значна тумба, со заповед, кога ќе забележат Турци, да отворат оган врз нив, а потем да се повлечат накај нас. И навистина стана така, и ги нападнаа турските војници. Овие исто така истрелаа неколку плотуни, се заврза мала меѓусебна стрелба, нашите имаа надмоќ. Јас зедов неколцина другари, и отидов како зајакнување. Но во тоа време Турците се повлекоа. Не поминаа ни два часа, веднаш почнаа да не засипуваат со оган, со артилерија од прикриено место. Ние се наоѓавме на главната позиција. Отпрвин селаните се исплашија од гранатите, но потем се окуражија. Гранатите паѓаа отпрвин зад нас, и пред нас. Се виде дека Турците не можеа да ја одредат далечината, и кога отпочнаа да пукаат, сите штрапнели паѓаа на едно 300 метри пред нас. Оваа пукотница продолжи до вечерта, а ниеден Турчин пешадинец не се појави. Беше очевидно дека во артилериска стрелба Турците беа аџамии.

Во текот на денот населението што се наоѓаше на 1 час оддалеченост од нас ги слуша топовските татнежи и во паничен страв, повеќето жени и деца, бегаат накај бугарската граница, а мнозина од нив беа кај нас, кај мене. Решивме ноќта да останеме на своите позиции, претпоставувајќи дека утредента војската ќе не нападне. Во текот на ноќта ги обиколив своите ноќни патроли, составени повеќето од селани и установив дека повеќето од нив ги нема, - избегале. Најдов еден во моментот кога сакаше да се извлече „Бај Герџиков, додека тука по селата беа децата и жените имаше за што да се биеме, но сега тие таму во Бугарија ќе питаат, а пак јас немам за што тука да се борам, не сакам да се борам за буките." Овој одговор ми остави силен впечаток. Го разоружав и го испокарав. Отидов кај другарите, ги разбудив, и им кажав како стои работата, па ги запрашав дали сакаат да останат да изведеме една битка. Тие рекоа дека сакаат, туку сепак искажаа желба првенствено да си ги обезбедат семејствата. Сепак и утредента ги чекавме Турците, но тие никако не се појавија, ниту со артилеријата, ниту со својата пешадија. Дојдоа курири и ни јавија дека населението од внатрешноста бега кон границата и по другите места, и дека можеби ќе биде догонето од аскерот и од Арнаутите. Тогаш јас ги отпуштив повеќето од половината од селаните, да ги стасаат своите домашни, а со комитите (15-16 мина) тргнав да ја подзапреме некако војската, додека другата група бегалци стаса до Бугарија. На одење натаму не пресретна еден друг курир, кој ни соопшти дека Даев со своите другари ги придружувал бегалците, и дека тие слободно ќе можеле да минат до граннцата. Ми кажаа дека имало уште бегалци од внатрешноста, што ќе поминеле накај границата. Во тоа време ми јавија дека војската, што доаѓаше по граничната линија, на секоја една од урнатите турски караули, до која ќе стасала, оставала под шатор и по 100 мина аскер, кои веднаш ја зафаќале границата и го чинеше отстапувањето невозможно. Тогаш веднаш го испратив овој курир да му јави на Даев да ни испрати 10-тина момчиња до една турска караула, што уште не беше заземена, па да отидам да ја заземам, за да имаме барем едно место, слободно за отстапување. Тоа успеав да го сторам. Тоа беше во почетокот на септември.

Множество од бегалците, известени од луѓе што ги испратив, поминаа по овој канал. Врвулица бегалци се влечкаа по овој канал околу 4-5 дена. Кога бегалците преминале, добив вест дека во Бугарија околу Аланкајрјак се насобрале околу 15-20.000 илјади бегалци, гладни, без покрив над главата, без храна, без ништо, без никој да се погрижи за нив. Тогаш одделив 10-на мина другари од четата да предберат и одведат во Бугарија еден цел турски кардак говеда, околу 100-тина грла, што беше во близина, и да го одведат накај Аланкајрјак за бегалците. Селаните, што беа со мене, исто така настојуваа да си одат во Бугарија. И јас увидов дека е глупаво да се спротивставувам понатаму, па сите ја поминавме границата, и се упативме накај Аланкајрјак. Ги сретнав и Маџаров и Икономов, што исто така беа преминале во Бугарија, тој ден и претходниот. Сите бегалци беа собрани на една голема ледина до с. Аланкајрјак.

7 април

Наша задача ни беше да им помагаме на бегалците, да им набавиме храна. Оние одграбени турски говеда се најдоа токму. Го повикав Крсто Б'лгаријата од Чокенско. Тој дојде со својата чета. Пристигна и Шангов од Софија со една чета од 40 мина, што ги собрал во Софија. Тој ми соопшти дека насобрал пушки, половината берданки, половината манлихерки, добил и пари, та формирал чета од секакви типови. Шангов дојде во логорот, кај бивакот во Аланкајрјак, и тој си крена еден чадор. Јас му реков дека тој не може тука да дејствува мимо Организацијата. Ги разоружив момчињата и нивното оружје им го дадов на своите луѓе, на селаните бегалци, бидејќи пушките што ние ги имавме беа кримки. Шангов се лутеше и затоа и сега не се мирисаме. Ги собрав во едно само поздравите момчиња, појуначните комити, оти сметав дека сега ќе дејствуваме со повеќе ризик. Од 5-600 вооружени луѓе на тој начин останаа само 100-тина мина. Со нив јас, Маџаров и Икономов се вративме внатре до самата граница. Решивме да испратиме две одделенија да ги тероризираат Арнаутите, што ги пљачкосуваат напуштените имоти. На чело на едно од одделенијата беше Варналиев, и Дико Џелепов- на другото со по 15-тина мина. Едно друго одделение испративме накај Блаца и Маџура, од каде населението не беше успеано да избега па уште се криеше во еден дол, за да му биде вооружена придружба и да го префрли преку граница, а веќе слушнавме дека Турците прават насилства. Ова одделение го водеа месни луѓе. Бидејќи имаше уште голем дел од населението, што не беше успеало да избега, а слушнавме дека војската го навтасала, испративме четврто одделение да ја пречека војската. Другите околу 30-40 мина комити ги поделивме на три чети, со по 10 мина, така што секој од нас требаше да нападне од три различни страни една турска караула, касарна, блиску до границата, што најмногу им пречеше на бегалците. Ја нападнавме, (во почетокот на септември) и ги држевме во опсада неколку часа Турцнте, дење; ги опколисавме, но тие успеаја да се приберат во рововите околу касарната, отворија оган и ние требаше да водиме со нив неколку часа престрелка. Планот ни беше да ги нападнеме ненадејно, туку тие од порано ја здогледале претходницата на Икономов, и така постигнавме само толку што тие разбраа дека во околноста уште сме присутни, па не се осмелуваа многу да излегуваат и да ги начекуваат бегалците, да обесчестуваат жени. Успеавме во потполност да го запазиме отворен овој канал за бегалците, обеспокувајќи ги Турците со своите герилски одделенија, така што бегалците успеаја да си приберат по нешто. Оваа караула беше јужно од Аланкајрјак, блиску до стражарницата Чифлик.

Потоа Турците станаа дефинитивно господари на положбата. Нашите бегалци, од една страна оние што беа близу до Аланкајрјак, заминуваа накај Бургаско, а пак други се упатуваа накај Алаѓун и Факијата. Јас со Силјанова и Икономова направив една обиколка, за да видиме на каков ал се бегалците. Ги затековме во страшни околности - спиеја по улиците, по црковните дворови, гладни, премачени. Ги наговаравме да се вратат назад во Турција, и ги уверувавме дека и ние ќе одиме со иив. Туку тие беа обземени од паничен страв, и не можеа да се решат на тоа. А околискиот началник од Бургас им ветуваше дека ќе бидат населени во Бургаско. Сево ова продолжува до крајот на септември. Тогаш се вративме, и јас отидов во Пловдив. За населување на бегалците беа назначени комисии од владата, под претседателство на окружни управници. Овие емигрантски комисии ги населија бегалците делумно во Варненско, - најмногу во Варненско, не помалу од 6-7.000 мина, а другите во Бургаско, Карнобатско и Ајтоско.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина