Спомени - Пандо Кљашев

VIII.

Предавничка афера на Иванчо. Потери и апсења. Опаѓање на револуционерниот дух во Костурско

Но, точно другиот ден, на 27 јули разбравме дека почнала афера по предавството на четникот Иванчо. Иванчо по убиството на Вељо беше испратен во Лариса. Тука тој не седел мирно, брборел сe и сешто меѓу нашинците. Грчката полиција се раздвижила. Тој, велат, направил четичка и божем ја минал границата, но бил разбиен и се вратил назад, во Грција. Бидејќи не можел да мине со чета, отишол да се посоветува кај Гркот Василаки, саатчијата. Тој го посоветувал да оди кај турскиот конзул во Лариса и сe да му каже. Така и направил. Турскиот конзул го испратил Иванчо во Љапчишта, од таму во Битола, кај што останал две недели. Дознав дека Иванчо кога бил во Љапчишта, му однесол писмо во Костур на Ламбро Опинчарот, да му прати 5 лири, зашто сакал сe да предаде. Но, тој веќе амаше предадено многу. Од Битола го препратиле во Корча со бинбашијата Муфтар-ага, началник на жандармеријата. Оттука Иванчо, облечен во војнички алишта, под името Осман чауш отишол во Костур со околу 100 души војници и аскер. На 27 јули отишол во Д'мбени за да ги фати компромитираните. Селаните биле в црква, тие го опколиле селото, фатиле петмина, а барале уште 24 души. Иванчо посочувал кои. За да не ги затвора, на бинбашијата за тие 24-ца, му беа дадени 24 лири. Бинбашијата барал пушки. Селаните се спасија со 24 лири. Поради оваа афера Георги и Коте останаа живи.

25 април

За овој случај ние добивме известување од Д'мбени другиот ден, на 28. Јас ја свикав комисијата во селото и заедно со Чакаларов решивме никој да не биде предаден, колку и да бидат измачувани. На селаните им препорачавме да избегаат в планина додека се види што ќе се случи понатаму. Испративме луѓе во Косинец да ја известат тамошната комисија (односно раководното тело) за нашето решение. Но тие не нe послушаа и дозволија да бидат фатени: учителот Никола Поп Трпов, падарот Дељо Марковски и уште четворица други. Од Косинец потерата заедно со Иванчо, кој со себе ги носеше и фатените од ова село, отиде во Лобаница, кај што го фатија учителот Иван Анастасов. Потоа дојдоа во Смрдеш. Селото го опколија на 29 јули. Но, сите познати на Иванчо беа в планина, па не можеа да фатат никого.

Глетката беше ужасна: четник и тоа познат четник, рерорист, да ги предава сите по ред! Почнаа да му праќаат клетви. Тоа беше голем удар за уште незацврстената организација. Од Смрдеш Иванчо отиде во Брезница, кај што исто ги покажувал луѓето, но не фатиле никого. Оттаму во Кономлади, кај што ги знаеше и жените и децата.

Во Смрдеш фатија 4-5 востаници, ги однесоа во Кономлади, но ги пуштија. И во Кономлади беше избегале. Откако малку се созедоа луѓето, откако малку мина стравот. се одлучи да се соберат похрабрите членови од селата и да се нападнат Иванчо и аскерот кога ќе одат за Костур. Собравме во Смрдеш 30-тина души. На 30 јули вечерта отидовме да го блокираме патот меѓу Брезник и Габреш, кај месноста „Чернок" („Градиштето"). Останавме еден ден. Тука ја сретнавме и четата на Петров. Ни се придружија и многу селани, кономладци, кои не сакале да се предадат. Се собравме 60 души. Слушнавме дека и Москов од Дреновени се префрлил во Вишени. Исто така начувме дека и тој собрал голема чета и испративме двајца за договор, нападот да биде во исто време. Но, се покажа дека тој не собрал чета, па дури им порачал на селаните да не се организира никаков напад, зашто со нападот ќе се докажело дека е вистина сe што кажувал Иванчо. Но, Иванчо откако насетил што се подготвува, со аскерот преку друг пат, преку Дреновени, стасал во Костур. Тогаш и ние се вративме во селата. Паѓаше силен дожд и почнаа Богородичните пости.

Иванчо го продолжи своето. Со аскерот отиде кон Загоричани, во Пополе, за да ги апси луѓето. И, и таму затвори неколкумина. Потоа тој седеше во Костур, а потерата сама одеше по селата. Иванчо ги предаде првите луѓе од раководните тела во секое село. Беа фатени околу 100 такви луѓе, а се бараа уште 250 кои навреме избегаа. Бидејќи бинбашијата си земаше поткуп, оние кои сакаа да се спасат му даваа по 10-20 лири. Тој дури праќаше абер дека ќе дојде да ги измачува селаните доколку не му платат. Смрдеш му даде околу 40 лири, Брезница 20, Д'мбени 24, Косинец, Рула, Кономлади, Вишени, Загоричани, Блаца исто даваа. Парите се даваа или на лица познати на бинбашијата, или на неговиот внук Ќазим. Од Смрдеш и Брезница парите му се дадоа преку Васил Георгиев Каранџов (гркоман); од Д'мбени преку Васил Цеманов, подоцна оценет како предавник: од Кономлади преку Лазо Колев, исто предавник и сл. Од Пополе луѓето рушветот го даваа преку Алекси Ханџијата (Грк) во Костур.

Бурата се потсмири; Иванчо не ги обиколуваше селата, но се јавија други предавници кои одеа со потерата или тајно ги поткажуваа луѓето. На пр. Лазо Колев од Кономлади, дотогаш прикриен предавник, се отвори целосно и јавно и почна да бара пари од работииците од околните села, ги уценуваше со предавства, или им се нудеше за ослободување од затвор. Сето време одеше со пушка в рака, придружуван од продадени елементи за да го чуваат. На тој начин тој самиот стана кожодер во Кономладската Река. Таков беше и Трајан Стојанов од Рула. И тој во почетокот беше многу добар работник, одлучен, услужлив; и со пушка и со дело многу му помогна на Комитетот. Но, кога беше предаден од Иванчо и фатен, за да се ослободи, й вети на власта да го фати или да го убие Коте. Затоа одеше со потерата. Тој личности не посочил, но оставаше лош впечаток што оди со потерата да брка комити. Васил Цеманов од Д'мбени, пријател на Јумеровци, тајно предавал и порано, а сега тајно посочувал на други луѓе.

Во Шестеово имаше еден Танчо Коџабашија. И тој признал дека има Комитет. И тој земаше пари од луѓето за да ги ослободува. Во Загоричани еден жежок гркоман, Карамачо, исто предавал кажувајќи имиња. Исто поп Аргири од Жупаништа и поп Илија од Поздивишта, гркомански свештеници. Тие му кажувале на владиката, а тој на власта. Тие свештеници беа викани како обвинети, а тие, за да се ослободат, ги потврдуваа тврдењата на Иванчо.

Последица од овие предавства беше повторното паѓање на духот на народот поради што Организацијата два месеца нигде не можеше да најде сигурна поткрепа. Луѓето беа исплашени и очајни. Не можеше да се испрати курир од едно до друго место. Иванчо кога согледа дека неправедно ги клевети луѓето, зашто повеќето избегаа и кога виде дека бинбашијата зема пари, почна и тој да зема, но сега за ослободување на оние кои тој ги поткажа. Сега почна да одрекува дека ги познава.

Во вакви услови четата на Петров целосно се распадна. Тој остана со едно момче и се криеше во Сетома и Шестеово, а некогаш и во Кондороби.

Коте и Митре кога видоа дека сe пропаѓа, дека сите се тргаат од нив, го напуштија Костурско и отидоа во Преспа. Успеаја да ја ограбат Јанинската благајна. Ја нападнаа благајната. но по грешка пајтонот со парите избега. Убија тројца чувари на коњи и еден христијанин-Арнаутин, кој имал 600 лири книжни пари, но бидејќи беа прости луѓе, не ги зеле.

Поради оваа случка бинбашијата од Костур почна да ги брка разбојниците во Преспа. На враќање минал низ Желево, кај што покрај другите предадени од Иванчо, го фатил и Васил Беќаров, убиецот на Касим. Дека е убиец на Касим кажал Иванчо, па во Костур го донесоа во окови.

Потерите ги крстосуваа селата, ги бараа предадените селани, на кои спокојството им беше уништено. Тоа траеше во август и септември.

Јас и Чакаларов се откажавме од намерата да го нападнеме Иванчо со аскерот и на 1 август отидовме во Битола. Целта беше јас да го запознам Чакаларов со раководителите, а тој со нив да поразговара за каналот за оружје. Во Битола јас останав три, а Чакаларов десетина дена. Повторно се вративме во Смрдеш. Во Битола нe посоветуваа да се погрижиме да се смири бурата, па потоа да продолжиме со работа. Се подготвувавме јас, Чакаларов, Москов и Кољо од Врбник, да појдеме во Костур преоблечени и да го отепаме Иванчо, кој живееше во анот на Гркот Алекси. Планот не го остваривме зашто Москов ни кажа дека извесен Ламбро Браов, родум од Апоскеп, се нафаќа за пари да ја заврши таа работа. И раководното тело од Смрдеш, пред ние да се вратиме, го ангажирало за истата работа Климента Кочовски од Ресенско (тој учеше во битолската гимназија, а потоа беше во четата на Петров). Но и тој не успеа.

Ние петмина тргнавме кон Апоскеп, но никој во селото не нe прибираше, никој јадење не нй даваше. Имавме само две пушки и требаше да седиме в планина. Одлучивме оној Ламбро Браов од Апоскеп заедно со Кољо од Врбник да оди во Костур и да го убијат Иванчо, но и тоа не успеа. Кољо самиот отиде со таа намера, но и тој не успеа. Загубивме две недели. Се вративме во Смрдеш, единственото село каде и тогаш можеа да се кријат револуционери. Затоа и подоцна Смрдеш паѓаше в очи. Москов и Чакаларов тука останаа цело лето. Најпосле одлучивме јас да одам во Битола и да побарам терорист за да го убие Иванчо. Тоа се случуваше во . септември. Во Битола се сретнав со Георги Поп Христов. Тој ги исмеа костурчани, велејќи: „Умре Павел, се пропадна во Костурско!" По патот ме сретна потерата. По мене случајно одеа две жени кои се исплашија и ме замолија да одам со нив додека ја минеме потерата. Ме прашаа зошто толку доцна. Одговорив дека сакам да ги испратам жениве до селото. Од јад се разболев од неврастенија и лежев две недели.

Москов и Чакаларов, во меѓувреме, се сретнале со Митре Влашето, Коте и Петров и со нивните четниците станале 13 души. Формирале чета и одлучиле најнапред да ги исчистат предавниците по селата, а потоа и Иванчо, како потешка работа. Го отепаа Лазо Колев во Кономлади, потоа Цеманов во Д'мбени, него го отепа Чакаларов. Тогаш заптиите ги префрлаа од Корча во Костур Павел Христов и Кузо Стефов и Чакаларов сакаше да ги ослободи. Но, Турците задоцнија еден ден и четата која го блокира патот, се повлече. Во Д'мбени останаа Чакаларов и Кољо за да завршат со Цеманов. Го причекале една вечер кога се враќал дома. И ова убиство направи сензација. Тоа беше во септември.

Неколку дена по ова, ги пренесуваа Павел Христов и Кузо Стефов. Ги спроведувал еден заптија, кого Павел и Кузо го убедиле да ги пренесе преку Д'мбени, но заптијата подоцна се премислил, зашто патем им се придружиле Евреи. Кузо Стефов успеал да избега. Заптијата го бркал, но не можел да го фати. Павел Христов почнал да бега во друг правец, но Евреите кажале каде избегал. Во близина бил Сафедин-ага, од Јумеровци. Бил на лов и со негова помош Павел бил фатен. Го тепале до бесознание, му ги искубале мустаќите и брадата, сакале да го убијат, зашто Иванчо сe кажал, па Јумеровци знаеле за каков комита се работи. Најпосле го испраќаат Павел во Костур. Кузо преку Жупаништа и Д'мбени дојде во Смрдеш. Во исто време, за да ја намалат дејноста на Комитетот, Турците во секое село поставија по 2-3 Турци-падари, на сметка на селото. Оваа мерка беше прилично опасна и затоа четата им нареди на селата да не ги примаат, зашто ќе ги убиваме. И покрај сe, сите села ги примија, освен Смрдеш кој соопшти дека Турци-полјаци не сака и дека ќе се жали во Битола кај кајмакамот. Малку-по-малку, Турците-полјаци по 1-2 месеци беа избркани и од другите села. За тоа придонесе и костурскиот кајмакам кој виде дека ќе се случат немири, па не сакајќи да се спротиставува, ги повлече полјаците. При постоењето на Турци-полјаци во едно село не може да се прават собранија, ниту слободно да се влегува, ниту да се прикрива во околината, значи за развојот на Организацијата полјаците беа од животно прашање - да нема Турци-полјаци. Селаните се повикаа и на една постара одредба, Турчин-полјак да нема во христијанско село. Тоа се случи по една царска одлука - реформа.

На тој начин духот почна повторно да се враќа, луѓето видоа дека Организацијата не може лесно да се искорени. Грчкиот владика во тоа време многу агитираше меѓу народот да се откаже од комитет. Под влијание на владиката, Турците не ги тормозеа гркоманите и сета вина паѓаше врз Бугарите-егзархисти. Кога гркоманите видоа дека се привилегирани кај власта, почнаа сосема да се отуѓуваат од Организацијата, а пред тоа не беше така и Организацијата не правеше разлика меѓу гркомани и егзархисти. Оттогаш во Костурско се внесе недоверба меѓу гркоманите и Организацијата. Грчкиот владика. поддржан од Турците, одеше до таму, што без негова согласност власта не им даваше пасоши на Бугарите-егзархисти.

Аферата искомпромитира многу луѓе, тие станаа илегални и требаше да заминат од Костурско. Нивното заминување можеше да се организира преку Грција. Беа потребни пари. Се наложи данок по селата за да се соберат 80 лири. Се собраа помалку. И со тие пари се префрлија повеќемина преку граница, некои и од четата, зашто Москов и без тоа сакаше да ја исчисти и да ја обнови четата со нови, чисти елементи.

Кузо со Петров и со деветмина отидоа во Пополе да присоберат пари, да ликвидираат некои предавници во тие села, а потоа се планираше општо распуштање на четите - според планот на Москов - да остане реонот некое време без чета. Тоа се случуваше во почетокот на октомври.

Во тоа време Митре и Коте, во друштво со Чакаларов, тргнаа во Жупаништа да расчистат со поп Аргири. Но задачата не ја извршија, се предомислија и се разделија - Коте тргна на своја глава, да собира некои свои вересии по селата, а Митре се прибра во Смрдеш.

Иванчо откако собрал во Костур 60 лири од луѓето и откако за тоа дознала власта (и тоа од затворениците во Битола кои се пожалиле) со телеграфска наредба од Битола е фатен. Кај него нашле 50 лири, а другите пари биле кај брат му, кој дошол да го види. По ова Иванчо беше затворен. Во тоа време во Костур, придружуван од нас, дојде учителот Пано Младчев од Штип (сакаше да работи во Смрдеш). Тој се нафати да го отепа Иванча. Но, точно тогаш со силен конвој го пренесуваа Иванчо во Корча.

По сето ова аферата се смири, стравот кај селаните попушти. И пазарот, кој речиси беше затворен (зашто одеа само жени, мажите се плашеа да не ги предаде Иванчо) повторно оживеа (октомври месец).

Коте целосно се одметна од Организацијата.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина