Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Славејко Арсов

XII.

Трескавични подготовки во предвечерието на востанието. Како се набавуваше оружјето. Духот на населението. Последен распоред

19.12.

Кога четата оди од село в село и кога прави собрание во некое село, за да биде сe тајно, да не се забележи движењето на селаните им се соопштува да ги затворат кучињата за да не лаат. Исто се прави и кога излегува четата од селото.

Кога настрада Избишта, сите околни села притекнаа на помош и на настраданите сe им набавија - покуќнина, покривачи, им помагаа со рала, со коли за пренесување што и да е, и воопшто се покажаа многу човечни, се чувствуваа морално обврзани. Тие за тоа беа поттикнати од организацијата бидејќи таа дејствуваше охрабрувачки. Треба да се нагласи дека на четниците во четите, освен што им се даваше помош од касата, им помагаа и селаните во извршувањето на сите домашни и полски работи, дури и во плаќањето на даноците. Имаше случаи селаните сами да побараат четата да фати некои Турци во селото и да ги казни зашто напаствувале, па подоцна макар и да настрадаат. Така се случи во Елшани, со двајца Турци.

Пет-шест дена пред востанието Штабот беше на Боишка Планина (во Демирхисарско, близу до Смилево). Отидов да се видиме и да се договориме за еднообразноста на дејствата. Веќе имаше хектографирани расписи со кои се најавуваше востанието и во главни црти се кажуваше тактиката. Зборувавме за Ресенско, што може да се направи првата вечер. Јас се плашев дека нема да се дигне целото население. Штабот, напротив, веруваше во тоа, раководејќи се од она што го видел во другите реони. Се зборуваше селаните кои се без оружје да останат во селата со цел селата подобро да се зачуваат и да не бидат четите оптоварени. Откако се разбравме во однос на планот, ги зедов писмата определени за Ресенско. Меѓу нив имаше напишани и на труски јазик, наменети за Турците. Во нив пишуваше дека ние сме само против лошите Турци, а не против сите нив.

Пред да го дигнеме востанието имавме околу 400 оки олово леано за патрони. Селаните ги лееја сами в планина, во калапи со 2-3 дупки. Калапите во Битола ги правеше еден Чех, добар мајстор, но пијаница. Тој правеше калапи за да можат чаурите да останат раширени, за да послужат повторно. Имаше дупка за ставање на чаурата, имаше прибор за вадење на старата капсула, за ставање нова и сл. Сето тоа селаните го научија. Во реонот имавме 3 машинки за полнење и 4 машинки за леење, така што на 4-5 села доаѓаше по една машинка. Полнењето се одвиваше по центрите, а леењето на едно место - во планината Црн Врв (Леворечка Планина). Имаше посебно одредени селани за таа работа. Оловото се топеше во еден вршник и со ѓезве се ставаше во калапите. На крајот на востанието ни останаа онолку патрони со колку што и го почнавме. Имавме околу 25 оки барут, а потоа купувавме од турските војници 100-тици оки краден барут, така што не останавме без барут. И сега во Битола остана многу барут.

Патрони имавме околу 2200 за гра, потоа турски - за мартинките - и околу 600 патрони маузер, купувани од турската војска по 10-15; војниците еден патрон продаваа за 20 пари - грош за патрон. По битката во Избишта во чаршијата во Ресен се продаваа многу патрони, а по битката во Љубојно дури и цели сандаци. По секоја битка војниците продаваа, зашто никој не може да изброи колку испукале, дури и офицерите продаваа по цели сандаци.

Селаните пушки купуваа секаде каде што можеа. Турците им набавуваа главно за 2, односно 2,5 лири за пушка. Особено кога собираа регрути (редифи) одеа на обука во Битола (околу Божик) Турците ги продаваа пушките, за да остават на семејството некоја пара. Сите беа добро вооружени со грчки пушки гра, или со мартинки. Тие ги купувале по 2 меџидии, а ги продаваа по 2 до 3,5 лири пушка. Во почетокот селаните купуваа каква и да е пушка, не ги разбираа, но подоцна почнаа да избираат. Турците ги продаваа јавно. Се основаа турски комитети кои почнаа да им објаснуваат на обичните Турци дека прават голем грев што им продаваат на христијаните оружје и се закануваа дека ќе го убијат секој кој ќе го направи тоа. Кога Турчин продаваше пушка, а наш селанец му велеше да внимава тоа да остане тајна, Турчинот кажуваше дека тој самиот се плаши да не биде предаден. Затоа Турците подоцна многу повеќе ја чуваа тајната. Многу пушки снабдуваа арнаутите Тоски, од кои 4/5 се сектата „бекташлии". Тие пијат и вино и ракија, не се толкави фанатици и имаат повеќе човештина; не ги кријат жените од христијаните, не држат Рамазан.

Имаше еден од Кајларско (Леринската област) кој со една група од 10-15 души, носеше нови пушки од Грција. Ноќно време, тајно. По свои канали ги предаваа на роднини; во Грција ги купуваа по 1/2 (половина) наполеон, а нам ни ги продаваа по 2, па и по 2,5 наполеони. Ги носеа до селото Прешово, или до Рибарци (Битолско), а оттаму група граѓани кои ги праќаше Организацијата ги подигаше, откако ќе им платеше на Турците и тоа под услов четата потоа да не ги пресретне и да им ги земе парите. Тие веќе стекнаа доверба кај нашите и работеа како да се дел од Организацијата. Тие знаеја дека сите со кои се сретнуваа, работат за некоја група, поддржана од „московјанецот". Еднаш цела нивна група беше предадена од нивни луѓе и фатена од турските власти. На судењето ништо не кажаа, а по амнестијата беа ослободени како политички престапници и уште повеќе работеа за нас.

Една друга група, тие беа од Гегите, оружје носеше во Демирхисарско и Пиперката директно од нив купуваше. Тие од Грција носеа патрони, без куршумот; ќе го извадеа куршумот од патронот за да можат да пренесат повеќе, а Организацијата подоцна ги полнеше. Празните чаури, собирани од грчко-турската војна, во почетокот Турците ги продаваа на оние кои правеа ѕвонци, а потоа директно нам.

И групата на Гегите беше фатена. Им ги зедоа пушките. Тие беа 15-16 души, ги осудија на вечна робија, но по амнестијата беа ослободени.

Освен оружје, Организацијата купуваше и опинци, фанели, калчини, гуни, џамадани, појаси, за да има резерви за востанието.

Откако се разделив со Штабот, дојдов во Лева Река во вторникот, пред востанието. Испратив известувања во Кривени и Круше, вечерта да дојдат сите вооружени луѓе со сето оружје, како и сите мажи од 18 до 60 години. Се наполни со народ. На собранието им говорев во општи црти за востанието, но денот точно не им го кажав. Им реков само дека - наближува.

Одново направивме распоред на селските чети, подобрите момчиња ги ставив да раководат со групи, заедно со момчињата од четата.

Од секое село се издвоија „необработените", имено поздрави луѓе кои со секири ќе ја завршат работата што ќе им ја каже војводата. Сите - и вооружени и невооружени ќе и помагаат на четата за сe што треба. На сите им беше речено на домашните да им кажат востанието да го чекаат со кураж, машки да исполнат сe што ќе треба и најпосле секој да си набави сe што ќе му треба - главно облека.

Освен тоа им се кажа час поскоро да го соберат несобраното жито или брашно, определено за резерви на селската чета (од определените куќи по 1/2 кило жито по пушка) и да го скријат во дупките определени за тоа. Им се препорача сe да прават тајно. Се посака успех на востанието.

Потоа беа информирани дека потпоручникот Александар Панајотов во текот на востанието ќе раководи со четите од селата Сопотско. Златари, Крвени*. Леорек, Круше и Избишта. Со четниците определени за војводи по селата за планот се зборуваше посебно. Планот се состоеше во следното: тие 6 села да ја разурнат телеграфската линија од Ѓаватскиот Дервен до Буковскиот (повеќе од 30 километри); да ги урнат сите мостови на патот од Ѓавато до Буково и овде-онде да го разурнат и самиот пат. Се препорача вооружените да ги чуваат од напад оние кои ќе ги вршат тие работи. Им се рече: сите телеграфски столбови да се пресечат на 2-3 парчиња, а телеграфската жица да се отстрани, да не можат да ја најдат. За Круше се набави и отров за да се мавнат 16-те војници, кои преноќуваа во анот и во кулата до селото, на џадето („Крушечки ан"). Сe се реализира. По сето тоа им се препорача сите да заминат по селата, или над селата и, ако бидат нападнати, да се бранат, а соседните чети да им дојдат на помош. Исто така им се препорача да не водат долги битки, за да не ги потрошат патроните, а чаурите да ги собираат за ново полнење. На војводите им се посочи да водат сметка да не бидат опколени, да гледаат секогаш да имаат грб - „чист да е грбот"- како најважна работа, особено затоа што беа неискусни, па да не се занесат во битката и да го заборават грбот. А за таа работа - да опколат, Турците се многу вешти.

По сето ова се разделивме. Селаните беа возбудени. Тие се уверија во она во што не им се веруваше - дека ќе дојде време да се бијат со Турците. Им напомнавме да не очајуваат од неуспесите, да не чекаат помош од Европа и од кој било друг, зашто ние сe сами правиме. Им кажавме дека може и селата да им бидат запалени, како што се имаше случено во Смрдеш, Избишта и Могила.

Панајотов отиде во Златари, за да ги собере златарчани и сопотчани, да им го соопшти истото и како раководител да се погрижи да се отстранат сите недостатоци на четата. Војводите и четннците веќе знаеја дека востанието ќе биде на 20 јули.

Јас отидов во Болно. Тука го викнав помошното раководно тело: Коста Срезов, Андреја Наумов и Никола Љапчев (брат на Андреја Љапчев) - сите чорбаџии, како и двајцата учители - Славејко Срезов и Алекси Поп Ефтимов. Со нив се посоветувавме за употребата на пушките кои беа во градот (околу 200) и како да се извадат надвор од градот. Според нив, вооружените луѓе од градот со оружјето треба да излезат од Ресен првата вечер на востанието, да се соединат со четата, а потоа да бидат на располагање кога, според планот, ќе биде нападнат самиот град. Патем, можат да се запалат и некои турски маала и уќуматот. Тие не беа единствени дали да се нападне градот, сакаа да размислат, а некои предлагаа да се отстапи од планот. Им зборувавме, четите да бидат во тек со движењето и бројот на турската војска, колку што е можно поточно. Побаравме да ни достават аптекарски и преврзочни материјали, пред да почне востанието, а доколку има потреба за парична помош да покажат солидарност и да бидат подарежливи.

На 18 јули, петокот, откако си заминаа чорбаџиите од Ресен, во Болно викнав по двајца од селата Подмочани, Царевдвор, Дрмени, Езерани, Перово, Покрвеник, Евла и Дупени - им соопштив дека востанието наближи, дека останаа уште два дена и дека треба сe да подготват. Во селата да соопштат дека другиот ден (беше пазар) да купат во градот сe што е неопходно, особено опинци, сол и брашно. Тајната да ја чуваат. Тие сe пренеле и Ресен се наполни со толку селани, што пазарот бил како што не се помни: сол и опинци снемало од градот. Почнале селаните меѓу себе да продаваат. Турците само се чуделе, но не се сетиле.

Тоа на пазарот не се случило - таков алашвериш и толку израдувани селани.

Јас од Болно не можев да одам никаде. Останав тука и во неделата. Во саботата раководителите отидоа по селата: Кочо Кочовски (го убија во востанието, само тој е убиен), во своето село Подмочани, а Петруш Срезов - во Покрвеник (тој е роден во Ресен). Кон Перово замина Стефан, од Кривени, Јоше, родум од Подмочани, отиде да раководи во долна западна Преспа и тоа во целиот регион - од месните чети од селото Отешево до крајот на реонот - до Корчанско.

Истата вечер замина и Стефан Мешков (родум од Охрид) да ја раководи („евланската") чета и Никола, бивш учител (родум од Дупени) да раководите со дупенската чета. Со болнската чета раководеше Ставре Тасев (родум од Болно, опитен селанец). Спиро Олчев (од Дрмени) раководеше со дрменската чета, а Тале (од Златари) со царевдворската чета. Пере (од Јанковец), раководеше со четата од ова село.

За избишката чета беше задолжен Трифун (од Јанковец), а Јоанче (со прекар Гуле, родум од Круше) за крушечката; Спиро од Лева Река - за леворечката; Трајче (родум од Смилево) за кривенската; Георги Павлев (од Златари) со златарската чета; Панде (родум од Сопотско) раководеше со сопотската чета. Надолу, по Преспанско, имаше 8 чети со по 20-тина души во селата: Лескоец (12 души), Стење (21), Гораците (Горни и Долни - 20), Туменец (20), Глобочани (20), Шулин (16), Пустец (23), и Лесково (5 души). Четата на Јоше (20 души) раководеше со сите тие чети од долна Преспа.


* Печатна грешка: се однесува на селото Покрвеник

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина