Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Славејко Арсов

VI.

Арсов во Преспанско. Полковникот Јанков кај војводата Коте. Арсов се враќа во Ресенско. Засилување на револуционерната организација во реонот. Мерки на четата против битовите и економски однесувања на народот, против традиционалните обичаи и навики

Во почетокот на септември, точно во текот на гроздоберот, заминав за Преспа, во околината на селото Рајца, на југ, од двете страни на Езерото. Во Преспа духот на населението беше послаб, отколку духот што го затекнав во Ресенско. Се беа сретнувале со четите повеќе во делови, но не го разбрале нивното значење, а четите, организирани по старата тактика, не се покажувале пред сите селани, така што селаните нив ги сфаќале повеќе како „јатаклук". Сепак, постојаните чети од околните реони и кај нив го разбудиле љубопитството понепосредно да се запознаат со нив. Ми се отвори работа. Прво, отидов само до селото Герман, зашто таму имаше шпиони, кои требаше да се ликвидираат.

Во Ресенско, како и по други места, семето на Организацијата се сееше од градот Ресен, од посвесните жители, прошетани по туѓи земји. Одделни личности се посветуваа на делото. Прво, кога дошла една костурска чета со војводата Петров (6-7 души). поминала на брзина низ селата во Ресенско, се сретнувала со 5-6 души во секое село.

Потоа, Стојан Донски со четата од Битола успеал да се сретне со повеќе луѓе од секое село, но тајно едни од други. Тие чети минале и низ Преспа, но малкумина се прифатиле за делото зашто мнозина заминувале на гурбетлак и главно биле бичкиџии и живееле в планина, поради што и останале прости. А ресенчани оделе и во подалечни градови, особено в Цариград, што ги направило поотракани.

Во Преспанско луѓето се попрости отколку во Ресенско и во куќите и во чистотата на живеалиштата (царот на вошките е таму, додека во Ресенско, напротив, луѓето се многу чисти и нема вошки) и во храната (сув леб!). Луѓето се суви, жолти, бледи - пропаднати. Кога Петров дошол во селото Герман (гркоманско село со 150 куќи, 50-тина куќи се отцепиле и преминале во егзархијата), по покана од бугарскиот учител Велјан Илиев (родум од Смилево) направил собрание со селаните, на кое бил и кметот. Им се објаснувало делото како општо за сите, а не само бугарско. Некој им јавил на Турците, почнуваат прогони и апсења, учителот бега (псевдонимот му беше Пенчо) во четата на Никола Петров во Охрид и станува одличен деец. Јас сега требаше да ги казнам шпионите кои ги предадоа учителот и другите. Тоа беа кметот, селскиот свештеник и др. Предавството се случило 1901 година, во јуни. Во селото се врткавме околу 6 дена, скриени во една воденица, но не успеавме. Се вративме назад во Ресенско. Дојдов во селото Љубојно (во средината на септември) и дознав дека Јанков дошол, дека имал расправии со костурските чети, имено со Чакаларов, Кљашев и др. дека имал намера да го запали Лерин и дека имал намера да се повлече во реонот на разбојникот Коте, во кого нашол заштитник. Коте ја обиколуваше Долна Преспа (Медово, Герман, Опаја, П`пле, Рудери, Нивици и др.). Тој не го чепкаше народот, не бараше „членски прилози", но земаше кај што можеше. Не го притискаше населението премногу за оружје, а само им викаше: „купете си пушки"! Населението немаше ништо против него. Тоа што ќе го украдеше си го земаше за себе. Момчињата му беа повеќето дезертери од костурскиот реон. - Јас не се видов со Јанков. Не ја знаев, всушност, работата и не знаев зошто дошол Јанков; си мислев дека е добро да го придобијам човекот за делото бидејќи сметав дека еден офицер, полковник, може да ни биде полезен. Си мислев дека ако се покаже сомнителен, лесно ќе можеме да го отстраниме. Раководен од такви намери, му пишав ако сака да дојде во Љубојно, но не со повеќе од 10 души, зашто поголема чета не може да се скрие. Ако пак се плаши (слушнав дека се плаши од нас), му предлагав да дојдам самиот кај него и да го донесам во Ресенско. Тогаш Јанков бил во Бесвиње; не добив одговор. Јас се враќав назад во Ресенско и во Курбиново ме стасаа 7 момчиња, отцепени од неговата чета, со пушки манлихерки (тројца беа родум од Ресенско, четворица од Кичевско). Ги распрашав и дознав дека многу го симпатизираат Јанков; се жалеа дека учителите во Костурско му пречеле на Јанков да дејствува. Се чудеа зошто е така. Потоа Јанков се нашол во безизлезна положба и подоцна им зборувал дека ќе оди во Грција да организира некакви канали со Коте. Го напуштиле затоа што сакале да си одат во родните краишта. Јас ги прифатив тројцата кај себе, а другите четворица си заминаа во Кичевско. Повторно му пишав и му пратив писмо, но одговор не добив и така не го видов Јанков.

13.12

По враќањето во Преспа од Ресенско, видов дека тука е потребно револуцијата да се организира како и во другите места. Направив собрание во Љубојно, во Брајчино, Штрбово, Сливница, Курбиново, Претор и Рајца. Им го објаснив делото, поставив раководни тела, им определив членски прилози. Им се зборуваше за чистотата. Им наложував да си купат оружје, зашто останале назад за разлика од околните реони. Се чинеше дека селаните во сите села беа задоволни од посетата на четата, го признаа своето заостанување во делото и ветија дека брзо сe ќе надоместат.

Кон крајот на септември бев во Ресенско. Слушнавме за востанието на Цончев, но само патем, па не ни остави впечаток. Не сфативме дека во Џумајско се случило суштинско востание, туку нешто како локална бркотница, такви судири на чети имаше и во други реони. Окружното раководно тело во Битола било во тек со сета работа, но сметало дека не е потребно да нe информира.

Се зафатив со проверка, дополнувања и поправки на сe што дотогаш беше сработено од мене по новиот ред на Организацијата. Се уверив дека луѓето добро ги сфатиле упатствата кои им беа дадени и дека купиле доволно оружје - во секое село имаше по 5-10 ново-купени пушки, а и старите се чуваа во исправна состојба; ги чуваа на места посебно направени за таа цел, на пример, во ѕид специјално ископан и премачкан, со една дупка. И воопшто, се правеа скривници. Сериозно ја сфатија и стражарската служба; при доаѓањето на четата стражата не се помрднуваше од своето место се до заминувањето на четата. Сe што се случуваше во селото се сооопштуваше пред четата. На секое собрание, се формираа по 10-15 групи за пресудувања за приватни спорови: кавги. тепачки, грабежи, недоразбирања меѓу маж и жена; одговараа оние кои проговориле нешто за Организацијата в село или в град; одговараа и оние кои работата не ја завршиле точно како што налагаат правилата, на пример, писмото не го предал кај што требало или го предал многу јавно и сл. Ја беа почувствувале ползата од Организацијата која порано ги уништи разбојничките чети на полјаците поради што сега веќе се чувствуваа послободно. Гледајќи дека делото се грижи на секој начин да им помогне, почнаа да се обраќаат на четата со молби да им помага и против некои граѓани-експлоататори, на пр. лихвари и слични за да се ослободат од економското поробување. Во такви случаи четата им даваше упатства, на пр. да не даваат повеќе од 20% (а им земаа по 60%, па дури и по 100%), а доколку заемодавците се жалеа во судот, четата се вклучуваше во решавањето на тој случај. И заемодавците омекнаа и од страв почнаа да се однесуваат учтиво кон должниците. Дури престанаа и да даваат заеми. До Божик сите земања и давања на вересија во Ресенско престанаа. Трговците, очајни, веќе не даваа на заем. Сите селани работат во Цариград; меѓу тој што е в Цариград и на пр. жена му посредуваат чорбаџијата кој е во Ресен и неговиот претставник во Цариград. Претставникот зема пари од селанецот кој работи во Цариград, ги препраќа до чорбаџијата (брат, татко, роднини) а тој на жената од селанецот ги праќа кога сака, а често ги дава како свои пари. Сиромашниот работник никогаш директно не соработува со своите. Жена му, бидејќи има потреба, зема од чорбаџијата, а тој си става лихва колку сака. Имено, на таквите лихвари и трговци ние лично или преку раководното тело им јавивме дека, доколку своите клиенти ги дадат на суд, ќе одговараат пред нас. Освен овој вид помош, луѓето самите посакаа да се ослободат од некои непотребни и скапи луксузности во носијата: кадифе, коприна, срма, парични накити, црвило, белило. Жените од Ресенско, бидејќи без мажи (мажите седат во Цариград 4-5 години), имаа обичај да се натокмат, да се набелат и така променети, без никакви поводи да одат во групи во Ресен, да се сретнат со познати, да прокупат нешто, така што Ресен се претвори во женски пазар. Достоинството кај жените страдаше, а суетата се развиваше. Затоа мнозина побараа да се стави крај како на луксузот во облеката, така и на белењето, на црвењето и на честото одење на младите жени в град. Во согласност со тоа, од градското раководно тело се издаде писмена заповед, потпишана од мене, со која се забрануваше одењето в град без работа кој и да е ден во седмицата, освен по многу важна работа и тоа со претходна согласност од раководното тело во селото. Тоа се однесуваше за сите жени. Се предупредија дека во градот има одредени луѓе кои ќе ги следат. За кусо време се навикнаа да бараат дозвола, а обично ги задолжуваа постарите жени да одат да им пазаруваат. Белењето и црвењето престанаа. Фатените се казнуваа со по шамар-два првиот пат, некои со 4-5 гроша казна и сл.

Во Ресенско обично се мажат во текот на есента. Често се случуваше свршена мома да ја остави младоженецот најмалку до следната есен неземена. Со тоа се нанесуваше удар на момата и на семејството. Еден случај даде повод Организацијата да се замеша и во тие работи и тоа на страната на онеправданата. Дојде една мома во Дупени; беше ја оставило момчето и веднаш со друга се свршило. Момата веќе не можеше да оди во уќуматот, зашто нема да ја пуштат селските првенци, а за да оди кај архиерејскиот намесник треба да троши пари. Таа одлучила да й се обрати на четата; ги донесе даровите од момчето (прстен, една меџидија пари и една крпа), ги стави пред мене и изјави дека дошла да си ја брани честа и дека ја моли четата да ја заштити, зашто се уверила дека „нашиот уќумат" (четата) правилно пресудува. Се повикаа момчето и татко му, се разгледа проблемот и во присуство на селското раководно тело, момчето се осуди на казна од 4 турски лири за момата и по половина лира во двете каси - во Дупени и во Езерани (од тоа село беше момата). Момчето, колку што се сеќавам се викаша Коте или Коче.

Таа вест се разнесе низ целиот реон и сите онеправдани на тој начин и се обраќаа на четата. Имаше и казни со тепање, кога некој не сакаше да го исполни решението. Еве уште еден сличен случај: Ефтим Поповски, од селото Болно, беше верен со една мома од село Перово. И тука заврши со казна. Во црквите се раздаваа многу непотребни работи: јадења кога некој ќе умреше, за задушница, за служба, на празнични денови; се колеа цели овни и се раздаваа, вино ракија и сл. Таму често се опијануваа и помените завршуваа дури и со тепачки (раздавањето за душа). Тие обичаи чинеа најмалку 10-15 гроша за секое семејство, згора на тоа и пијанствата и тепачките. Со една заповед тоа сосема се прекина и се востанови да се раздава само жито (во една чинија), нафора за свештеникот и зејтин со свеќи за црквата. Се побунија некои бабички, но брзо се смирија. Тоа се случи околу Митровден минатата година (1902). Со носиите и парите, накитите се случи истото. И во другите реони се постапи исто: за раздавањето имаше забрана и во Охридско. Оние што не почитуваа се казнуваа со пари - од 100 пари до 5 гроша. До наредното собрание често одредените казни се простуваа така што луѓето беа задоволни.

Точно по Митровден се береше тутунот.

Турците садат тутун. Турчинот ќе го собере, ќе го исуши, ќе го здроби, ќе го направи по 1-2 оки, и откако ќе земе десетина пакети, оди во селото и остава по 2-3 пакети по куќите, без да праша и без да бара пари или да се пазари за цената. По некое време тој ќе се јави или в село или пред селанецот кога тој ќе дојде в град и ќе бара пари од него за тутунот онолку колку што тој тогаш ќе одреди. Сите протести од селаните не помагаа, тој требаше да плати, инаку ќе настрадаше. И никогаш тутунот не се плаќаше помалку од 8-10 гроша за ока.

И на тоа зло му се стави крај откако се забрани да се прима од Турците „качарма" (контрабанда) тутун. И Турците се воздржуваа да го направат тоа на сила. Жените им го фрлаа назад тутунот викајќи дека ќе им го растурат - „не ви го сакаме" и сл. И така и тоа престана. Почнаа сите да пушат тутун по 10 пари едно пакетче - од компанијата. Компанијата се чудеше од каде дојде таа нова навика на големо арчење тутун од селаните кои пред тоа воопшто не трошеа тутун од нив. Ние намерно пуштивме глас дека имало случаи на труење од тутунот-качарма. Тоа се одрази и во градовите каде исто така престанаа да пушат контрабанда тутун. Тоа лошо се одрази по кесињата на Турците, произведувачи на тутун, поради што компанијата го плаќаше по 3-4 гроша оката. Поради тоа се внесе голема омраза меѓу Турците и Бугарите. Им остана тутунот непродаден, а компанијата даваше ниска цена.

По селата одеа Турци-Арнаути со алва и боза. Требаше и тие да се отстранат зашто не се знаеше нема ли точно тогаш во селото да биде четата па да ја откријат. Затоа, со согласност на татковците, се пушти глас дека во алвата има отров и децата ги плашеа велејќи им дека во алвата имало „отрувачка". Цркнаа речиси и тие алваџии по селата, зашто се сновеа по цел ден, а не можеа да земат ниедно јајце (се купуваше со јајца). Се жалеа алваџиите во градот, дека не им се арчи алвата, дека нешто има во селата, дека децата зборуваат за отров и сл.

Уште претходната пролет Организацијата презеде мерки да се премавнат ангариите и работењето во празници. На работа одеа само жени и моми. Но тоа тогаш не се спроведе целосно секаде. На сите наши им се нареди кај Турците да работат за пари и тоа: жетва, гумно, копање пченки и сл. Последната пролет тоа се случи секаде. Тоа беше нужно за Организацијата за да не се предаде нешто во преголемото општење со Турците. Турците тоа силно го почувствуваа и сфатија дека тука има „ѓаволска работа", дека комитетот тука нешто прави. Селанките почнаа да откажуваат под разни изговори, а Турците не можеа со сила да ги натераат. Со тоа се стави крај и на развратот што Турците го сееја меѓу женскиот свет.

Се забрани да се купува што и да е од Турците, макар тоа било и поевтино. Никој не смееше да влезе во турски дуќан или турска сергија. Во Ресенско има 100-тина дуќани кои се одржуваа со ситна трговија (сергии) на зеленчук, овошје, опинци; потоа бакалите, берберите. кафеџиите. Почнаа да гладуваат тие Турци; не можеа да си објаснат од каде дојде бојкотот. Во Битола во целиот реон им беше забрането да купуваат од Евреите во градот и тоа се спроведе добро. За да се следи извршувањето на тие заповеди, беа ангажирани сите раководни тела. Помнам еден случај: еден селанец купил јаболка од еден Турчин и веќе ги ставил во торбата. Минуваат други селани, а еден го влече одзади и му вели: „а-бе не знаеш ли што ни наредија в село"? И селанецот се присетува, му ги враќа јаболката на Турчинот велејќи дека не сака такви јаболка и сл. Турчинот се налутува и му удира шамар, селанецот му го враќа ударот и почнува тепачка за јаболката. Такви случаи има многу.

Селаните почнаа да вежбаат со оружјето, без да пукаат. Се собираа понекогаш од неколку села вооружени по 4-5 луѓе во едно село за да се сретнат и да се уверат дека луѓето веќе не се плашат да носат оружје. Се обучуваа по 4-5 души наредени, почнаа пообучените да ги обучуваат другите - по цели ноќи, и кога ја немаше четата в село. Им се зборуваше дека се должни кога четата ќе се најде во некоја опасност да дојдат на помош, или да спасат некое село и сл. Да докажат дека во народот има херои, дека четата не е разбојничка, за да се сепнат Турците.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина