Спомени - Пандо Кљашев

XV.

Полковник Јанков продолжува да внесува раздор меѓу селаните. Јавна полемика со Јанков. Јанков преку Грција оди во Бугарија. Војската се сместува по селата. Четите се делат на помали групи

28 април

По обиколката на селата во Пополе, околу 5-6 октомври, аскерот го открил Јанков на Бобишките стени (кај селото Бобишта). Дошло до битка во која Турците загубиле околу 30 души, а четата на Јанков имала само еден ранет. Неговите луѓе имаа манлихерки. Битката траела 3 часа. Јанков потоа се упатил во Корешта, кај што во близина на селото Статица случајно се сретнавме и случајно се прибравме сите во Кономлади. Таму тој пред селаните нe напаѓаше и нe навредуваше. Отиде до таму што бараше од селаните да нe предаваат и да нe убиваат. На четникот Кузинчев му предлагал да се вовлече во нашата чета и да ги убие Чакаларов и Кљашев. Тоа ни го раскажа самиот четник. Ни дојде и нам преку глава и сакавме да завршиме со Јанков, но не ни дозволија од Битола. По ова го задолживме Папанчев да ги собира пушките во Корешта.

Во Д'мбени дојде Иван Попов. Го задржавме 2-3 недели за да го запознаеме со селаните.

Околу 12 октомври во Леринско го испративме Папанчев, бидејќи таму се покажа потреба за зачувување на состојбата, по убиството на војводата Дине Екшисулијата во Крушоради, а кое се случи по убиството на Марко.

Јанков ги обиколуваше селата во Корешта, а Гајков остана во близина на Загоричани, кај што околу 18 октомври повторно имаше битка. во која Турците имаа 4 мртви, а Гајков немаше ниедна жртва.

На 22 октомври Чакаларов, јас и Попов бевме во Смрдеш. а четата ја водеше Митре Влашето. Тука го сретнавме Јанков кој, по обичај, пак навредуваше и лажеше тврдејќи дека Чакаларов од Врховниот комитет добил 5000 наполеони за делото, дека ги злоупотребил заедно со некои 700 лири од Загоричани итн. Селаните кога ги слушнаа тие работи сакаа јавно да се сретнеме и да се објасниме пред народот. Средбата беше договорена за 24 октомври, во Косинец. На неа требаше да присуствуваат 20 селани од раководните тела од Д'мбени, Косинец, Лобаница, Смрдеш и В'мбел. Прв зборуваше Јанков. Тој сметаше дека никој не може да му го земе правото да се бори за својот крај и за народот, дека никаква внатрешна организација не може да му наложува да ја слуша и да й се потчинува, дека внатрешна и надворешна организација нема, туку имало само лични судири, дека луѓе пратени од Делчев се примаат, а оние пратени од Врховниот комитет не се примаат... Потоа изнесе низа самоволни оценки за Организацијата и најпосле се сврте кон селаните и ги праша дали тие сакаат тој да работи, зашто тие се сe - тие ги хранат четите, ги кријат, поради што тие треба да им наредуваат ним, а не обратно итн. итн. - надроби уште многу работи. Го заврши своето зборување без да ги спомне нападите и клеветите на сметка на Организацијата, особено на Чакаларов. Потоа зборуваше Чакаларов. Откако им објасни на селаните дека постои Внатрешна организација, дека таа може да ја наложува својата власт на сите и дека секој кој влегува во Организацијата од каде и да е, треба да го почитува нејзиниот устав. На крајот Чакаларов праша за клеветите кои ги ширеше Јанков, а најмногу за злоупотребата на некои пари. И откако појасни дека нему лично од Врховниот комитет му биле дадени само 25 наполеони, за кои има потврда и за кои му доставил сметка на Делчев и дека никакви пари не собирал по селата, освен третината од потврдите за кои има сметка, го замоли Јанков да донесе сведоци за да потврдат за злоупотребените пари во Костурско и да докаже дека тој земал 5000 наполеони од Врховниот комитет. И, ако Јанков докаже дека тој ги зел тие пари од Врховниот комитет, Чакаларов ќе му поднесе сметка за нив.

Јанков одговори дека никогаш не рекол оти Чакаларов зел 5000 наполеони од Врховниот комитет, но дека слушнал оти Комитетот имал некаква сметка со Чакаларов, а за злоупотребите по селата рече: „Така бе, брате, сум слушнал дека така зборуваат", а тој и за тоа не зборувал. Чакаларов донесе двајца сведоци да посведочат дека Јанков зборувал такви работи, но тој и пред нив одрекуваше. Бидејќи Јанков не можеше ништо да докаже за сe она што го зборувал по селата, селаните се убедија дека сето тоа било од злоба и молеа да се заборави што било и да се смириме. По ова Чакаларов го обвини Јанков дека, според кажувањето на Петар Погончев, тој на костурчани во Цариград им зел 400 лири. Јанков се сврти кон Погончев, но тој тоа го потврди. Тогаш Јанков се раскара со него и призна дека зел околу 150 лири и дека му ги дал на Врховниот комитет. На крајот од собранието не излезе ништо и бидејќи на Јанков му беше страв да остане со нас, стана да си оди. Кога излегуваше селаните го прашаа: „Што сега, каков е крајот?" Јас одговорив: „До никаков крај нема да дојдеме додека овие господа не ја признаат и не й се потчинат на Внатрешната организација". Гајков, кој се прибра кај Јанков, одговори; „Ние сме луѓе на Врховниот македонски комитет", на што јас му одговорив дека ние сме луѓе на Внатрешната организација, која ќе знае да ја наложи својата власт. На ова Јанков почна да вреска дека тие биле луѓе на Врховниот македонски комитет, избран од целиот бугарски народ и признат од цела Европа. Кој не го признавал него, тој (ја заниша пушката)... Чакаларов му се обрати на Гајков: „Не мисли дека пилиња ќе бркаш, зашто јас имам бир-парче брада, зашто додека кажуваш ова-она, јас ќе завршам со тебе". Со тоа заврши средбата. Излеговме сите и секој отидовме во свој правец. Во Д'мбени Јанков повторно се расправал со учителот Кирјак Трповски кој ги убеди селаните да не одат по Јанков, па неговата чета не ја примија во селото, туку само тој со 5 души.

Оттука Јанков отиде во Нестрамско, а потоа во Грција. Во Атина се сликал со двајцата најголеми предавници кои работеа за грчката власт и поради кои настрадаа многу наши луѓе, меѓу кои и Ив. Попов.

Јанков замина, но го остави П. Гајков со 7-8 души да сее раздор во реонот. Другите четници на Јанков му се придружија на Коте, кому тој му ја даде манлихерката. Коте ги однесе до граница, а Јанков од Грција отишол во Софија.

Во Косинец за водач на четата, која по заминувањето на Папанчев ја водеше Митре Влашето, го одредивме Попов.

Кога дојде зимата, аскерот се смести во селата - за да може да ги собере пушките и да го уништи Комитетот. Во Смрдеш имаше 120 војници, во Рула 70, во Поздивишта 90, во Кономлади 110, во Вишени до 150 души; во Загоричани од 150 до 200 души, во Костур 500, во Хрупишта 300, во Нестрам 100 и во Биглишта 200 војници. На овој начин беа блокирани главните пунктови, па движењето на четите не беше можно. Падна и снег и престојот во планините исто не беше можен, а во селата, како што реков, групното движење беше крајно отежнато, зашто турската војска во една ноќ обиколуваше по неколку села и ја претресуваше, речиси, секоја куќа. Од студот, при ноќните марширања многумина од аскерот измрзнаа и се разболеа.

За да не ја загубиме четата во некоја бесмислена битка во тие ташки услови создадени од глупостите на Јанков, решивме на 3 ноември да ја поделиме на помали групи кои ги испративме на неколку места по селата. Пред тоа им јавивме на селаннте да направат скривници, во случај на опасност. Тоа беа дупки, ископани во земјата, надвор од куќата, со отвор за воздух. Во скривницата се влегуваше од внатре, низ зимникот.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина