Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Пандо Кљашев

XIX.

Палењето на Смрдеш. Турските суровости во Смрдеш и околните села. Тешки последици за делото. Битка со Турците кај Желево

3 мај

Тоа беше меѓу 8 и 9 мај. Ние тргнавме кон Блаца да го ваправиме вториот местен конгрес. Чакаларов и Поп Трајков заедно со уште четворица, дојдени од Грција, беше тргнале обратно, од Блаца кон Д'мбени. Ова се случуваше на 8 мај. Околу пладне д'мбенските стражи забележале околу 150-200 војници кои оделе од Св. Недела кон Косинец. Некои орачи й кажале на четата во Д'мбени дека војската има и два топа. Чакаларов и Поп Трајков се разделиле за да ги известат во Косинец и во Смрдеш за да ги преземат навреме неопходните мерки. Доколку центровата чета е таму да се повлече в планина, селаните да бидат спокојни за да не се случат претреси и да се откријат пушките. Точно кога стасало известувањето, центровата, Смрдешката чета била во селото, водена од Дичо Андонов. Штотуку ги собрала селаните за да се формираат селските чети. Во Смрдеш беа планирани 3 чети, секоја по 50 души. Му јавиле на војводата, а тој поставил посебна стража за да можат да продолжат со работата. И селаните спокојно си работеле. Час и половина пред стемнување, дотрчал говедарот од патот за Косинец и јавил дека аскерот наближува. Војводата со тројца четници излегол од селото и низ Пецеровскиот дол отишол в планина. Аскерот пред да влезе во селото, се поделил ва два дела - едниот го зазел врвот Шестје (таму народот се собира на Спасовден, пее и игра и бере здравец), а другиот се разместил над џадето, за да ја опфати долната страна на селото. Војводата уште не успеал да стаса до планината, бил виден од аскерот што бил на врвот кој веднаш почнал да пука. Долниот дел од аскерот почнал по него да пука и со топовите. Кога видел војводата Дичо дека патот за Шестје е блокиран, се свртел накај чешмата Бели кладенци. На чешмата веќе имало неколкумина Турци, слезени од врвот да фатат пусија во карпите од кај Бели кладенци, но момчињата биле побрзи - отвориле оган и ги принудиле да се повлечат, така што патот бил слободен, а веќе и се стемнило. Тие се упатиле кон планината Бучје и се спасиле. Аскерот до стемнување не успеал да го заобиколи селото од сите страни - во текот на ноќта слободна останала страната кон Брезница. Неколку часа по првите истрели, Турците престанале да пукаат, а по полноќта почнале повторно врз селото - прво со пушки, а потоа и со топовите. Селаните, кои откако отишол војводата се прибрале во своите куќи, не очекувале дека Турците ќе го запалат селото, па ноќните пукања ги сфатиле како заплашување, дури и гранатите (топовите биле планински) не направиле никакви штети. Утредента на разденување. Турците ги повториле истрелите од пушките и од топовите, опколувајќи го селото и од кај Брезница. Не поминало многу време, а се слушнала трубата – аскерот, веќе имал околу 700 души, почнал да влегува во селото. Селаните-работници не можеле веднаш да сфатат за што се работи - некои од нив биле во скривниците, не очекувале ништо, а и немало никаква наредба. Кога влегле во селото, Турците почнале да ги кршат вратите и да влегуваат во куќите. Со себе носеле газија што ја разлевале по штиците од куќите. Набрзо бувнал огнот од сите страни, кого ветрот, што тие денови силно дуваше, уште повеќе го разгорувал. Пламените јазици ги зафатиле сите куќи. Луѓето исплашени се растрчале по селските патишта. Аскерот и башибозукот, кој во текот на ноќта дошол од арнаутските села од Деволта, почнале да убиваат сe по ред - со пушки, со секири, со камења. Додека селаните успеале да се соземат и да преземат мерки, речиси целото село било во пламен. Од куќите не можело да се излегува од чадот, огнот и од башибозукот и војниците кои не штеделе никого. Жените се собрале на неколку места во групи за да можат заедно да се заштитуваат. Зоја, сестрата на Чакаларов, го везела знамето, а кога дошла војската го прибрала и заедно со тетка си Софија отишла во племната да го скрие. Кога се вратиле назад се преоблекле во селска облека и, бидејќи нивната куќа беше на крајот, отишле во куќата на Репацов, кон средината на селото. Тука нашле 7-8 жени кои бегале од смртта. Кога почнало да гори селото од крајните во истата куќа дошле и други така што се собрале 20-тина жени. Кога дошле и до таа куќа, влегле внатре одеднаш 10-тина Турци за да ја ограбат. Ги виделе Зоја и братучетка и Динка Митрушева, ќерка на тетка и Софија, ги фатиле и почнале да ги влечат со себе. Тие се спротиставиле и викале по другите жени да им помогаат. Притрчале мајка и на Динка и поголемата сестра. Им ги истргнале од раце. Потоа Турците излегле од куќата, но по некоја минута пак се вратиле и пак ги фатиле истите. Почнале да ги влечат, но со помош на жените тие пак се извлекле. Еден од војниците ги заштитувал момите и викал по војниците да не посегаат по нивната чест, но тие не го слушале. Тогаш се обиделе да ги обесчестат двете моми, но имало дрва и тие се засолниле зад нив и од таму се бранеле. Ги тепале по рацете, но тие со голема сила се заштитувале. Еден ги посакал чевлите на едната девојка, таа му ги дала, но и тоа не било доволно - почнале да зборуваат безобразни работи и, најпосле, успеале да ја отгргнат од дрвото и да ја изнесат на патот. Почнала да вика на помош и мајка и на Динка со поголемата ќерка притрчале да помогнат. Тогаш, со еден истрел ја раниле мајката на Динка, а со удар на нож и го пресекле малиот прст на Динка. Таа се развикала, но друг пукнал и ја убил на место. Други се пуштиле по сестрата на Чакаларов, излегла една баба да ја заштити, пукнале и таа паднала. Пукале и во Зоја и ја удриле во раката и таа повредена и исплашена паднала меѓу труповите. Еден Турчин ја фатил за косата, ја дигнал и ја пуштил, мислејќи дека е мртва. Ова се случувало на чардакот, во куќата. Потоа Турците се повлекле. Една жена исто лежела меѓу труповите, преправајќи се мртва. Откако заминале војниците, Зоја се освестила, й помогнала на тетка й и двете се довлечкале во една бавча, блиску до куќата. Излегувајќи од куќата Турците го фатиле мажот й на Софија и го заклале. Жена му, на излегување од куќата, го видела трупот од својот маж. На тој начин се спасиле Чакаларовата сестра и тетка й.

Кога Турците влегле во друга куќа да ја ограбат и во која имало исто неколку жени, една од нив им викнала на своите другарки: „Што ги гледате овие кучиња, земете колци и да ги тепаме!" И само што сакала да земе колец, еден Турчин ја удрил со секира по темето и й ја расцепил главата. Влегле Турците, собрале сe и барале пари од жените. Тие немале, а Турците се заканувале дека ќе ги убијат. Една млада невеста, во очај, извикала: „Удри и отепај ме, ама пари нема!" Турчинот пукнал и ја погодил под десната града. Но и таа, како и мајката на Динка, подоцна се спаси.

И во другите куќи Турците правеле злостори. Во една веднаш отепале три јатрви, потоа една невеста, ќерка на една од убиените, две девојчиња, едното 8-годишно, а другото 12-годишно, и едно момче на 11 години - вкупно 7 мртви од семејството на Дулови - Гаковица, Василица и Крстовица Дулови; Софија-невестата и Мара, Динка и Сотир. Еден 80-годишен старец, излегол со двегодишно внуче в раце. Турците му барале пари, тој немал. Почнале да го колат, а тој викал: „Колете, колете, ама ете го московјанинот зад Бугарија!" - „Московјанинот ли?" - Пукнале и ги отепале и него и детето. Старецот е дедо Тасето Костанин.

Во куќата на Узунови го отепале домаќинот Наум, жена му, ќерка му, 12-годишниот син подоцна ја преживеа раната, откако лежеше во болницата во Битола.

На некои за да дадат пари им ги исекле ушите, а потоа ги убивале. Други се заклани со секири. Башибозукот со камења убивал и 12-годишни деца. Имало загинати и од догорените чатии кои паѓале на пат. Некои живи изгореле, или пред тоа биле отепани, па изгореле, цели или половина. Христовица Чолакова била погодена од граната во стомакот, цревата и се растуриле - 24 часа се мачела и барала помош. Некои се задушиле во скривниците, зашто се случило да падне стреата пред да излезат. Некои изгореле на лицето, по рацете, но останале живи. Шесттодишниот Васил Малчов останал жив, додека сите негови - мајка му, три баби и една помала братучетка, биле отепани. Додека Турците биле зафатени со грабежот, поголемиот дел од населението успеал да избега. Добитокот го оставиле. Подоцна малите Турчиња, кои дошле со татковците да учествуваат во грабежот, го терале по арнаутските села.

Мајка ми и сестра ми се прибрале во една од погорните куќи, која ја ограбија на 28 март, во првиот судир, па не отишле пак таму. Лесно можеле да се извлечат, зашто е на крајот. Сите бегале в планина. Жените ги пуштале - некои по кошули, ограбени, а некои сосема голи. Огнот по 7-часовно беснеење, го голтнал селото - од 300, останаа само 67 куќи. Едно маало остана цело, но кога кајмакамот видел 7 мртви само во една куќа, за да не дојде до испитување, ја запалил. Целото маало изгорело.

Вкупно убиени беа 85 души, ранети беа околу 50, многумина останаа сакати. Во пожарот пропаднаа околу 80 пушки и 12-13000 патрони. Имавме околу 30 кг. динамит кои заедно со 25-те бомби ги спаси една жена. Турците се повлекоа вечерта. Војводата Дичо бил оддалечен 2,5 часа од селото. Кога ги слушнал пукотниците пратил абер во Брезница да јават на околните села дека во Смрдеш нешто се случува, и ако има некоја чета во близина, да дојде на помош. Брезничани не јавиле никому. И селаните од В'мбел од страв ништо не презеле иако гледале што се случува во Смрдеш. Едно момче од четниците, кое не успеало да замине со Дичо, кога заминал аскерот, отишло во Д'мбени и им кажало на Чакаларов и Поп Трајков дека Смрдеш е изгорен. Чакаларов веднаш ги зел центровата чета од Д'мбени водена од Кршаков, како д'мбенската и селска чета и се упатил кон Смрдеш. Во планината ги сретнале избеганите семејства и почнале да ги собираат на едно место. Дури вториот и третиот ден можеа да видат кои се живи, а кои умреле, мајки што ги оставиле децата итн. Четите слегле во селото да го земат житото што не изгорело и да го однесат во Д'мбени, Габреш и Брезница, кај што се сместија несреќните жители на Смрдеш. На 10 мај околу 800 души башибозук, пак од Деволта, повторно влегоа во селото да го продолжат грабежот. Четата, 15 души, отвори оган и тие се вратија, а другиот ден го направија истото. Мртвите не беа закопани 3 дена, поради што селото се смириса. Четата не дозволуваше да се погребаат зашто чекаше да дојде комисија. Комисијата дојде, турска, од Битола. Таа виде, прегледа и - ништо. Убиените беа закопани таму кај што паднале. Ужасна слика. Некои ги оплакуваа умрените, други закопуваа, некој откопуваше закопани пари и алишта, некои нe колнеа што сме се родиле во нивното село, други не можеа да си објаснат од каде дошла толкава несреќа, трети велеа дека без тоа не се можело.

Откако помина сe, селаните од Смрдеш се растурија по другите села - гладни, голи, боси и им станаа товар. Тоа ги парализира работниците - четите тешко навраќаа во селата, зашто тешко се прехрануваа. Смрдеш беше голем удар за сета околија. Исплашени, селаните не ги примаа четите во селата, за да не ги снајде несреќата на Смрдеш. Четите повеќе престојуваа в планина. Ентузијазмот се повлече пред очајот, се гледаше мрачно пред иднината - загриженоста беше општа. Со четите одевме по селата. Отидовме во Псодери и Желево да казниме некои предавници. Поп Трајко и Митре отидоа во Желево, а јас, Чакаларов и Попов во Псодери. Но, се вративме бидејќи Митре и Поп Трајков беа предадени и ние им притекнавме на помош. Во битката од наша страна падна Крсто од Статица, а ние отепавме 10-12 Турци, меѓу кои и неколку кавалеристи кои сакаа да ни дојдат зад грб.

Разгневени од неуспехот (тоа се случи на 22-24 мај) Турците - беа околу 1500 души, аскер од Лерин - влегоа во Статица, Поздивишта, Кономлади, Црновишта и Дреновјани. Безочно ги измачуваа селаните, ограбуваа сe и сешто, најдоа и 100-тина пушки. Во Кономлади толку бездушно го тепале поп Сотир, егзархиски свештеник, што му попаѓале месата од нозете, па останале само коските, а Христо азата од Кономлади бил обесен со главата надолу, но пак ништо не кажал. Бидејќи многу ги измачуваа не ги затворија, а собраа дури 24 души од овие села и ги однесоа во Битола, кај што ги осудија и ги испратија во Дијарбекир. Таму ги ослободија, на 5 април 1904 година. Сега и се враќаат, уште се на пат. Многумина умреле.

Кога почнаа измачувањата, за да ја спречиме бурата, одлучивме да го нападнеме аскерот, но се предомисливме зашто имаше многу војска и се плашевме да не испадне потоа полошо. Наместо тоа, им јавивме на сите села четите да излезат да ноќеваат в планина за да не бидат фатени и измачувани, па да мораат да ги предаваат пушките. Но, и таа мерка траеше кусо, зашто аскерот почна и планините да ги претресува. Селаните требаше или да се бијат со војската, или да бегаат. Состојбата беше неподнослива. Јас, Чакаларов и Поп Трајков, на 26 и 27 мај бевме во Д'мбени, со четите на Кршаков и Дичо. Точно тогаш во селото од Грција дојдоа околу 30 четници, за да земат учество во востанието. Тие беа од Костурско, а меѓу нив беше и Нако од Шестеово (Јанков го испратил да го запали Сетома, но не успеал, аскерот почнал да го брка, па избегал во Грција. Пред да замине во Грција шура му го убил Спасо од Шестеово, другар на Вељо, и подоциа заедно со Нако избегале во Грција). Ние ги знаевме неговите дела и го викнавме за да го испитаме. Одредивме двајца и им рековме да го доведат, а ако не доаѓа да го стрелаат јавно, пред целата чета. Тој откажал и бил застрелан сред село, пред неговите другари - 30 души.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина