Спомени - Славејко Арсов

XV.

На 15 август почнува голема воена акција на Турците. Опколување на востаниците. Очајни обиди на опколените да се извлечат од турскиот обрач. Ѕверско однесување на војската

22.12.

Вечерта слеговме во Кривени, а оттаму се искачивме на врвот Курјак, кај што преседовме еден ден, набљудувајќи го движењето на војската по Бигла.

Околу пладне турската војска одеше кон Златари. Влезе во селото, се слушнаа пукотници, а потоа се покажа чад - го запалија селото. Го изгореа селото, ограбија што најдоа, отепаа еден старец на 110 години, дедо Нечо. Во тоа време селаните од Златари беа во планината, над селото, така што се наоѓаа меѓу два реда војска, еден над нив во планината, а другиот долу во селото. Златарската чета била со селаните, во Златарска Планина, но не се осмелила да отвори оган за да не ја навлече војската кај селаните кои сосе покуќнина се засолниле в планина. Од истите причини и јас не смеев, иако имав 60 души. Војската во Бигла беше голема. Ги оставивме да го изгорат селото (16 август). По ова, истата војска дојде во Кривени. И тука немаше отпор. Влезе спокојно, тивко, запали неколку куќи. Видоа неколку селани, пукнаа по нив, но не погодија никого. Живата стока беше однесена во планината, па затоа многу нешта не најдоа. Од Кривени војската се врати во Ресен. Истиот ден попладнето војската од Бигла извади 700-800 жени и деца, ги тераа кон влашкото село Гопеш, кон битолскиот пат, па во Битола. Жените беа од Смилево и Ѓавато помина на далечина од час и половина. Ги гледавме со бинокл.

На 21 август се најдов во Евла. Утрото кога стигнав луѓето ги најдов на истото место кај што беа и пред тоа - во логорот. Имаше ранети жени од Дупени, кои ги преврзував при секое одење. Меѓу нив имаше и една ранета во двете нозе, здробени и беа колената, ја удрил куршум кога бегала од селото. Друга беше ранета во стапалото, трета во десната рака и левата нога. На една баба куршумот и дошол до крстот, отворил голема дупка, па внатре се наоѓаа парчиња од облеката. Ја преврзував 5-6 пати, постојано вадејќи парчиња. Првата жена, ранетата во двете нозе, не ја зедовме во планината, туку ја оставивме блиску над селото, во едно долче, кај што паднала. Таа пиштеше и за да се спаси од маките реков да ја убијат, но момчињата не се решаваа, им било грев. Мене пак, не ми излезе прилика да слезам надолу, па не ја ни видов. До неа седеше едно девојче на 11-12 години, нејзина ќерка која ја служела. Во меѓувреме селаните постојано слегуваа во изгореното село, вршеа на гумната. Жени, четници слегуваа во селото и се враќаа во логорот. Патем и давале храна, но никој не ја лекувал, зашто беше безнадежна. Така остана 16 дена. За тоа време раната можеби фатила и црви. На 18 август, околу 100-тина души башибозук, од градот и околните села, дошле со 40-50 коли во покрвенското поле да ги соберат сноповите од бугарските ниви. Четите ги нападнале, почнала битка која траела 2-3 часа. На нашите на помош им дошла четата од Евла (10-15 души), отепале 4 од башибозукот, а паднало и едно наше момче од Перово. На помош дошле и војници од Ресен и четите се повлекле в планина. Турците ги зеле колите и мртвите, на враќање минале низ Дупени и нашле околу 10-тина гумна со снопови. Нив ги напуштиле селаните кога ги чуле пукотниците и избегале в град. Тогаш ги обесчестиле ранетата жена и девојчето. Другиот ден дошле други и го повториле истото ѕверство.

На 21, кога дојдов во Евла, дојдоа двајца Власи и ми кажаа дека кај нивните колиби, источно од селото, имало 400 души војска со планински топови и дека за некоја потреба во Ресен испратиле 10 кавалеристи. Во текот на ноќта овчарите забележале дека преку планината Асанџура (Галичица), од Охрид кон Ресен се движи голема војска. Сето тоа не натера да се посомневаме дека нешто се подготвува и да бидеме подготвени. Веднаш ги викнав четите и им реков да не ја откриваат положбата доколку војската наближи. Истото им го реков на селаните, порачувајќи им уште да не бегаат, туку подобро да стојат во група, па белким така непријателот помалку ќе ги тормози и убива. На четниците им реков да не пукаат, да не ги раздразниме, па да им дадеме еден вид повод да се нафрлат врз селаните. Така и се случи. Ги прибрав момчињата, беа 60 души, а кон нив се составија уште 20-30 души. Дури се свртевме, Турците веќе се јавија со пукотници и се покажаа на сите врвови на Асанџура, половина час над нас. Пукањето значеше и знак за војската во Ресен, да тргнат и тие и да го стегнат обрачот. Кога ги чувме пушките, тргнавме на ризик и тие не видоа. Се упативме кон Покрвеник, минувајќи покрај Стипино и Лавци. Ние не знаевме дека доаѓа војска и од Ресен. Во едно долче над Стипино застанавме да се одмориме. По одморот, кога наближија пукотниците, станавме да го продолжиме патот кон Покрвеник и забележавме како од Ресен доаѓа многу војска. Забележавме дека војската се двои во мали групи кои го затвораа кругот со другите над нас. Го продолживме патот. Бевме на растојание од 3 километри. Планината во Лавци е голема, но не останавме во неа за да нe не опколат. Излеговме на чистина. Над нас, на околу 500-600 чекори беше нe застанале 50 војници на еден врв, под кого моравме да поминеме. Почнаа да пукаат, но ние трчајќи поминавме 400-500 чекори. Јас со 15 момчиња влегов во шумата, но кога се свртив ги немаше другите - тие удриле лево, а надолу се растуриле во неколку групи по 15-20 души. Едно момче останало в шума. Пред нас имало околу 200-300 четници од Покрвеник, Перово, Подмочани, Горна Преспа. Не претпоставивме дека оние 50 Турци, кога ги веделе нашите, не се осмелиле да ни го пресечат патот. Потерата повеќе не нe гонеше. Се стемни. Така се извлековме од обрачот.

Во меѓувреме, еден дел од евланската и од дупенската чета останале во селото Евла. кај што селаните уште вршеа. Тие не беа известени за слученото, па и тие биле изненадени од потерата. И покрај сe успеале да се повлечат кон Болно. Војската влегла во селото и кого нашла го зела со себе. Меѓу нив бил и оној Турчин, Шефкија. По ова војската отишла во логорот на селаните, кај што се сретнала со охридската војска што дошла преку Асанџура. Се растуриле по планината и почнале сe да крадат и да собираат. Тука почнале ѕверските жестокости - обесчестувале жени, деца, потепале многу народ. Таму подоцна се најдоа многу човечки глави, додека труповите ги немаше. Беа заклале 200 овни, над 50 говеда, се хранеле и оставиле многу месо, па се наоколу смрдеше.

Тука се отепани четворица од Дупени, едно момче од Лавци, двајца мажи и една жена се ранети, отепано е и едно момче од Ресен и четворица беа исчезнати. Подоцна им се најдоа главите. Сите жени, до една беа обесчестени. Едно момче од Дупени се биело мошне добро - испукало околу 60 патрони.

Утредента едно поголемо одделение од војската ги спроведе сите фатени во Ресен.

Јас уште вечерта се сретнав со четите од Покрвеник. Тогаш разбрав дека еден дел од моите момчиња (20-30) бил во Перово, а друг во Дрмени. Четите од Покрвеник решиле да се разотидат во разни насоки: Олчев со 100-тина души отишол кон Корча; Срезов со 40-50 души низ Асанџура кон Охридско, а Кочо со околу 80-90 души во Пелистер, кон Подмочани. Планот беше да се тргнат четите додека Турците ги собираат селаните, зашто се претпоставуваше дека ако се спротиставиме повеќе ќе му наштетиме на населението. Турците имале намера да го донесат в град сето население од неизгорените села и на тој начин да влијаат врз наоружаните останати во четите. Оние што беа фатени по селата почнаа да ги убедуваат своите роднини во четите да се предадат. Јас со Кочо и со преспанските четници заминав за Пелистер. Оттаму Кочо заедно со селаните, со Лозанчев и со него неколку чети од Ѓавато и Цапари - до 100 души, беше се повлекле пред една силна потера. Целиот логор се префрлил во Покрвеник и во други села - во Перово, Езерани. Некои отишле и кон Корча. На враќање, со Кочо не врати назад народот. Кочо не ги извести, а и не беше умно таму да се водат. Ние стигнавме во Пелистер. Се качивме на врвот Вртушка, до Калето (близу 2000 метри). Кочо заедно со Лозанчев и 200 четници и целиот логор селани - до 500 души свртеле кон Покрвеник. Лозанчев оттаму дојде во Евла и таму се видовме на 19 август. Тој замина со четата (40-50) кон Бигла.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина