Спомени - Славејко Арсов

IX.

Засилување на изворите за материјална поддршка на четите. Жени-предавници. Нови препораки на селаните за случаите кога се бара вооружена помош. Во Преспанско. Воена обука во планините. Битка во Љубојно. Арсов по западните гркомански села. Борис Сарафов во Ресенско

Членските прилози не беа доволни за издржувањето на Организацијата, па се побараа и други извори. Почнаа пари да се собираат и со потврди, печатени (имаше и хектографирани). Со тие потврди почна собирањето пари уште од почетокот на Организацијата. Износите се определуваа од окружните раководни тела, а потоа на луѓето им се доставуваа потврдите за уплата. Во почетокот имаше отпори, како што беше случајот со поп Ставре. Потоа се навикнаа да даваат и на тој начин се собираа прилично пари. Ресенчани беа малку поскржави. За повидните трговци беа издадени потврди по 20 лири. Повеќето од нив се обидуваа да оддолжат, а некои дури и откажуваа. Градските раководни тела за успешното собирање пари побараа помош од четите. И така четите собираа пари, луѓето со поголема готовност даваа пари на четите, внесуваа сами. До Митровден минатата година (1902) потврдите беа на помали суми, од 1-2 до 5 лири и затоа луѓето лесно ги плаќаа. Но, како што се зголемуваа потребите на Организацијата - имено, поддршката на четите бараше поголеми средства, се даваше помош на уапсените, им се пружаше поддршка на семејствата на четниците и на настраданите за делото - така што беше нужно да се зголеми износот, до 20 лири за најбогатите. Тешко даваа, но штом четата ќе потврдеше дека тие пари ќе се искористат за потребите на оргаиизацијата, уплатуваа веднаш. И воопшто, главната сила на организацијата постепено почна да преминува од градските раководни тела на четите, кои всушност беа подвижни раководни тела.

Селата се договорија со четата за данокот според нивната состојба: се задолжуваше целото село, а селаните плаќаа според своите можности. Беа поделени на 5 класи: првите 3 плаќаа, а последните 2 се ослободуваа. Селските раководни тела определуваа за секој селанец колку ќе плати, а колку ќе плати селото определуваше четата во согласност со окружното раководно тело. Секој беше должен во одредените рокови да го внесе износот. Оние кои не уплатуваа на време, а за тоа немаа сериозни причини, се казнуваа со плаќање двоен износ, а ако некој сосема откажеше, се казнуваше со смртна казна. Но, такви случаи немаше. Со селаните за паричната помош се постапуваше внимателно. Четите се хранеа на селска сметка, освен во некои случаи на крајот од годината. кога снемуваше жито, па се купуваше леб. Селските каси од членарината, од казните итн. во реонските каси внесуваа по една третина. За облеката на четата и вооружувањето се плаќаше од реонската каса. Парите од потврдите четата ги задржуваше кај себе, четите ја чуваа и касата. Четата не ги држеше сите пари кај себе, туку ги оставаше кај раководните тела по селата. Нашата чета едно време имаше над 400 лири. Со тие пари четата се издржуваше и можеше да се вооружи.

Градското раководно тело по Божик го напушти градот и се присоедини кон четата, откако Турците фатија две писма - едно шифрирано и едно обично. Во обичното дури имаше и имиња: Лука Групчев, охриѓанец, занаетчија, Перуш Стрезов, ресенчанец, трговец и Никола Кокарев од Царевдвор, Ресенско. Тие избегаа. Тогаш веќе со четата беше и раководното тело.

Во таква состојба нe најде Давидов. Еден ден пред средбата со него, во селото Лескоец беа отепани 4 жени. Тоа беа лесни, жени за плаќање, а плус тоа и предавнички. Имаа пријатели Турци - еден полјак, еден онбашија и др. Од роднините и пријателите дознавале разни нешта за Организацијата и им кажувале на Турците. Неколку пати беа предупредувани дека ќе бидат казнети, но тие пак си продолжуваа по истиот пат. Четата во тоа село не одеше точно заради нив, зашто знаеше дека ќе ги предадат. Најпосле решивме да ги казниме. Една вечер отидовме, ги собравме сите селани во куќата на една од жените. Жените ги врзавме и ги испитавме. Тоа беа една стара жена, две невести и една мома. И мажите на невестите присуствуваа. Потоа ги предадовме на момчињата кои ги егзекутираа. Овој случај внесе страв и трепет кај сите, и кај Турците.

Со вооружените од селото Болно седев околу 2 дена. Се окуражија малку и ветија дека никој од нив нема да ја предаде пушката, а ако такво нешто, сепак, се случи самите ќе го застрелаат својот таков другар. Тие останаа в планина уште две недели. Јас заминав во селото Евла. Грешката направена од леворечани за непружањето помош, беше повод да се издадат следните упатства за селаните:

1) Ако се бара помош од едно село, да излезат 1/3 од вооружените селани, а другите да бидат подготвени. Согласно со тоа, во битката што ја водевме ноќта во Избишта, во мугрите кога се качувавме низ Кривенска Планина, од Цапари и Ѓавато на помош дојдоа 43 селани под водство на Симеон, цапарскиот учител. Тие тогаш се вратија назад, откако ги пофаливме и им заблагодаривме.

2) Да не тргнуваат на помош без известување, освен ако битката е многу блиску до нивното село и ако се во тек со настаните и ако проценат дека ќе бидат полезни.

3) Ако се подалеку и ако добијат известување, тогаш тргнуваат и се присоединуваат кон четата или, ако е таа подалеку, раководното тело определува еден за водач. По пат да одат на начин како што оди четата - во колона.

4) Кога ќе се доближат до битката, треба да стават еден стражар напред и по еден од страните.

5) Отстапувањето да биде организирано.

6) Да настојуваат назад в село да се вратат незабележани и до разденување да бидат дома.

7) Штом стасаат во селото да се растурат по куќите, секој да го исчисти оружјето и да го скрие.

8) Ако се забележани, привремено да останат в планина. додека се повлече потерата.

По тие упатства и по препораките уште поинтензивно да се обучуваат во ракувањето со оружје, се упативме кон Преспа, правејќи собранија по попатните села.

Дека е решено за востание знаевме само водачите, но и ние речиси не верувавме во тоа, зашто знаевме дека со овие подготовки на народот уште не може сериозно да се мисли на востание.

Во Преспа луѓето ги најдовме пораздвижени, имаше веќе и пушки, иако речиси без патрони (по 4-5-6-10 на пушка). Овде ги повторивме вообичаените упатства, разгледавме некои проблеми и го продолживме патот. Презедовме мерки да се надмине нечистотијата по куќите. а луѓето да носат почисти алишта и да ги требат вошките. Слушаа, сакале или не. За мажите тоа беше прифатливо, зашто тие беа робје на жените од кои повеќето имаа љубовници Турци, иако беа суви, жолти, подгрбавени, со неразвиени грозотии. И облеката е во согласност со ликата - неубава. И полни се со вошки, дури и во подбрадниците кои им служат за накит. Такви се во селата од Сливница на југ: Арвати, Штрбово, Брајчино, Љубојно, Робје, Герман, Нивици (тука има најмногу вошки). Се хранат само со лук, прас, пиперки, леќа, грав и суви риби.

Кога видовме во Брајчино дека ќе немаме можности често да доаѓаме во овие краишта, решивме да ги извадиме селаните в планина, да се обучуваат. Околу 25 селани од Брајчино 2 дена ги учевме да пукаат со вистински патрони. Друтиот ден отидовме во Љубојно и селаните од ова село в зори ги извадивме в плаиина. Еден ден ги обучувавме, другиот ден влеговме в село. Некој нe забележал и не предал во (Наколец) мудурлук. Мудурот веднаш викна помош од Крани (арнаутско село) - башибозук, од Попле викна 100-тина души аскер, и од околните турски села викна околу 300-400 Турци и во текот на ноќта, додека ние спиевме, го опколиле селото. Нивната викотница сите не разбуди. Брзо станав, го дигнав пердето и видов низ прозорецот како Турците наседнале наоколу, по 10-тина души, по 5-6 души, во групи, запалиле огнови. И свират за да ги разбудат сите. Јузбашијата со 100-тина души влегува внатре и околу гостилницата ги викна - свештеникот, кметот и азите и ги праша дали е вистина дека во селото има комити. Тие одрекуваа, но тој ги однесе во една куќа во која имаше четници (беа поделени на 5 куќи). Ја опколија куќата, но селаните и натаму одрекуваа. Истиот јузбашија беше и во Избишта и таму спечали едно аферим, па со нетрпение чекаше живи да ги фати. Тој им одговори на селаните дека ако најде тука комити, ќе ги натепа и нив. Јузбашијата тргна кон куќата, ја скрши вратата, сакаше да влезе во дворот, но две пушки веднаш го легнаа. Свештеникот во таа ѓурултија избега во една куќа, порача да му донесат пушка, викна 10-12 селани со пушки и подготвени чекаа што ќе се случи натаму. Штом падна јузбашијата, битката се одвиваше околу таа куќа, сите Турци тргнаа кон неа, ги оставија и стражите.

Во меѓувреме ние се обидовме да излеземе низ селото, но домаќинот не советуваше да останеме внатре. Останавме. Не знаевме дали сме предадени, или само ќе направат обичен претрес, како и другпат. Кога грмнаа пушките секој фати место во куќата. Во меѓувреме една невеста ни донесе писменце од свештеникот кој ни ја соопшти состојбата и бараше упатства за натаму. Му одговоривме дека ќе чекаме мирно се додека другарите успешно се спротиставуваат. Му порачавме да им соопшти на другите села да дојдат на помош селаните од Штрбово, Брајчино, Герман и Дупени и да се прати известување во Наколец, кога ќе се стемни да се запали било куќа, било племна, за да се предизвика пожар. Се определи лозинката: Солун, одговор: Прилеп. Нашиот домаќин отиде во една куќа од која се гледаше опколената куќа. Една невеста ни носеше информации. До пладне Турците не можеа ништо да направат, зашто куќата беше со дебели и високи камени ѕидови. Беше веќе убиен и еден чауш и 3-4 војници околу куќата. Момчињата од внатре ретко пукаа. Се обидоа но не успеаја да ја запалат куќата. Во меѓувреме Турците наумија да влезат во соседната куќа и оттаму да пукаат, но и таму имаше четници. Дури и не им отворале, тие почнале да ја кршат вратата, а зад вратата момчиња со пушки. Штом малку отвориле, еден Турчин ја пикнал главата, пукнала пушка и го отепала. Се нафрлија и на таа куќа и битката и тука се засили. Ги опколија двете куќи. Не смееја повеќе да влегуваат во куќата. Го опколија целото маало и битката траеше до вечерта. И во третата опколена куќа имаше момчиња, но не се јавија. Уште не беше стемнето, а веќе запалија една племна близу првата куќа, а од неа се запалија черчевињата на прозорците. Другарите почнаа да гасат со расолница и со вино и ги изгасија. При гаснењето едно момче падна, друго беше погодено со куршум, поминал низ покривот и го удрил во стопалото (уште лежи ранет, доби гангрена). Убиениот е Христо од селото Арвати, стар четник кој го уби јузбашијата, а ранетиот е Геро, бивш кривенски коџабашија. Другите момчиња останаа здрави. Вечерта, околу 6 часот, со свештеникот се прибравме во една куќа, дојде уште еден дел од четата, такашто станавме 9 души. Имаше и селани, околу 12 души. На попот му порачавме да постави стража на неколку места околу селото, да видат која страна од селото е послободна. Жените направија сe што требаше и херојски се провреа низ башибозукот и аскерот. Тие кај свештеникот донесоа 12 селани, заедно со нивните пушки. И така во таа куќа беа собрани околу 40-тина - старци и деца. Од куќата излеговме еден по еден. Ја минавме среќно реката и на Турците им се доближивме од грбот. Тие не забележаа, отворија оган, но ние не им одговоривме. Скршнавме уште полево од нив, ја минавме реката и излеговме надвор од селото. Таму има ливади заградени со високи ѕидови. Прескокнавме 2-3 ѕида и се сместивме на последниот ѕид, зад Турците. Само што се распоредивме, се слушна глас, пукаат и викаат ура! 20-тина души, слегувајќи од планината колку на еден час растојание. Оган отворија и шчрбовци (10-20 души) зад нас, пак слегувајќи од планината. Лево припукаа и брајчинци, околу 25-26 души. Тоа многу не окуражи, та и ние отворивме оган од нашата позиција. Турците се изненадија. Опколените забележуваат дека дошла помош. Тогаш и прикриената трета група отвора оган, откако се преместиле во подобра куќа. Ние тргнавме во напад пукајќи, а Турците почнаа да бегаат. Дојдовме до реката, а Турците веќе почнаа да ги напуштаат сите позиции и да се пикаат во куќите по 40-50 души. Опколените момчиња ископале дупки и излегоа оттаму незабележани иако Турци веќе немаше. Момчињата потем тргнаа кон планината. Сите се извлекоа. Стасаа и брајчинци. Во селото се слушаа пукотници. Отидовме во Брајчино. Разбравме дека сите се спасени. Отидовме в планина и ги најдовме - 20-те души од 22-ца, 1 убиен, а ранетиот кога излегол од куќата сретнал Турчин кој го прашал кој е. Тој на турски му одговорил дека е аскер од комитите. Аскерот го викнал кај себе, а нашиот Геро, штом се доближил до Турчинот го отепал и тргнал в планина. Другиот ден селаните го качуваат на коњ и право во Штрбово, а оттаму дури во Ресенско, каде што и сега се лекува, местејќи се од село во село.

Тоа се случи на 20 февруари оваа година (1903), на велигденски пости.

Еден бимбашија, началник на жандармеријата, бил испратен од Битола да им помогне на Турците. Но, тој намерно се задржувал по селата па не стасал на време. Го осудиле за рушвет и може уште да е в затвор во Битола. Ова го разбрав од еден негов братучед - Турчин во Евла.

Отидовме во Герман. Лоши последици за Љубојно немаше; Турците од бес отепаа едно момче (на 23 години) кого го сретнале на патот. Старите и повозрасните беа повикани во Наколец. Таму ги советувале да не примаат повеќе комити во селото, зашто вториот пат ќе настрадаат. Во Герман тогаш влегов првпат. Тоа беше организирано според планот на Коте: тука имаше 30-40 пушки, но тоа беше малку. Немаше ред, немаше и голема приврзаност кон делото. И тука направивме собрание. Зборувавме долго и широко за делото и два дена по ред селаните излегуваа на вежба. Тоа се случи по настанот во Љубојно, кое е оддалечено 3 часа оттука.

Во Герман наредивме жените да ја одржуваат чистотата, зашто во спротивно ќе бидат строго казнети.

Почнавме посериозно да се грижиме за вооружувањето на селаните. Јас отидов во Нивици, а Кокарев замина по оружје во Костурско, од кај што донесе 15-16 оки барут и 500-600 патрони кои ги поделивме на 15-20 души. И во Нивици обучував, уредував. Преминав од западната страна на езерото и пак по селата обучував и организирав. Овде луѓето се гркомани, како и во Нивици и Герман. Во Герман ме прашаа дали да одат под егзархијата или да останат и натаму под патрикот? Им одговоривме дека нас тоа не нe интересира и дека можат да си останат тоа што си биле. Доволно е да бидат добри за делото. Слично и во другите гркомански села, никаде не го чепкавме тоа прашање. Се среди сe што можеше да се среди. Членски и воопшто парични прилози не воведовме, за да не помислат дека сме дошле само за пари зашто Коте сееше лаги против нас дека сме собирале пари. Оружјето сами го набавуваа. Дури нивичани, шуленци, горичани и др. посредуваа за набавка на оружјето - тие го купуваа и препродаваа.

Таа работа траеше до востанието, па и во неговиот тек. Обиколката по западните гркомански села - тие се до Стење - а потоа натаму на север до Болно, кај што повторно се сретнавме со Кокарев, траеше до пред Велигден. Потоа почнавме малку посериозно да се подготвуваме. Бидејќи не знаевме кога ќе почне востанието и за да нема изненадувања, на селаните им говоревме секоја куќа да има храна за 1,5 месец, вооружените да ја купуваат потребната облека и сл. Зачестија вежбите во планината. За таа цел четата се раздели на 5-6 секции, една отиде во Преспа по оружје, а другата ги обучуваше селаните.

Така продолжи до конгресот. На Велигден во Болно беа собрани 120 вооружени селани од 4-5 села (Царевдвор, Дрмени, Јанковец, Евла, Дупени) за да вежбаат в планина напад и одбрана, напад и отстапување, нишанење - стоејќи, на колена или лежејќи. Вечерта го опколивме Болно - вежбавме - влеговме во селото викајќи. Турците, небаре слепи - или ништо не гледаа или не сакаа да видат. Малку ризично, но сепак ги забрзавме подготовките.

По Велигдеи во селото Златари дојде Борис Сарафов. Пенчо го пресретнал и секаде кај што минувал правел големи собранија. Ги собрал селаните во Златари (Ресенско), а потоа минал низ Кривени, дошол во Лева Река, а во Леворешката Планина ги викнал селаните од Смилево, Златари, Кривенци, Лева Река, Круше - над 200 души и таму организирал маневри. Формирал два логора - едниот божем Турци, а другиот Бугари. Тие заземале една чука. Трчале цел ден и тоа по дождливо време. Оттаму Сарафов отишол во Смилево. Во тоа време јас бев во западна Преспа, по оружје. Со Сарафов првпат се видов на Конгресот. Известување за конгресот добивме 3-4 дена пред Ѓурѓовден, кога беше одржан. Отидовме само реонските раководители и војводите. Заповед за одржување на Конгресот даде Окружното раководно тело. Некои реонски раководни тела беа во затегнати односи со Окружното раководно тело, некои дури ја беа прекинале и преписката со него. И јас бев меѓу нив. Повеќето реони така постапија бидејќи Окружното раководно тело не беше добро запознато со четите, а наредуваше многу неумесни работи. Затоа се чувствуваше потреба, особено пред востанието, да се направи конгрес на кого освен планот за востанието нужно би се разгледале и односите меѓу Окружното раководно тело и реоните. Оние што го претставуваа Окружното тело немаа доволно авторитет зашто сe беше во рацете на четите, а на граѓаните почнавме да гледаме со подруго око.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина