Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Пандо Кљашев

XVIII.

Смилевскиот конгрес

Конгресот беше свикан од битолското раководство, на инсистирање на Сарафов. Според објаснувањата кои беа изнесени за претстојното востание, се виде дека Организацијата малку го подготвила востанието не само во Битолско, туку и во другиот дел на Македонија. Речиси половина од присутните рекоа дека воопшто не се подготвени за востание и кога се постави прашањето зошто на Солунскиот конгрес се донесла одлука за дигање на востанието, без да се сослушаат реонските раководители, Лозанчев не можеше да даде вистински одговор. Всушност, нивната одлука била мотивирана со неподносливата состојба што ја изнесувале во писмата некои реонски раководители. Затоа Лозанчев сметал дека не е потребно да свика окружен конгрес. Кога некои од присутните категорично изјавија дека нема да учествуваат во планираното востание зашто не сакаат да го водат народот во касапница (тоа беа - Петар Ацев, реонски војвода во Прилепско, Никола Петров, од Мариовско и др.), Лозанчев рече: „Господа, и да не сакав јас да се дигне востанието, мнозинството на конгресот тоа ќе го наложеше." Кога во ваквите убедувања Сарафов виде дека востанието е многу избрзано, а од друга страна знаеше дека во некои места не може да се запре, им се обрати на Лозанчев, на неговите другари и на Груев: „Се гледа дека народот не е подготвен за борба и грев да ви е на душата што ќе го уништиме. Ете, до каде дојдовте држејќи ги луѓето во неизвесност за вашата работа и за подготовките. Знајте дега востанието е избрзано и тоа побрзо е престап отколку дело за почитување. Иако сето ова е точно, ние не можеме да се враќаме назад - печалбарите дојдоа од туѓина, агитацијата е засилена и затоа сме принудени да го прифатиме, да ги забрзаме подготовките, зашто во спротивно ќе ни ги земат пушките и срамно ќе завршиме."

Груев (претседателот на конгресот), возврати: „Луѓе, не го губете времето за одговор на прашањето дали ќе има востание, зашто тој е познат - бит ти давас! Зборувајте за востанието, како и кога да го направиме, не за денот и часот." Со ова дебатата по дилемата за востанието заврши. Се предомислија и оние кои не беа согласни поради неподготвеноста. Тие побараа упатства што да преземат за да ги подготват своите реони колку што е можно подобро. Потем заминавме. Не ги кажувам деталите од Смилевскиот конгрес, зашто ви ги раскажал Славејко Арсов.

Се организираа месни конгреси во Д'мбени, а подоцна и во Блаца, на кои беа соопштени некои од решенијата на конгресот. Сите знаеја дека востанието ќе почне наскоро и затоа ги забрзаа подготовките. Но, тогаш се случи несреќната Смрдешка афера, која лошо влијаеше врз луѓето.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина