Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Пандо Кљашев

XX.

Битката кај Локвата и Вињари

4 мај

На 31 мај, во саботата имаше битка на Локвата и Вињари (врвови на планините над Смрдеш и Д'мбени. Кога видовме дека мерката што ја презедовме - селаните да одат в планина за да се спасат пушките додека мине аферата - ве помогна, одлучивме да ги собереме пушките од Косинец, кај што имаше исплашени луѓе подготвени да го дадат оружјето и привремено да ги складираме в планина. Вечерта отидовме во Косинец, собравме околу 50 пушки, имаше повеќе, и ги однесовме в планина. Коџабашијата, испратен од селото од еден гркомански предавник, нe предал во Биглишта. Аскер од Костур и од Биглишта, околу 250 души, во исто време се упати кон Косинец. Ние се одморавме на Косинско Кале (место оддалечено педесеттина минути од Косинец), го забележавме аскерот, сфативме дека сме предадени и навлеговме повнатре, в планина. Бевме 22-ца. Дојдоа и двете селски чети од Д'мбени, едната ја водеше Динко Шиперков со 25 души, а другата Јането Ристовче Прешленков која исто така беше составена од 25 четници. Се собравме околу Локвата (езерото). Јас бев против, но Чакаларов беше за битка и се согласивме да се биеме доколку Турците по претресот на Косинец тргнат по нас. Утредента, кога ги разместивме момчињата (околу 50 души) по врвовите, а другите беа резерва, дојде уште една чета со 30-тина четници. На разденување не известија дека го забележале аскерот од страната на Смрдеш. Јас и Поп Трајков јадевме кога почнаа пукотниците. Нашите веднаш возвратија со оган. Се качивме и ние горе, разместивме уште борци на пусијата. Се вратив назад да го викнам Чакаларов да дојде на помош со повеќе луѓе. Аскерот доаѓаше од Арамицката Падина и Мали Вогли (арнаутски зборови, значат - голема планина). Се доближи. Чакаларов дојде заедно со Лаки (Нако) Поповски, родум од Смрдеш, леар на бомби, и уште со десетина момчиња. Лаки тргна пеејќи, почна да им се заканува на Турците. Јас останав во средината, за да ја одржувам врската меѓу позициите и резервите. Чакаларов отиде на предните позиции кај Дичо, а Поп Трајков кај левото крило. Турци имаше околу 600 души кои добро се притиснаа. Нашите одлучно одговорија. Турците кога видоа дека не можат фронтално да нe разбијат, удрија лево и откако го убија Трпо Цуцулев (роднина на Чакаларов и мој тетин) ја зазедоа височината. Тоа се случи по 4-часовна битка. Момчињата кои беа таму, почнаа да бегаат надолу - се збунија кога загинаа двајца од нив. При повлекувањето Чакаларов со еден другар бил пресретнат од група Турци. Легнал и во судирот отепал триесетина од нив. Лаки беше убиен, братот на Чакаларов ранет и на негово барање убиен од едно момче. Дичо, пресретнат од Турците се самоуби, а на првите позиции загинаа уште 11 души. Кога отстапија на првата, на втората позиција бев јас. Од таа позиција Турците беа избркани. Битката траеше 11 часа, при што паднаа уште тројца наши, а имаше и ранети. Вкупно имавме 14 мртви, додека Турците загубија околу 220 војници.

Како резултат на тоа прекина борбата, а војската до востанието се смести во нашите села.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина