Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Славејко Арсов

III.

Делчев и Арсов во Костурско. Селски организациски судови. Агитаццја по селата. Општи селски собранија. Нови упатства за четите. Учество на жените. Казната на предавникот Трајан

Пет-шест дена пред да се ослободам, Делчев дојде во затворот да се види со Груев, кој беше во истиот двор. Во целиот двор имаше 11 кауши, заедно со каушбашии, кафеџии и служители. Не пуштаа на прошетка: по 2-3 кауша се шетаат двапати, но со чувари.

Делчев храбро дојде в затвор и остана околу 2 часа. Чуварите во затворот разнесуваа шифрирани писма. Јас го видов Делчев но не се поздравив со него. Штом се ослободив, во куќата на еден фурнаџија се сретнав со Делчев, со Георги Христов, со Сугарев, Пешков. Разговаравме за состојбата, за мерките што треба да се преземат во иднина и што треба да преземеме ние двајца - јас и Лука Џеров. Се покажа дека е најдобро да влеземе во некоја чета. Се одлучи четите да ги земат во свои раце поспособни. Веќе се виде ползата од нив. Во тоа време со четата во Прилепско беше заминал Методија Патчев, кој беше убил во Охрид еден шпион и беше осуден на 15 години. По три години беше ослободен и влезе во четата на Марко војвода, а по 3 недели стана војвода во Прилепско со чета од 7 души. По неколку месеци, на Благовец 1902 година, Турците го опколуваат во Кадино Село (Прилепско) во една кула и по долга борба се самоубиваат сите, заедно со Патчев. Делчев замина за Леринско-Костурско, а јас се вратив во Прилеп, зедов пари (платата) и потоа, како што беше договорено, отидов во Лерин. Откако дознав каде е четата на Марко, со еден курир отидов во Кономлади (Костурско). Таму го најдов Делчев. Четата имаше 37 души. Таму беа сите реонски раководители од Костурско (Пешков, Марко, Коте и др.) Ни дадоа пушки и јас тргнав со нив. Во Кономлади Делчев им овозможи на сите селани да ги кажат своите маки пред него, сите проблеми дури и против четата и се јавија сите селани: имаше случаи за развод, за кражби, за расправии меѓу жените... Селаните се уверија дека нивните маки добро се разгледуваат. Тоа траеше 4 дена. Делчев седеше со реонските раководители како претседател. Реонските раководители распрашуваа, тој слушаше, се советуваше со раководителите и даваше резолуција која им се соопштуваше на селаните и веднаш се извршуваше помирување, развод и сл. Сите ги примаа одлуките со задоволство. Сe се правеше непристрасно. По 6 дена се направи општо собрание во црквата. Им се соопшти каков бил развојот на делото во нивното село (за други села не се зборуваше, освен со општи думи), им се посочи еден нов ред: се забранува судењето во турските судници, се забрануваат кражбите, блудот, пијанствата, карањата; се наложува послушност кон селското раководно тело, ажурност при извршувањето на должноста, стража пред селото, курирска служба, посетување на четата, нејзино примање по куќите. Се беше усно, не беше запишано во устав. Се нареди да се чува тајната за тоа што се случува во селото, да не се говори за друго село, ниту да се распрашува. Сето тоа - четата, општото собрание - сe беше ново за мене. Уште не излезени од селото, дојде известување од Костур дека сме предадени и дека иде потера. Излеговме од селото и отидовме во с. Поздивишча (Костурско), се распоредивме по 5-6 души во куќите. Четата кога тргнуваше на пат се раепоредуваше со предна и крајна патрола, за секоја неочекуваност; четата секогаш оди еден по еден на растојание од 4 чекори меѓу четниците; војводата оди по предната патрола и по него се редат сите момчиња едно по едно: оружјето се држи в раце. При долг пат и на послободни места се дозволува пушките да ги стават на рамо. Разговорот се забрануваше, како и собирањето по 2-3 во група; се забрануваше пушењето во поход; кашлањето доколку е можно да се избегнува, да не се излегува надвор од стројот. По 1-2 часа се дава одмор. И на одморот сите го запазуваат стројот - нема собирање на едно место. Непослушните се критикуваат посебно, или пред сите. За бегство од четата - смртна казна. Убивавме четници на самото место. Пресудата доаѓа од војводата, се доставува до окружната организација, се соопштува пред четата и се извршува од другарите. Тие наредби се развиваа постепено, а во реонот ги донесе Делчев.

Потерата мина (150 души) низ истото село; и тие врвеа еден по еден како и ние и отиде во с. Кономлади и подложи на измачување 5-6 души заедно со селскиот учител.

10.12.

Во Поздивишча уште истиот ден научивме кои се шпионите. Една стара жена од селото Кономлади му јавила на еден нејзин внук, Трајан, кој живееше во Костур (родум од селото Рулја) и кој исто беше турски шпион, официјален шпион, облечен во турски алишта; се занимаваше со собирање оружје. Од Поздивишча се преместивме во Црновишта и пративме човек во Кономлади да дознаеме дали има и друг шпион, или е само старата жена. Дознавме дека има уште две други жени од кои едната беше лесна жена. Вечерта од Црновишта минавме во Дреновјани и само што излеговме од селото една група од четата (11 души) на чело со Марко и Чакаларов отидоа во селото Рулја, да го казнат таткото на Трајана, кој беше пред тоа предупреден да го вразуми сина си. Тие отидоа, го извадиле од трлото, го ставиле пред куќа и го убиле. Во Дреновјане се вратија уште истата вечер. Потерата тргна заедно со синот на убиениот. Во меѓувреме, една друга група со Чакаларов отиде во Кономлади ги фати трите жени шпионки и ги казни сред село. (И пред тоа имало слични случаи на казнување шпиони).

Од Дреновјане четата отиде во Д'мбени (кон крајот на ноември 1901 година). Забележав дека селаните беа навикнати на четата, ги знаеја нејзините цели и нејзините правила, пријателски ја пречекуваа и испраќаа. Храната беше на селска сметка, се определуваа реони. Куќите секогаш се менуваа. Во Д'мбени седевме 4 дена. Во тоа време четата имаше собрание - учествуваа сите четници (и Делчев беше со нас). Се разгледуваше поведението на четниците кон водачите и меѓу нив. И постапките на војводите подлегнуваа на критика. Немаше никаков устав за тие работи - и воопшто за четите немаше устав; сe се ставаше на другарска основа; војводата агитираше како што умееше. Од Д'мбени отидовме во Смрдеш. Делчев со неколкумина постојано седеше во Смрдеш, зашто селото беше поголемо, имаше поголеми проблеми со сметките, имаше расправии меѓу организаторското селско тело и работниците, имаше и судски дела. Дел од четата ги обиколуваше селата - Косинец, В'мбел, Брезница каде што се правеа селски собранија, се покрстуваа нови работници, се објаснуваше правилникот на организацијата, се собираа членски влогови и се разгледуваа судските работи. Друга група со Чакаларов беше на друга страна, а јас бев со Марко, Кузо Стефанов и со 10-тина четници. Сите имавме грчки пушки; само Делчев и другар му Иван (тој е жив, тука е, со него Делчев ја обиколил цела Македонија) имаа манлихерки. По 13 дни го напуштивме Смрдеш и отидовме во Дреновјани на еден ден, а потоа во Вишени - 4 дена, кај што повторно се разгледуваа делата; три-четири вечери една по друга се викаа селаните на селско собрание во црквата: таму ним им се објаснуваше тогашната положба, минатото и мерките за во иднина, им се кажуваа примери од бугарското востание, од грчкото востание и др. Тука веќе имаше и знаме (свилено, црвено, извезено: мома Македонка, во граѓанска носија и сл.). Се заколнуваа пред знамето, в црква; пред него имаше вообичаен декор: револвер и кама. Имаше и свештеници. Сите во селото знаеја. Потоа отидовме во селото Черешница, каде што останавме два дена. И тука направивме собрание, но јас не присуствував, зашто со Марко и со Леринската чета отидовме во Прекопана (на 23 декември), каде што останавме два дена. Таму и тогаш имаше војска (60 души), имаше и снег. Турските војници го обиколуваа селото, но селската стража беше внимателна. Ние си седевме во една куќа цел ден. Благодарение на селската учителка Катерина (родум од селото Вошчарани, Леринско), дојдоа околу 12 жени, кои го замолија Марко да им каже нешто за делото, со што можат да помогнат. Јас првпат видов да се јават жени кои сакаат да помогнат. Им се исполни желбата: им беше речено да не им пречат на мажите кога ќе одат по работа за делото, да ја чуваат тајната за сe што работат мажите, да им носат леб на четниците надвор од селото, кога ќе биде потребно, да им подаруваат на четниците чорапи, кошули и сл. Потоа отидовме во селото Загоричани, каде што останавме 8-9 дена.

Делчев со четата постојано седеше во Загоричани, а одделенија од четата агитираа во селата Б'мбаки, Куманичево, Бобишча. Пред да се разделиме во Загоричани на 27 февруари, се собравме сите, да поразмислиме што да правиме со познатиот шпион Трајан. Делчев зборуваше долго, ги објасни последиците од неговото дејствување и ползата ако се мавне час поскоро. Се докажа дека тоа може да го направи само четата. Беше решено убиството да биде колку што е можно поефектно, ако е можно во самиот град, во Костур, за да се разбере дека е тоа народна казна. Делчев праша кој сака да се јави доброволно да ја изврши работата. Се јавија 5 души, но најупорен беше и прв се јави Ристо, родум од Лерин, од четата на Марко. Тој по секоја цена сакаше нему да му биде доверена задачата. Се реши тој да биде. Дури и со плачење молеше тој да биде. Се прифати. Го наоружија со два револвера и со курир го испратија во Костур. Уште вториот ден можел да го убие, но не го убил бидејќи Трајан бил надвор од градот, а сакал да го убие во центарот на градот. Така и направил. Кога Трајан седел во една меана, Ристо влегол внатре, грмнал три пати, го убил, излегол спокојно и тргнал кон селото Апоскеп, по друмот. Не поминал ниту еден километар од градот, а полицијата се растревожила, а еден онбашија тргнал по него, сретнал на патот некој ќумурџија, му го растоварил ќумурот, се качил на коњот, го стигнал Риста и со првото пукање го ранил во ногата. Ристо се заштитил, го ранил лесно онбашијата во лицето (во носот), но Турчинот при второто пукање го удрил Риста в чело и тој паднал. За случката ние разбравме уште истиот ден. Поседовме уште некој ден во Загоричани и на Нова година (1902) не предаде единствениот шпион во селото, еден калуѓер, гркоман. И владиката, и тој гркоман, беше во селото. Тој беше одел по гркоманските куќи, но никој ништо не му кажал. Калуѓерот, забележан од нашите момчиња кои го виделе скриен во една куќа, каде што имало четници, избега во Куманичево и јавно ги поканил Турците да не нападнат. Вечерта, на Нова година, бевме принудени да излеземе в планина, каде што останавме една вечер. Залудно во текот на ноќта потерата барала низ селото, собрала неколку момчиња и го напуштила селото. Потерата се состоеше од кајмакамот, редовна војска и башибозук од околните села - вкупно 300-400 души. Калуѓерот кажал дека Загоричани е полно со комити. Потерата вториот ден вечерта замина, а ние се вративме во селото. Калуѓерот повеќе не се врати.

Делчев остави некои упатства за четата, назначи раководители. Делчев беше авторитетен зашто го почитувавме како искусен и стар работник. Тој минуваше како главен ревизор. Ние се поздравивме со костурската чета. Како раководители во Костурско останаа: Кузо Стефанов (од Костур), Чакаларов, Кљашев и Лазар Москов, како нелегални и кои ќе одат со четата (околу 20 души), а како легален раководител во Костур остана Михаил Николов (од Бобишча) градски учител.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина