Спомени - Пандо Кљашев

IV.

Марко војвода

Во јули 1900 година дојде Марко, чие вистинско име беше Георги Иванов, родум од Котел (Бугарија). Во тоа време меѓу четниците кои не го сакаа Коте се рашири глас дека тој е груб и прост човек. Дури дојде до расправија меѓу Коте и четниците, а еден сакаше да го убие. Кога дојде Марко четата беше во Зеленичко. Тогаш Павел Христов го претстави Марко како војвода на четата, а на Коте му нареди да биде послушен. Марко во Битола дојде од Бугарија. Коте, всушност, привремено беше назначен за војвода, додека не се најде поспособен човек. Москов беше против Коте уште кога се формираше четата, но бидејќи немаше друг се случи тој да биде назначен за нејзин водач. Другиот, способен човек, беше Марко. Сега Марко се назначи за водач. Кога ја презеде четата одржа говор. Веднаш се наметна паричниот проблем: доцнеше исплаќањето по 3 лири на човек, пари имаше малку. Марко почна да го објаснува идеалот на кого му служат. Тој беше човек со тврда волја, имаше многу страдано, читал многу, со мали барања, чесен до крај - човек воздржан во се. Тоа влијаеше врз четата. Еден од четниците, Митре Влашето, под влијание на Марко сосема се преобрази. Марко постојано ги обучуваше четниците со борбени знаења. Секогаш беше сериозен со четниците - во сите случаи. Им ја засадуваше идејата на Организацијата. Тој имаше учествувано во востанието во 1895 година, при горењето на селото Доспат (во Родопите), на чело со Давидов.

Марко им всади на четниците послушност кон раководството. Сe правеше со железна волја и со малку претенциозност. Импонираше со своите способности. Затоа тој успеа целосно да ги придобие четниците. Коте не можеше да го издржи сe она што го бараше Марко. Од друга страна Марко беше дојденец, странец. Коте имаше околу 45-46 години. Марко гледаше дека Коте не е задоволен, но најнапред сакаше да ги сплоти четниците. Кон Коте се приклучи Вељо, другарот на Поп Трајков (Вељо во затворот се разочарал од Поп Трајков, зашто тој го прекршил постот) Вељо повеќе сакаше сам да ја заврши работата, отколку заедно со другарите да ја поднесува дисциплината. Марко ги учеше како да одат во ред - во строј, а Вељо ќе се оддалечи неколку чекори и си оди самиот. Еднаш за малку ќе го отепале неговите другари, кога помислиле дека е туѓ, зашто го виделе од страна додека оделе во патрола. На Коте му беше повредена суетата бидејќи Марко му го зеде војводството; освен тоа арамиските инстинкти работеа во него. Марко ги обиколуваше селата, тој со четата им се јавуваше само на повидните работници. Првата година не влегуваше во селото туку остануваше в планина. Тогаш сите сакаа да ја видат четата. И јас првпат ја видов Марковата и, воопшто, првпат видов чета во селото Брезница, в планина. Марко остана една недела над нашето село. Ги учеше младите да ракуваат со пушки, а со постарите разговараше. Дојде и Павел Христов кој во планината им зборуваше на селаните. Зборуваше и Марко - на својот источно-бугарски говор. Воодушевувашето кај селаните беше големо.

Во четата имаше четворица од Кономлади, а Коте порано со четата повеќе се врткаше околу ова село. Четниците од Кономлади почесто си одеа дома, кај жените. Дури некои од нив забременија и мораа да признаат дека мажите им се тука, а не во туѓина. Се дозна, имено, дека има чета. Тоа го рашири една од најразвратните жени во селото, која имаше работа со Турците. Кога дојде Марко ги намали честите одења в село, но веќе беше доцна.

Крсто Поповски, еден од првите работници во Смрдеш, имаше брат во затворот во Корча. Тогаш јас веќе бев учител во Смрдеш. Крсто Поповски преку мене побара да му дадат 2-3 од четата, за да го спаси брата си, кога еден заптија сакал да го префрли од Корча во Битола. Павел Христов не се согласи зашто не требало четата да се покажува заради едно приватно лице и зашто се уште не било дозволено да се убиваат заптии и царски луѓе за да не се зголемат сомневањата. Крсто за да го одмазди и да го спаси братот, односно да издејствува прошка за него - одлучи да ја предаде четата. За да се извлече од предавството, четата заедно со Марко се премести во Леринско.

Откако го мина селото Був, Марка го пречекаа курири за да го префрлат во селата Воштарени и Попадија. Требаше да се мине Леринското Поле, а тешко се минува тој пат за една вечер. Коте негодувал, не сакал да оди, но најпосле му се потчинил на Марко. Организацијата по тамошните села беше слаба: четниците ги поднесувале откажувањата, но почнале да се бунат против Марко затоа што ги донесол во туѓ реон. Коте и Вељо биле главните иницијатори за отцепување на еден дел со цел повторно да се вратат во Костурско. Марко останал на своето. Се доближиле до Петеле за да казнат еден предавник, турски шпион, гркоман. Во една воденица останале неколку дена. Една вечер, на стемнување, влегле во селото наводенети и отишле право во дуќанот на чорбаџијата. Некој ги забележал, се дигнала врева, отвориле оган од селото против четниците и тие одвај се спасиле, не завршувајќи ја работата по која тргнале. Неуспехот на акцијата Коте го искористил за напад против Марко, прогласувајќи го за неспособен за една толку обична работа. Четниците се поколебале и една вечер четворица го напуштиле Марко. Тој останал со двајца. Митре Влашето во своето село останал случајно, божем да се преоблече како овчар. Демир и Христо со пасошите отишле во Бугарија, затоа што Турците се посомневале поради жените, па власта барала од нивните родители да им покажат писмо со кое ќе се види дека навистина се во туѓина. Затоа Марко беше проценил дека е добро привремено тие да бидат во Бугарија. Со Марко останале Алексо Настев и Георги Николов од СмрДеш. Со Коте и Вељо заминале Иванчо и Нако. Целото име на Иванчо е Димитар, родум е од демирхисарското село Белица. Иванчо во четата дојде во јули 1900 година, а отцепувањето се случило во почетокот на септември, на планината околу Петеле. Иванчо е момче на 21 година.

Откако се отцепија, се вратија во Костурско и се криеја, поддржувани главно од Лазо Чолакот, во село Апоскеп. Потоа се криеја и во Кономлади и во Рула. Марко остана со двајцата другари во Леринско, ги обиколуваше селата до зимата, по што ја зголеми четата. Остана во Леринско, кај што и загина.

Откако се дозна дека Крсто е предавник, им се порача на членовите на Организацијата да немаат доверба во него. Кога виде дека не му стојат добро работите, Крсто отиде кај Павел во Костур да му се извини. Тој го обвинувал Сотир Поп Василев од В'мбел, србомански учител кој божем го завел. Павел го искритикувал Крсто и му рекол дека името вечно ќе му остане предавничко. Крсто дојде и кај мене да се правда но, иако пред тоа бевме први пријатели, и јас исто му реков, дури и му нагласив дека треба да се тргне, во спротивно ние ќе го тргнеме. Донесов и еден терорист во селото и му кажав за Крстета, да го казни, но тој не успеа. Потоа го оставив да избега и сега талка по Родос. Србоманскиот учител продолжуваше да поткопува, да разбере детали за четата за која му зборувал Крсте за да и каже потоа на власта. И без да знае нешто поконкретно, отишол во Костур и дал список на позначајните луѓе во Смрдеш за да й се додвори на власта и за да издејствува ослободување на Крстевиот брат, Ламбро.

Сотир требаше да се казни. Се одреди Коте со другарите да го пречека во заседа. Кога се враќал Сотир од Костур за В'мбел, минал покрај четата, но таа го забележала доцна. Тргнала по него, го стасала и го отепала пред Смрдеш. Ова дело можеше да се прикрие зашто и самиот мудур им заповедал на заптиите да го следат и да го доведат во Биглишта, бидејќи 2-3 пати поднесувал лажни информации во власта. Дури и синовите на Ќасима не сакаа да го видат Тие веруваа дека татко им го убил противникот Хусеин-бег а Сотир ги уверуваше дека тоа го направиле комитите. Мудурот не сакаше да преземе никакви мерки, а во тоа го поддржуваа синовите на Ќасим. Меѓутоа. од Костур дојде војска. затворија седум души, меѓу нив и една жена. Се потрошија околу 120 лири за да се ослободат луѓето, кои впрочем и не беа виновни.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина