Спомени - Пандо Кљашев

VI.

Војводата Атанас Петров. Аферата по убиството на Нуредин бег. Апсењето на Павел Христов

Павел работеше со Кузма Стефов, а овој со помош на власите (каракачани) се надевал дека ќе го организира пренесувањето на пушките. Во тоа Павел Христов реши да формира нова чета затоа што се покажа дека има потреба од неа. Од Битола не му праќаа војвода и тој го назначи Атанас Петров од Шестеово, кој беше придружуван од нашите луѓе во Битола, со препорака дека ги знае патиштата од Костурско до Грција. Битолското раководство го прати како курир при пренесувањето на пушките до Павел Христов, а овој, бидејќи немаше човек за војвода на четата, го назначи Атанаса.

Атанас Петров немаше образование, беше неписмен, дотогаш се занимаваше со мајсторство. Како мајстор работел во Ѓумурџиско, дошол во Бугарија, немал работа, бил без пари. На жена си не й праќал пари и таа го напуштила, се омажила за друг. Петров кога слушнал во Софија дека има Комитет, сакал да влезе во четите и да му се одмазди и на оној кој му ја зел жената. Итар човек, разговорлив, вешт, склон кон измислувања и лажење.

Првата средба со луѓето од Комитетот ја имаше во селото Вишени. Чукнал на вратата од Дамјан Марков (татко на покојниот студент Трпен Марков), не му отвориле веднаш, а Атанас почнал да се расправа. Потоа се сретнал со Павел Христов, почнал да критикува дека ништо не било организирано, дека нагоре било се поинаку, било организирано. Павел веднаш сфатил дека е прост и недостоен човек, но поради потребата го направил војвода. Четата се состоеше од: Атанас Петров, Иванчо, од четата на Коте, Вељо, кој се врати од Битола со другар му Михаил (псевдоним Георги) - вкупно четворица. Михаил (Георги) во Леринско учествувал во убиството на еден бег од селото Крушоради.

Бидејќи беше зимно време, четата се прибра во селата, прифаќајќи нови членови. Павел Христов го назначи Кузо Стефов да раководи со Петров и да го надгледува. Кога слушнал Митре Влашето, кој беше во четата на Коте но си останал во селото, дека дошол „војвода" отишол во Д'мбени да го види. Тука разбрал дека Петров им викал на селаните, дека сегде сe било готово само тука ништо не било направено, дека скоро ќе имало востание -1901 година - дека имало скриени топови итн. Митре видел дека тој не се разбира од воена команда и дека е неписмен. Но другите тоа не го забележувале. Тој ги терал селаните да побрзаат, зашто востанието ќе се дигнело на Нова година. Селаните, притиснати и окуражени побрзаа да набават сe што е потребно и брзо се вооружија. Тој обиколи неколку села и на заеднички собранија ги запозна членовите едни со други. Набрзо за тајниот комитет знаеја сите, па дури и жените. Петров со својата агитација придонесе да се открие тајната за Комитетот, направи за него да знаат сите, иако селаните сe уште не беа подготвени да го прифатат и да го чуваат. Тој обиколи неколку села, некогаш сам, некогаш со Кузо. Власта можеше да разбере дека има чета и дека постои организација, зашто Петров ги прифаќаше и најопасните елементи, луѓе кои работеа со Турците. Многумина почнаа со предавствата, на пр.: Васил Цеменов од Д'мбени, кој за акциите на Комитетот ги информирал Јумеровците во Св. Недела, а поп Аргири од Жупаништа му кажувал на грчкиот владика. Тоа се случуваше во почетокот на 1901 година. Четниците Велјан и Георги во јануари 1901 се скараа со Петров, па дури беа решиле и да го убијат. Четата ги укоруваше селаните кои немаа пушки, бараше прво за пушки да обезбедат пари, ветувајќи дека наскоро ќе бидат обезбедени. За пушките разбраа сите, се сетија и Турците, а грчкиот владика кога дознал дека тие ќе се носат од Грција, и јавил на својата власт да преземе мерки.

Околу Божик (на Коледе) Коте откако оздраве повторно сакаше да влезе во четата на Петров. Павел го кандиса велејќи дека тоа што се случило било без негово знаење. По обиколувањето на некои села во Корешта и Пополе, Павел му напиша на Петров да се префрли во Нестрамско и да ја зајакне таму Организацијата и да се отвори пат за пренесување пушки. Петров заедно со Кузо отиде во Нестрам.

Во четата на Петров имаше уште две момчиња од Шестеово (Григор Вангелев и Тасо). Кон неговата чета со наредба се приклучија уште 3-4-ца од околните села, па четата се зголеми на 12 души. Во Нестрам останаа десет дена, формираа раководно тело, десетници и сл. Се случи таткото на едно момче од Кондороби, по име Кочо, кое само за неколку дена се придружи на четата, да оди во Костур и да ја извести власта за влегувањето на неговиот син во четата, а со цел да не сноси одговорност. Павел Христов кога видел дека таткото ќе им каже на Турците дека син му исчезнал, му испратил на Кочо писмо во кое барал тој да се врати дома. Кочо враќајќи се, го сретнал патем татка си кој му кажал дека тргнал во Костур да ја информира власта. Тогаш синот ја извадил камата го избодел татка си и се вратил во четата.

Една вечер во Нестрам Коте, Вељо, Георги и Иванчо ја опколија куќата кај што беше Петров со Кузо и почнаа да пукаат со цел да ги убијат, но не успеаја. По оваа случка Коте со Иванчо, Вељо, Георги и Спасо дефинитивно се оддели од Организацијата и почна како чета самостојно да дејствува.

И едните и другите се вратија во Жупаништа. Павел Христов откако дознал за настанот го испрати поп Филип од Д'мбени да се обиде да ги смири, а доколку не успее да им даде пари да одат преку граница. Но, тие помирувањето не го прифатиле, па дури ја побарале месечната плата и други пари. Бидејќи барањата не им се исполниле, тие се упатиле во Рулската Река. Петров со четата отиде во Апоскеп. Павел Христов конечно увиде дека Петров не е соодветна личност за работата и му предложи да оди во Битола, од каде сакаа да го префрлат во Ресенско. Петров, меѓутоа, со изговор дека сака да ги види домашните, се врати во Костурско и тука остана. На негово место за војвода на костурската чета од Битола го испратија Тале Горанов, од Прилеп. Петров талкаше по селата, но не како војвода, чекајќи да замине во Ресенско.

Коте и неговите другари талкаа низ Рулската Река. Јас, како учител во Смрдеш и началник на областа околу Рулската Река, почнав да преговарам со Коте. Тој вети дека ќе ја слуша Организацијата и дека единствено Петрова не го поднесувал. Јас го известив Павел Христов за сe. Целта ми беше да се намами некако дружината на Коте и да се уништи како опасен елемент. Ги поканив во В'мбел, но не дојдоа сите, се виде дека нешто насетиле. Првиот обид да ги уништиме не ни успеа. Потоа повторно се вратија во Рулска Река. Набрзо Вељо и Коте се искараа меѓу себе и се разделија - Коте со Георги остана во Рулска Река, а Вељо со Спасо и Иванчо отидоа во Кономлади и останаа таму кај браќата Коле и Марко Пандеви. Тука тие брзо го покажаа својот карактер: почнаа да крадат, да колат овци, да ги тепаат селаните за пари, да блудничат. Најпосле Спасо и Вељо се одделија од Иванчо кој, преоблечен во селска облека, одеше послободно во селата. Павел кога го согледа сето тоа, го викна Коле Пандов (еден од браќата) кој вети дека нема повеќе да ги поддржува. Тој, заедно со својот брат, го ликвидира Вељо, а Спасе се извлече и избега кај Коте. Иванчо го пратија во Грција, со намера патем да го ликвидираат. Тоа не се случи и Иванчо среќно стигна во Грција (во текот на 1901 година). Коте не се расфрлаше како Вељо, беше повоздржан. Сакаше да зајакне и да се додржи.

23 април

Во меѓувреме, Петров талкаше без работа. Повторно беше актуелно ликвидирањето на Нуредин-бег, брат на Јумер-ага, од Св. Недела. Павел му ја довери таа работа нему, како похрабар. Петров ја заврши. Бидејќи е неписмен, Павел му напишал обично, а не шифрирано писмо, за да може некој од другарите (четворица Власи) да му го прочита. Откако еден од другарите го прочитал писмото, наместо да го уништи, го ставил во гуната. Подоцна, по убиството, на патот меѓу Хрупишта и Костур, гуната на тоа момче е најдена, а со неа и писмото. Меѓутоа, ранетиот Нуредин, дошол до вратата од куќата и пред да умре рекол дека го убиле Турци, дури кажал и имиња. Ако не беше најдено писменцето, пак ќе настрадаа само Турци. Но кога се сфати од писмото дека го пишувал П. Езеров (псевдоним на П. Христов), фатија некој си Кузо, зашто во писмото стоеше - "Кузо ќе ти помогне". Фатија и Турци, се направи голема афера. Кузо е воденичар во селото Манак. Турците помислија дека работата ја извршил Комитетот за надомест од крупицките бегови. Фатија четири бега, спомнатиот Кузо, овчарот Михо Влашето и други двајца од Брезница. По една недела го фатија и Павел Христов, зашто Михо Влашето бил толку жестоко измачуван - горен на мангал, едноставно страшно, нечовечки го мачеле, што најпосле кажал дека Павел учителот го напишал писмото. Кога го фатија, Павел ништо не кажа, но кога ја претресоа неговата куќа, ги најдоа писмата, ги споредија и, го задржаа. И Кузман Стефов, врз основа на писмото, беше задржан. Измачувани беа и беговите, особено Ќаите од чифликот Манак. Најпосле дошол редот на Кузо, воденичарот од Манак. Бидејќи не верувал дека ќе ги издржи измачувањата и бидејќи претпочитал побрзо да умре отколку да ги предаде другарите, со ноже си го расекол стомакот, па цревата му излегле, а тој почнал да ги влече и да ги кине за да умре побрзо. Но, не му успеало. Го слушнале Турците, веднаш го однесле на лекар, му помогнале, го сошиле. Потоа го испрашувал иследникот. Тој рекол дека во затворот Турци, испратени од роднините на убиениот, сакале да го отрујат, за да не ги оправда беговите. Оваа случка ги потресе турските власти и тие ги прекинаа измачувањата, а набрзо почна судењето. Потоа затворените Турци и Бугари ги однесоа во Корча. Се оддолжи иследувањето, до аферата на Иванчо, за која ќе раскажам подолу. А Кузо, откако оздраве, повторно беше однесен во затворот во Корча. Со нив уште беше затворен учителот Димитар Марков, од селото Желино. Тој од страв од измачувањата кои ги претрпе Михо Влашето и поради случката на Кузо, полуде во затворот, зборуваше сe и сешто, но не му веруваа, го испратија во лудницата во Битола и најпосле го пуштија. Подоцна си дојде на себе и непосредно пред востанието зеде забележливо учество во Костенариската чета.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина