Спомени - Славејко Арсов

VII.

Првата мобилизација на селскаша вооружена милиција во реонот

Наскоро се даде можност да се провери сето тоа, да се провери во практиката борбената подготвеност на селаните. Тоа беше пред Божик, околу 10-12 декември. Стаса известување дека демирхираскиот војвода Пиперков е опколен од Турците во селото Брезово, Демирхисарско, во една куќа. Таму се нашол по некоја работа. Пиперков бил со 12 души, поделени во 3 куќи. Писмото го добив во селото Дрменци, каде бев со четата по работа (Ресенско). Од Брезово тоа е оддалечено 15 часа. Веднаш им јавив на момчињата да се подготват за да одиме да помогнеме. И момчињата од Дрменци сакаа да дојдат и да помогнат, но не ги зедов, зашто Ресенското раководио тело ме извести дека порачало помош во крајбигленските села и дека ќе можам да ги најдам во селото Златари. И навистина тука најдов 80-90 души со оружје, кој колку што можел да се вооружи, да се облече и да се подготви за пат. Облеката и оружјето им беа оригинални: едни беа во полна четничка униформа - во поход не се носи фес, па носеа капи, или главите им беа просто врзани со шамии, а мнозина беа гологлави (моите момчиња во текот на востанието повеќе беа гологлави и со порасната коса); други без колан, без патрони (патроните ги чуваа во торби, или в џеб, или врзани в крпа), без ранци, некои без појас, ја зел ја не зел гуна, некој бос. Јас ги прегледав, одбрав 50 души, ги подготвив и тргнавме низ Бигла. Газејќи снег до појас, со големи маки, со забрзан марш, дури трчајќи стигнавме во Смилево. Сите беа бодри и доброволно ги поднесоа сите мачнотии на патот. Во Смилево го најдовме Сугарев со околу 50 души, собрани од Цапари и Ѓавато и тие оригинално облечени. Смилевци, околу 150 души, повеќето вооружени со гра, како и другите и подобро облечените беа се собрале веднаш откако биела камбаната. Цела ноќ во сите куќи светеа ламби. Сите беа возбудени. Првпат се собираа од тие места - Битолско. Ресенско и Долни Демирхисар за да ја ослободат опколената чета. Кога стигнавме во Смилево, некои од моите четници имаа желба во селото да влезат со „ура" (слушнале дека во Бугарија кога војуваат војниците викаат „ура!"). Јас им дозволив и на нашето „ура!", собраните во Смилево одговорија исто со „ура!" Утрото само што тргнавме, околу 80 души на број, првата чета и жените нe испратија крстејќи се и благословувајќи нe -пристигна известување дека Пиперката успеал да се извлече. Пиперката бил олколен со тројца четници, од кои двајца болни. Успеал да се извлече во текот на ноќта, кога најпосле ја фрлал и печката, полна оган, пред тоа фрлал перници, ќунци и сл. Турците мислејќи дека е човек постојано пукале, а откако ја фрлил печката ги испразниле пушките во неа. Пиперката во тоа време со здравиот другар пробил пат низ нив и дошол самиот во Велмевци, од кај што стаса известувањето. Кога разбравме за тоа, се вративме во Смилево, останавме дента и вечерта ги вратив своите селани назад, задржувајќи ја само својата чета. И Сугарев го направи истото. На располагање ги имавме уште смилевци и сите села во Демирхисарско низ кои ќе минеме ако има потреба. Повторно стаса известување дека Пиперката пак е опколен во Велмевци. Брзо тргнавме на помош со Сугарев и со селаните од Смилево и со нашите две чети. Дојдовме до Боиште. Таму селаните ги најдовме подготвени, нe чекаа. Ги зедовме и отидовме во Вирово. Селаните од Вирово, 25-26 души, веќе заминале на помош. Кога стасавме во Вирово, се наредивме по куќи (бевме вкупно 70 души: од Смилево 30, од Боиште 15, јас имав 12 свои четници, Сугарев 20). Се раздени. Чекавме нови известувања и во текот на денот се разбра дека Пиперката и тука се ослободил, се извлекол од селото незабележано, кое било опколено од потерата. Но кога потерата го напуштила селото, Пиперката се вратил назад. Во тоа време стаса помош и од Охридско: поп Христо, од Велгошти, војвода на Езерската чета (Охридско) и Тасе, војвода од Горна Дебарца, село Караорман - караорманската чета, и Дејан, војвода од Дебарца (тамошните чети сe уште се командуваа од градот). Дејан останал во Брежани, а поп Христо и Тасе со 100 души дошле во селото Големо Илино и застанале тука. Ние ги распуштивме четниците, јас ги задржав своите 6 души, а Сугар 8 души, та со 15-мина отидовме во Велмевци, кај што ги најдовме собрани сите момчиња од четата на Пиперката и Пиперката, поп Христо и Тасе.

Порано им се кажуваше на четниците дека кога еден дел од четата ќе се најде во опасност, другиот дел е должен, дури и по ризик на својот живот, да им помогне на опколените. А кога е опколена цела чета, четите од соседните реони се должни да дојдат на помош. Во случајот со Пиперката не беше исполнет првиот услов. Пиперката беше незадоволен од своите другари и тоа го кажа пред нас, војводите барзјќи да се казнат повидните, старешините (старшиите), кои се одговорни за оние кои се со него в куќа. Една група била под раководство на дедо Андреј од Црско. а другата на Тодор, од Белица (Кичевско). Ние ги викавме сите четници на Пиперката, еден по еден, ги испитувавме зошто не му притекнале на помош на Пиперката. На крајот излезе дека има прилично вистина во жалбите на главниот. Највиновен излезе Тодор кој порано не ја почитувал дисциплината на четата. Го осудивме на смрт, ја испративме пресудата на одобрување во Окружното раководно тело во Битола, таа се потврди и казната се изврши. Во тоа време минувавме низ Демирхисарско (во Големо Илино, Мало Илино. Базерник, Вирово, Боиште и Смилево). Потврдата на пресудата пристигна на 28 декември. На 26 декември јас бев заминал во Ресенско. Пресудата ја извршила четата. Го извадиле пред четата, Пиперката ја прочитал пресудата и момчињата го застрелале.

Недостатоците во оружјето и облеката на селаните, откриени во походот за помош на Пиперката, беа повод Организацијата да соопшти дека оној кој мисли да се бори за слободата не е доволно да има само пушка, но дека треба да има и други работи: патрони, колан, ранец, опинци, појас, бечви - пантолони од шајак (арнаутска форма) - гуна и др. Таа агитација имаше влијание и наскоро се забележа дека селаните се снабдуваат со тие работи, Беше забележано дека и со оружјето не знаат добро да ракуваат. Се бараше кога четата е в село да доаѓаат селаните вооружени и да се обучуваат во наше присуство. Тоа се правеше со голема ревност. Овде се слушна дека во Солун се правел некаков нов устав за четите.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина