Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Славејко Арсов

I.

Биографски податоци

9. 12.1903 година

Роден сум во Штип, на 17 август 1878 година. Моите родители се - Арсо Кикиритков, занаетчија (матрапаз - препродавач) и Евдокија Коцова и двајцата од Штип (Ново Село). Основното образование до вториот клас, го стекнав во Штип. Откако го завршив вториот клас во 1891 година, излегов од училиште и станав писар во Криволошката станица, потоа седев дома до 1895. Образованието го продолжив во Скопје во третиот клас, а се запишав и во прв клас педагошки курс. Во 1897-8 година дојдов во Софија, каде што го завршив петтиот реален клас и половина втор курс од военото фелдшерско училиште.

Во 1894 година во Штип учители беа Гоце Делчев и Даме Груев. Тие тогаш ги формираа првите комитети. Делчев во Штип учителствуваше во текот на 1894-95 - 1895-96 учебна година; Даме Груев беше дојден една година пред него.

Брат ми, Михаил Арсов беше член (работник) на Комитетот. Од него дознав дека нешто се подготвува, а потоа, како ученик во Скопје, од некои ученици појасно разбрав дека се организира нешто против Турците, но не бев навлезен во суштината на работата. Тогаш беше мода секој работник да се снабди со револвер и кама. За пушка не се зборуваше сe до 1895 година. Мојот брат продаваше револвери, а во лозјето пробуваа која марка е подобра. Еднаш при пробувањето на еден револвер, кај нас дома, сосема случајно, без да помислат дека има патрон, се слушна пукот. Истрелот го рани брат ми во колкот. Од раната, три недели откако го префрлија в Скопје, умре. Оваа случка го забрза моето запознавање со делото. Работеа скришно и јас наслутив дека кријат нешто важно. Од пријателите на брат ми нешто повеќе за Организацијата разбрав во 1896 година. Една вечер, во време на распустот, во нашата куќа дојдоа 8-10 младинци, меѓу кои и Мишо Развигоров. Откако се прочитаа весниците и брошурите (донесени од Бугарија), имаше мала дискусија за прочитаните текстови, а потоа „дипломатски" се зборуваше нешто околу „клетвата". Потоа 4-5 души влегоа во друга соба. И јас влегов внатре. Ги затеков кога ја даваа клетвата, а веднаш со нив и јас дадов клетва. Татко ми сам го побара тоа и рече: „Едниот син ми загина, а сега него ќе го замени помалиот." Сите беа заразенн од идејата и длабоко веруваа во делото. И по клетвата пак малку знаев за целата работа, но бев свесен дека треба да молчам, строго да ја чувам тајната и без прашања да извршувам сe што ќе ми се каже. Мене Уставот не ми дадоа да го прочитам зашто уште бев млад, имав 16-17 години. Тогаш прочитав еден дел од романот „Под ропството" од Вазов. Не беше целиот роман; ми дадоа да го читам на глас, да слушаат домашните. Имаше и брошури: „Животот ва Васил Левски", за Филип Тотју, од Зах. Стојанов. Се вратив на почетокот на учебната година, за да го следам првиот курс. Учители ми беа Хр. Матов и Панајот Манов: тој беше родум од Штип, природни науки завршил во Женева. Во текот на учебната година не разбрав ништо повеќе. Тогаш во Штип се случи една непријатна случка. Турчин отепа едно момче, Тодор, кое сакало да го заштити својот другар кого Турчинот сакал да му биде ашик. Веднаш по иницијатива на Комитетот, десетарите упатија повик до граѓаните и за момент се собраа 200-300 луѓе. Тие демонстративно го внесоа трупот на момчето во дворот на судот и побараа да се фати убиецот и да се казни со смртна казна. Издејствуваа тој да се осуди на 15 години затвор. Тогаш Делчев, заедно со неговите другари учители беше обвинет како поттикнувач. Поради тоа неколку пати одеше во Скопје. Беше ставен под присмотра. Се сретнував со него, им служев нему и на неговите другари, им разнесував писма. За делото, од Делчев не дознав ништо повеќе. Но кога се вратив пак во Штип, по големиот одмор дознав дека во куќата на брат ми Пане, под душемето, има скриена пушка. Значи веќе му дале пушка. Од него разбрав дека такви пушки (кримки) поделени им се и на други работници. Се организираа ноќни собири на кои присуствуваа групите - по 2-3 групи, раководени од еден учител. Јас не присуствував и не ги дознав деталите, но кај сите го забележував одушевувањето и меѓусебната приврзаност. Брат ми беше десетар, раководеше една група и собираше членски прилози: по 1 грош месечно од секој работник. По одморот не се вратив в Скопје, зашто немав пари да продолжам, а во меѓувреме четвртиот брат, Лазар и тој поголем од мене, во Софија изучи часовникарство и почна да работи сам. Без документи, со помош на Организацијата дојдов до Виница, оттаму до граница, ја минав границата и влегов во Кнежевстото. Тоа се случи есента 1898 година. Во Софија се запишав во петтиот клас. Читав весници и книги за бугарските востанија и сл. Откако се случи Виничката афера во мене се разбуди уште посилна желба лично да работам за делото.

По завршувањето на петтиот клас сакав да се запишам на военото училиште, но не ме примија, немав препорака, па се запишав во медицинско училиште, за да имам некакво завршено образование. Но касарната не ми се допадна. Живеевме во Четвртиот артилериски полк. Таква каква што ја видов во овој полк, војската не ми се допадна. Тогаш почнав да се дружам со Михаил Герџиков, кој штотуку се беше вратил од Женева, потоа со Делчев, кој се наоѓаше во Софија, и со други. Делчев самиот веќе пренесуваше со 2-3 коња пушки од овде во Штип, преку Виница, по течението на Брегалница. Делчев немаше екстремни идеи - никакви социјалистички илианархистички идеи – не им служеше тој натакви идеи Тоа дружење целосно ме привлече кон револуционерната идеја и во текот на зимата решив да го напуштам училиштето. Герџиков штотуку го беа назначиле за учител во Битола, под името Луканов. Тој немаше документи за завршено образование, а ги зеде од Луканов Тодор (родум од Кнежевстото) кој студираше во Женева и му беше пријател. Документите од Луканов се препратија во Егзархијата. Штом пристигна во Битола, Герџиков ми пиша да дојдам таму, како што се имавме договорено пред тоа. Веќе му кажувал на Груев за мене. Ми јави дека нашол учителско место и за мене. Јас отидов во Комитетот на Сарафов, кај Славчо Ковачев и тој ми даде пари. Купив алишта, а пари ми останаа уште за пат. Преку Ниш и Солун стигнав во Битола, сe под туѓо име, со туѓ пасош. Тука се сретнав со Герџиков и Груев. Неколку дена престојував в хотел, а потоа се преместив во куќата во која Герџиков и Груев живееја заедно. Тие се поврзаа со Кичевскиот архиерејски намесник и го прашаа дали ќе може да живеам во Кичево како селски училишен инспектор. Архиерејскиот намесник се согласи и јас отидов таму. Тоа беше на 20 декември 1899 година. Во Битола дојдов во почетокот на декември. Отидов во Кичево. Таму беше владиката Козма кој се сомневаше да не и се наштети на митрополијата, и не се согласуваше да останам. Најпосле, заедно со него, на 26 декември се вратив во Битола. Тука се сретнав со епархискиот училишен инспектор, Лука Џеров кој веќе му слежеше на делото. Тој се согласи, против желбата на владиката, да се вратам во Кичево. Во тоа време Груев и Герџиков беа во обиколување на Смилево - Крушево - Прилеп. Се вратив во Кичево со инспекторот. По неколку дена дојде владиката и почна да ме кара, дека не е добро да работиме против неговата волја и упорно настојуваше да се вратам назад. Нe уверуваше дека и тој е патриот, дека одобрува, но дека треба да се постапува благоразумно, за да не им се наштети на црквата и на делото итн. Но, на крајот требаше да попушти и јас останав.

Оттогаш почнува суштинската работа за делото.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина